Многумина велат дека негрижата за здрава и чиста животна средина кај нас веќе одамна е „хронична болест“, која граѓаните ја прележуваат без вакцина. (Не)решавањето на проблемот со канализацијата и (не)регулирањето на отпадните води со децении се ноќна мора за битолчани. И не само за нив. Целосна канализациска мрежа немаат ниту другите поголеми градови во државата, а да не зборуваме за помалите места и населби.Фрапантно звучат податоците дека покриеноста со канализациска мрежа во државата сѐ уште е на многу ниско ниво. Па, така ли ќе одиме во Европа?
Додека во последно време, со доаѓањето на есента, кога од Комисијата за заразни болести и од Министерството за здравство (пре)порачуваат разни мерки за тоа како граѓаните и државата треба да се справат со есенскиот ек на коронавирусот, за да се намали бројот на заразени од ковид-19, кај нас многу ретко или сосема малку се зборува за тоа како во наредниот период, кога ќе почне грејната сезона, ќе се заштитиме од „пандемијата“ со загадувањето на воздухот, кое сигурно повторно нѐ очекува. Но не е проблем само загадувањето на воздухот. Многумина велат дека негрижата за здрава и чиста животна средина кај нас веќе одамна е „хронична болест“, која граѓаните ја прележуваат без вакцина. За последиците од таквото „хронично заболување“ никој не знае, бидејќи, за разлика од коронавирусот, каде што секојдневно сме сведоци на објавување на бројот на заразените и на бројот на починатите, за жртвите од загадувањето кај нас одамна не се води никаква статистика.
Кога станува збор за загадувањето на воздухот и здравата животна средина, во државата многу малку се прави за нејзино подобрување. Напротив, сведоци сме дека токму граѓаните со своето однесување и постапки во најголема мера ја загадуваа(т) животна средина, а локалната самоуправа со своите инспекциски органи многу малку прави за да ги санкционира. Постојат голем број примери за загадување на животната средина. Деновиве на седницата на Советот на Битола дури не беше ставена ниту на дневен ред точката за загадувањето што го (на)прави една фирма, која со отпадните материјали што ги испушта во реката Драгор предизвикува голема смрдеа.
Така, додека битолските власти, сите без исклучок, со децении се преокупирани со водење „високи политики“ и организирање разни форуми, трибини, научни симпозиуми за „големи теми“, еден огромен дел од Битола буквално нема канализација, па реката Драгор е вистинска септичка јама, која ги собира сите фекалии и отпадни води.
И додека локалните власти „стрпливо“ го чекаат денот кога ќе се зафатат со решавање на овој проблем, нестрпливите граѓани и инвеститори ги реализираа(т) своите идеи и проекти и одамна ги изградија своите објекти за живеење и за бизнис. Па, така, во потпелистерието, особено во селата Магарево, Трново, Нижеполе, никнаа стотици викендички за живеење и десетици ресторани и стопански објекти. Во ситуација кога не е решен проблемот со канализацијата, граѓаните своите санитарни јазли ги приклучуваат во импровизирани септички јами, кои подоцна се слеваат во Драгор. Некои, пак, не го прават дури ни тоа, па своите цевки директно ги спроведуваат во реката Драгор.
Кога станува збор за овој проблем, најалармантна е состојбата во потпелистерието и кај селото Нижеполе, каде што на диво се изградени стотици нови викенд-куќи, голем број хациенди, неколку ресторани и десетици стопански објекти, но никој од нив го нема решено проблемот со канализацијата. За иронијата да биде поголема, проблемот со отпадните води со децении го нема(ше) решено ни Детското одморалиште на Пелистер, кое со години е затворено, ниту, пак, хотелот „Молика“, кој минатата година прослави 25 години од изградбата.
Колекторскиот систем, кој со децении се најавува дека ќе биде изграден на Пелистер, сѐ уште тапка во место. Тоа што годинава почна изградбата на пречистителната станица на влезот за Пелистер, која треба да ги собере отпадните води од потпелистерските села Трново и Магарево е слаба утеха за (не)решавањето на овој сериозен комунален и инфраструктурен проблем.
Уште позагрижувачка е состојбата кај петтиот канал, кој поминува покрај патот за Грција, каде што буквално жителите од неколкуте битолски села, а и патниците што се движат по тој пат, не можат да дишат од огромната смрдеа што се јавува од отпадните води што се слеваат во тој канал.
А состојбата во населбата Баир, која со децении не е урбанизирана, не само што е загрижувачка туку е и крајно опасна за живеење, бидејќи луѓето немаат елементарни услови за живот, ни канализација, ни вода за пиење.
(Не)решавањето на проблемот со канализацијата и (не)регулирањето на отпадните води со децении се ноќна мора за битолчани. И не само за нив.
Целосна канализациска мрежа немаат ниту другите поголеми градови во државата, а да не зборуваме за помалите места и населби. Фрапантно звучат податоците дека покриеноста со канализациска мрежа во државата сѐ уште е на многу ниско ниво. Па, така ли ќе одиме во Европа?
Иако речиси сите власти, дали на локално или на државо ниво, постојано ја уверуваат јавноста дека тој проблем ќе го решат, за жал не го решаваат.
За нив е позначајно да се занимаваат со дневни политики и реализација на евтини пиар-проекти, отколку со реализација на стратегиски инфраструктурни проблеми, кои не само што ќе придонесат да се подобрат условите за живот и да се заштити здравјето на граѓаните туку и ќе ја наполнат општинската каса.
И највозрасните битолчани веќе не се сеќаваат кога првпат и од која политичка гарнитура на битолчани им беше ветена изградба на пречистителна станица, која требаше да ги собере и преработува сите отпадни води што сега се слеваат во Драгор. Но, за жал, од нејзината изградба нема ништо.
Тоа што особено загрижува е што вакви или слични проблеми нема само во Битола туку и во најголемиот број градови во државата. Мал број градови во Македонија може да се пофалат дека го имаат решено проблемот со комуналната инфраструктура. Кај нас, за жал, нестрпливите граѓани многу побрзо градат отколку што „стрпливите“ власти ги решаваат проблемите од комуналната инфраструктура, со чија изградба најбрзо и најдобро се полнат буџетите на локалните и државните власти.
Токму поради ваквите проблеми битолските мајтапчии сметаат дека со почетокот на грејната сезона, без никакви сугестии и препораки од Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство, во Битола драстично ќе се зголеми бројот на граѓаните што ќе носат маски, само што нема да се знае дали маските ги носат да се заштитат од пандемијата, или од загадениот воздух и смрдеата што се шири од загадените реки и од септичките јами.