Капиталните проекти, поточно инвестирањето во проекти што се од јавен интерес, значително влијаат врз севкупните перформанси на економијата. Само со доследна реализација на овие проекти, како и со овозможување услови за развој на економијата може да очекуваме раст
Драстичниот пад на БДП во вториот квартал од годинава од 12,7 проценти е силен показател за штетата што ја направи ширењето на ковид-19 врз економијата во земјава. Сосема очекуван пад со оглед на одлуките за затворање на одредени бизниси и потребата за намалување на стопанските активности во насока на сузбивање на ширењето на вирусот. Пандемијата, која сега веќе е широкораспространета низ целиот свет, се одрази врз сите државите, и значително ги намали проектираните планови за раст на економиите. Наедно беше причина за многубројни владини мерки и планови за спас на економијата и обиди за нејзино заживување. Државите „очајно“ се обидуваа(т) да ја поттикнат економијата, да го вратат производството на претпандемиските норми. Владините мерки од држава во држава се разликуваа и иако генерално повеќето имаа слични цели, имаа различни димензии.
Во нашата земја, поради мерките со кои беа затворени одредени дејности, особено угостителството, како и поради затворањето на границите, неколку сектори беа особено погодени од рестриктивните мерки. За нивно заживување државата воведе ваучери за поддршка на туризмот, за купување домашни производи, но беше доделена и помош за исплата на минимални плати. Сепак, многу од мерките беа процедурално компликувани, неразбирливи, дообјаснувани, а поради тоа и задоцнети… но сепак, рака на срце, реакцијата за помош не изостана, но мора да биде и побрза и пообемна. Впрочем, еднаш на сто години се случува ваква криза и државата мора да реагира како татковина и цврсто да застане зад своите граѓани и да направи сѐ за тие да се почувствуваат безбедни и сигурни по сите основи (економски, финансиски, социјални, здравствени…).
Нејсе, иако одредени сектори не беа директно погодени од корона-кризата, сепак, експертите и податоците од државните институции укажуваат дека секој сегмент е засегнат од пандемијата, и дека ниту една гранка не остана непогодена. Сепак, она што особено е значајно во следниов период е како да се заживее економијата и да се поттикне економскиот раст. Не смее да се дозволи и понатаму да бележиме толку длабок пад на БДП, и во таа насока мора да се посветат сите одлуки на надлежните институции, но и сите економски тимови за свој приоритет треба да го постават заживувањето на економијата. Продлабочувањето или пролонгирањето на рецесијата само дополнително ќе ги влоши состојбите, па затоа мора да се најде модел, кој наедно ќе им помага на засегнатите сектори, но исто така ќе поттикне раст и во другите значајни економски сектори.
Деновиве беше објавено дека до крајот на август во Македонија биле реализирани само 38 отсто од средствата предвидени за капитални проекти. Извештајот на Министерството за финансии покажа дека од планираните 386 милиони евра, кои со ребалансот беа скратени на 318 милиони евра, за изградба на железница, гасовод, водоводни и канализациски мрежи или, пак, други објекти од јавен интерес, како училишта, градинки, болници биле потрошени само 126 милиони евра.
Она што е проблематично во домашната реализација на планираните капитални инвестиции е подреализацијата, поточно кратењето на буџетот определен за капитални инвестиции, појава што се повторува секоја година, а не само годинава кога се соочуваме со пандемија.
Капиталните проекти, поточно инвестирањето во проекти што се од јавен интерес, значително влијаат врз севкупните перформанси на економијата. Само со доследна реализација на овие проекти, како и со овозможување услови за развој на економијата може да очекуваме раст.
Токму градежниот сектор, преку реализација и на јавните проекти, но и со изградба на приватни објекти, поточно со инвестиции во приватни проекти, како на објекти за домување, така и на објекти за економски цели беше двигател на домашната економија низа години. Секторот нуди можности и знаење повторно да ја поттикне економијата, да го заживее растот, но само со добро испланирани проекти, педантно и прецизно подготвени, во согласност со долгорочните потреби, но и во согласност со природата, околината и животната средина.
Секој нов проект, односно проект што се гради и кој треба да се гради мора да биде внимателно обмислен и концептиран соодветно од самиот почеток, па до неговата финална реализација. При изградбата на нови објекти за домување или, пак, на инфраструктурни капитални проекти како железница, гасоводни мрежи, автопат паралелно со изградбата мора да се заштити и зачува природната средина, тренд што станува сѐ поприсутен во архитектурата и градежништвото.
Економскиот развој мора да се поттикне, но истовремено да се внимава со новините да се зачува максимално од природата и од придобивките што таа ни ги овозможува. Токму пред некој ден на страниците на нашиот весник се појави статија за еден кинески еколошко-концептуален мегапроект од областа на градежништвото, кој иако е колосален, е во тотална „согласност и соживот“ со природата. Имено, се работи за пруга долга 435 километри (Ласа – Ниенчи), од која 75 отсто се мостови и тунели на кои може да се развијат и до 160 км/час, а целиот проект ќе биде операбилен во наредната година. И истиот тој ги остава околината и природата негибнати! А ние, до каде сме со автопатот Кичево – Охрид?
Мораме порешително на тој пат. Со раст на градежништвото, со напредок на оваа економска гранка се овозможува и раст на други економски гранки, кои се во директна или во индиректна корелација со неа.
Додека, пак, инвестициите во капитални проекти, поточно градењето на гасоводната мрежа, како и подобрувањето на патната инфраструктура значително го помагаат и поддржуваат севкупниот економски развој преку намалените транспортни или влезни трошоци во компаниите. Сега се неопходни доследна примена на плановите и забрзување на темпото на реализација, како и поттикнување на една градежна офанзива, која ќе ѝ даде поттик на економијата, но и предуслови за понатамошен раст.
Токму пандемијата е поттик плус, поради кој креаторите на политики во земјава мора да размислуваат за поревносна реализација на капиталните проекти, но и овозможување предуслови за градежниот сектор, како и севкупната економија да работат без препреки и без непланирани или ненајавени трошоци.
Само преку стабилни политики, доследна реализација на планираните инвестиции, дослух од препораките на бизнис-заедниците, целосна посветеност на севкупниот државен кадар во насока на подобрување на услугите што ги обезбедуваат ќе се овозможат предуслови за економски раст и развој. На Македонија ѝ се потребни стапки на раст во висина со падот што претходното тримесечје го доживеавме, а за таков напредок мора сите да се посветат на своите работни должности.