Фармацевтскиот гигант „АстраЗенека“ завчера привремено го прекина испитувањето на експерименталната вакцина против ковид-19 што се развива со Универзитетот во Оксфорд, поради несакан ефект кај еден од учесниците во истражувањето, пренесува „Вашингтон пост“.
Компанијата, со седиште во Кембриџ, Англија, ги сопре глобалните истражувања на вакцината откако еден учесник во доцната фаза од испитувањата од Велика Британија, имаше необјасниви симптоми, за кои е можно да се поврзани со вакцинацијата. Експертите велат дека прекинот е доказ за грижата за безбедноста на учесниците во истражувањата.
– Ова е нормален дел од процесот за доаѓање до ефикасни вакцини, кои некогаш вклучуваат десетици илјади луѓе. Важно е брзо да се дознае дали болеста има каква било врска со вакцината и отворено да се споделуваат податоците, како што тоа го прават Универзитетот во Оксфорд и „АстраЗенека“ – изјави Чарли Велер, шеф на програмата за вакцини во „Велком“, добротворна организација што финансира истражување на вакцини.
Директорот на Националниот институт за здравство „Френсис Колинселика Британија“, Френсис Колинс, ја опиша состојбата на волонтерот како попречен миелитис. Попречниот миелитис е ретко воспаление на ‘рбетниот мозок што може да биде предизвикано од вирусни инфекции, но ретко се поврзува со вакцините. „АстраЗенека“ тврди дека засега нема конечна дијагноза и треба да се извршат повеќе тестови.
Надворешни експерти, кои служат на независен одбор за следење на податоците и безбедноста што го надгледува испитувањето, ќе се обидат да утврдат дали болеста на волонтерот е предизвикана од вакцината или не е поврзана со истата. Прфекинувањто на истражувањата покажува дека безбедносните протоколи се почитуваат од страна на компанијата, велат од „АстраЗенека“.
– Не сум вознемиренa од многу причини. Всушност, случајот ме увери уште повеќе и ми кажува дека луѓето многу внимателно ги следат работите. Иако ваквите случаи не се чести, не треба да бидат загрижувачки – изјави Сузан Еленберг, биостатистичар на Универзитетот во Пенсилванија.
Според соопштение на „АстраЗенека“, летово истражувањето беше сопрено откако пациент разви невролошки симптоми, а независниот комитет утврди дека проблемите не се предизвикани од вакцината, туку се симптоми на недијагностицирана мултиплекс склероза.
– Случајот покажува дека испитувањата во Велика Британија се следат многу внимателно и се преземаат мерки на претпазливост за да се заштитат и учесниците во истражувањата и оние кои би ја примиле вакцината во иднина. Вакви настани се очекувани, бидејќи во истражувањата учествуваат и лица кои имаат над 70 години – рече Стивен Еванс, професор по фармакоепидемиологија на Лондонското училиште за хигиена и тропска медицина.
Даг Браун, извршен директор на британското друштво за имунологија, смета дека ваквите паузи се дури и посакувани.
– Токму ваквата пауза покажува зошто е критично да се спроведат темелни испитувања и уште една причина зошто истражувачите не смеат да бидат притискани и брзани во производството на вакцина за широко распространета употреба – вели Браун.
Неговото мислење го дели и д-р Џејмс Гил од Медицинскиот факултет Ворвик.
– Јас лично би бил сомничав кон вакцина за нов вирус која е развиена без никакви пречки и паузи. Истражувањата на ТВ-сериите се брзи и завршуваат во текот на една епизода. Во вистинска лабораторија, истражувањата не се одвиваат толку брзо, па затоа од самиот почеток научниците велат дека за развој на вакцината ќе биде потребно значително време за да се добие правилен и безбеден резултат – вели Гил.