И покрај мешавината од чувство на неверување и еуфорија по изборите, важно е да се има на ум дека сѐ уште се очекува прифаќање на изборните резултати од страна на ДПС, а не треба да се исклучи ниту можноста за добро познатата појава на „птици преселници“ помеѓу редовите на црногорските пратеници. Во овој комплициран изборен натпревар, брзината (кога се слави победа) не е доблест.
Сепак, во надеж дека ДПС ќе ги признае и прифати изборните резултати и дека настаните по изборите нема да потврдат дека сеприсутниот Драго Ѓуровиќ им е судбински предодреден на Црногорците, на граѓаните и на новата власт им претстои долга и напорна работа за реформирање на Црна Гора во вистинска држава за сите свои граѓани, вистински независна и суверена држава со независни и ефикасни институции, држава-членка на ЕУ, држава чија младина не купува билет во еден правец за Германија, Шведска, Канада… држава во која не постојат народни кујни…
Нема потреба од залажување дека времето е на страната на неодамнешните изборни победници, зашто нив ги чека итен ангажман во врска со макотрпни државни реформи. Постигнувањето на зададените цели бара генерациско дејствување, кое мора да започне уште денес, за да можат идните генерации да наследат една држава со солидна основа. Се надевам дека изборните победници се дораснати на таквата задача.
Иако сѐ уште е рано за носење конечни оцени и заклучоци, се чини дека резултатите од изборите, во најголема мера, претставуваат производ од два сложени фактора. Првиот е децениското владеење на една иста партија и нејзиниот лидер, кој веќе одамна не нуди надеж за сеопшт просперитет. Не е тешко да се докаже тврдењето дека во текот на речиси тридецениското владеење, ДПС ја приватизираше државата и ја претвори во партиска задруга, корисна само за сопствените членови и сопатници на патот кон последната станица, наречена автократија. Партијата што до вчера беше на власт, не успеа (или, пак, немаше намера, ниту желба) да создаде државни институции способни за справување со предизвиците на модерното време, независно од тоа кој седи во претседателската и на премиерската фотелја.
Од 1990 година до денес, црногорските државни институции функционираа како приватен сервис на владејачката партија. Беше само прашање на време или поволна можност, моментот во кој натрупаното граѓанско незадоволство ќе се излее по улиците, за политички да се дефинира како потреба за политичка и системска промена.
Вториот фактор е своевидното и тешко разбирливо „саморанување“ на ДПС – така што со носењето на проблематичниот закон за верски заедници, партискиот лидер влезе во сериозен конфликт со Српската православна црква во Црна Гора. Очекувано, следуваше влез на црквата во политиката (и тоа на голема врата), литии, радикализација на политиката на идентитет и силно будење на национализмот.
Се стекнува впечаток дека Ѓукановиќ, водејќи се според претходни искуства, веруваше дека овој судир може да му донесе уште една изборна победа. Можеби се надевал дека гласачите на ДПС ќе ја изберат партијата наместо црквата и олтарот пред кој палат свеќи, а дека т.н. суверенисти повторно ќе се соберат околу неговата реторика за загрозена држава. Изборниот пораз покажа дека Ѓукановиќ сепак ја прецени партиската лојалност на значителен дел од електоратот на ДПС, а ги потцени сомнежот и децениската нетрпеливост, кои кон него ги негуваат токму суверенистите.
Всушност, резултатот е победа на митрополитот на СПЦ во Црна Гора, Амфилохие Радовиќ, кој беше катализатор и лидер на повеќемесечните верско-политички протести иницирани од споменатиот закон за верските заедници. Коалицијата здружена околу ДФ е само политичка форма и израз на оваа победа на црквата над државата. Политичките насоки, идеолошката матрица и визија за нештата се силно закотвени во темелите на српскиот национален дискурс и православието според свети Сава.
Постизборната активност на лидерите на оваа коалиција со право ги загрижи сите оние што се наследници на визијата за суверена црногорска државност и црногорски идентитет. Имено, првата работа што ја направи Кривокапиќ по објавувањето на прелиминарните резултати што укажуваа на пораз на ДПС, беше посетата на храмот на Христовото воскресение и средбата со митрополитот Амфилохие.
Ситуацијата на улиците на црногорските градови во постизборната ноќ се развиваше на начин што го продлабочуваше сомнежот на многумина во искреноста на новопечените победници кога зборуваа за толеранција, исчекор надвор од националистичкиот дискурс и желбата зад себе да ја остават идентитетската политика, односно, таквите исчекори да ги направат во нивна полза. Постизборното славење бргу се претвори во нешто што може да се окарактеризира како еуфорична манифестација на српскиот национализам: тоа беше од претходно познатото четничење, со понекое црногорско знаме, како маска што треба да го скрие грдото лице на српските христофашисти.
Иако лидерите на трите опозициски коалиции ваквото однесување воопштено го оценија како штетно за Црна Гора, сепак изостана поконкретна и поостра критика на националистичката еуфорија. Тие изразија сомнеж дека е тоа реприза на она што веќе со месеци го гледавме на црногорските улици за време на литиите организирани од тајните служби, кои сѐ уште се под контрола на ДПС. На моите прашања што се случува на улиците некои од црногорските политичари, медиумски работници и опозициски активисти, ми тврдеа дека не знаат бидејќи не го „следеле“ развојот на ситуацијата и дека секако се работи за маргиналци, кои не треба да се земаат за сериозно, туку треба да се интегрираат. Некои дури ми тврдеа дека на улиците се излезени фрустрирани луѓе што со децении пателе под режимот на ДПС, па затоа нивниот бес е разбирлив и треба да биде толериран. Други сметаа дека во Црна Гора не постојат четници и дека на оние што носат крстови, ги слават осудените воени злосторници и пеат за Дража Михајловиќ не е фер да им се лепи таква етикета. Конечно, имаше и такви што тврдеа дека сево ова го има организирано ДПС – секта сатанисти зависни од кокаин.
Во дилема сум кому да му верувам – на ваквите толкувања или на сопствените очи?
Наспроти сѐ, важно е човек да се надева (надежта умира последна) дека се дефинирало јадрото на она што би можело да стане темел на центристичка и социјално прогресивна граѓанска опција. Нејзиното постоење е од витална важност за развој на Црна Гора како независна, мултиетничка и проевропска држава. Од времето на распаѓањето на СФРЈ, во Црна Гора не постоела смислена и функционална центристичка, проевропска, граѓанска политичка алтернатива, која би била во состојба да ја извојува изборната победа. Тоа е еден од најголемите гревови на децениското владеење на Ѓукановиќ и ДПС: држење на Црна Гора во прангите на бинарниот политички избор помеѓу две зла, кои меѓусебно се хранат и одржуваат во живот: авторитарниот и криминализиран ДПС, од една страна, и агресивниот српски национализам, од друга.
Во вакуумот што постои меѓу нив не беше допуштено создавање и опстанок на каква било смислена алтернатива.
Иако треба да се има резерва за нивната реална политичка сила и знаење, коалициите околу Алекса Бечиќ и Дритан Абазовиќ можат да претставуваат еден вид ветување за постоење на токму таква алтернатива. Тие пред себе имаат тешка задача – да ги дефинираат и спроведат првичните реформи, кои би обезбедиле функционирање на државата во услови на тешка економска ситуација, а во исто време да дејствуваат како коректив во однос на третиот коалициски партнер, групиран околу ДФ. Оваа корективна функција би требало да се однесува првенствено на реториката и политички јасно дефинираните цели, кои ја доведуваат во прашање генералната меѓународна позиција на Црна Гора, потоа на рекомпонирањето на односите во рамките на државата и давањето приоритет на идентитетската политика. Иако скептиците како мене стравуваат дека овие две коалиции би можеле да се претворат во политички значки на реверот на великосрпскиот национализам, кој е легитимизиран на изборите, треба да им се даде шанса да нѐ разубедат. Успешноста во извршувањето на ваквата корективна функција, меѓу другото, ќе биде и мерило за силата на оваа прогресивна граѓанска опција, која сега ја проектираат Абазовиќ и Бечиќ.
Конечно, најзначаен резултат од изборите во Црна Гора е фактот дека власта се смени преку гласачка кутија, а не на барикадите и под будното око на снајперистите. Неодамнешната промена на власта по мирен пат и прифаќањето на таа промена од страна на ДПС е јасен знак за постоење демократски капацитети, кои и понатаму треба да се развиваат. Искрено се надевам дека државата ќе ја водат оние на кои во срцето им е независна, суверена и европска Црна Гора, а во умот економското закрепнување на уништената татковина. Исто така, се надевам дека новата власт на себе и на својата работа ќе гледа само како на прв чекор што треба да се направи на макотрпниот пат кон реформи.
(авторот е предавач на Катедрата за историја и класици на универзитетот
„Алберта“ во Едмонтон, Канада)