„Маџун“ на Урошевиќ е преполн со нежна носталгија и децентни метафори

Рецензија во хрватски „Вечерњи лист“

Автобиографскиот роман на македонскиот книжевен класик и академик Влада Урошевиќ „Маџун“ го објави хрватската издавачка куќа ВБЗ, а од македонски на хрватски го преведе Јелена Лужина, која е авторка и на добредојдениот поговор. Уредник е Марко Погачар. Влада Урошевиќ го објави романот „Маџун“ пред две години.
Маџун од насловот на романот е преслатка меласа од црно грозје (сорта темјаника или хамбург, како што стои тоа прецизно во бабиниот бележник со рецепти што авторот често го цитира). Станува збор за деликатес што често и обилно го јаде скопското момче со фантазија и страстен раскажувач на романот, чие необично и многубројно семејство живее на периферијата на македонската престолнина, во куќа што има голема и возбудлива градина преполна со растенија и животни. На чело на семејството е импозантната фигура на дедото, човекот со пребогатата библиотека, кој многу знае за авијацијата, но и за мноштво други работи и од кого соседството често бара совети. Мајката на момчето е во санаториум, можеби и не само поради болест, а таткото, геолог и рударски инженер, секогаш е на службен пат, можеби не само поради работата. А во куќата има полно немажени вујни и исто толку убав број на неоженети вујковци, од кои е најсликовит оној најмладиот, Александар, полн со тајни како и неговиот харизматичен татко, кој сака убаво да се облече кога оди на таинствени состаноци во градот со моќните градски луѓе.

Авторот:
За хранење на целото семејство е задолжена бабата, која старите и проверени рецепти внимателно ги запишува во својот бележник. А на југот на Европа мене ми е навистина спектакуларен, преполн со вкусни јадења, чии основни состојки се хранливото јужно овошје и зеленчук, кој во Македонија навистина не недостига. Вистински раскошен спектар на бои и вкусови. Но без обѕир на квалитетот на исхраната и бабината кујна, момчето сепак најмногу го сака сласниот маџун. Неговото секојдневие е максимално слободно. Тој самотнички и самозадоволно крстосува низ градината, ги слуша приказните на возрасните, и тоа многу често и скришно, се бори со сложените и неразбирливи термини, кои му се целосно туѓи и се обидува да се игра со тешко болното дете од соседството, што секогаш и не завршува успешно. Дедото го подучува географија и биологија, а нашиот јунак сето тоа го проверува директно во бујната природа, која се крие во градината полна со тајни и искушенија. Го одгледуваат дедото и бабата, и тоа особено либерално, како што само дедовци и баби можат, без непотребни стеги и казнувања.

Времето е непосредно пред Втората светска војна. Животот на семејствата во Скопје е всушност удобен и крајно граѓански. Информираниот дедо зборува странски јазици (најмногу сака француски, богами, го слуша и Вагнер), вујните сонуваат за висока мода и странски слаткарници, но стравот од промените и војната полека се вовлекува во ѕидовите на куќата, која е голема тајна за љубопитниот поштар Гаврил, кој упорно го испрашува момчето колку соби има куќата. А свои тајни имаат и домашните, најнапред родителите на момчето, кои речиси и да ги нема и за кои во куќата и не се говори, но и најмладиот вујко Александар, кој својата вистинска природа ќе ја покаже откако германските трупи ќе ја нападнат Југославија и без борба ќе го освојат и Скопје. Тогаш семејството на момчето и ќе дознае зошто поштарот Гаврило толку упорно истражуваше колку соби има нивната куќа на периферијата на Скопје, сместена далеку од центарот на градот и потоната во зеленилото на природата.
Романот на Урошевиќ е преполн со нежна носталгија и децентни метафори. Не е оптоварен со политика ниту со идеологија. Тоа е роман за градот што го посетуваат атрактивни циркуси со тигри и слонови, градот што има свои автентични каприциозни примадони и свое скоро аристократско комунистичко движење, но и свои поткупливи предавници и пропаднати луѓе.

Напишан е со примерен, би рекле филигрански стил, со повремени убоди на надреализам, но без преголема драматичност до моментот кога Скопје ќе стане цел во почетокот на незадржливата и сурова германска солдатеска. „Маџун“ е жив пример на роман што јасно покажува како идиличниот семеен живот преполн со меланхолични ритуали во еден момент може да се претвори во голема трагедија и вечна непремостлива загуба и неизлечива траума. Во нималку елегантен егзодус што стои точно на крстосницата од опојното детство и болното растење.