1. Во мојот текст со наслов „Дали и за референдумот ќе бидат заобиколени Уставот и законите?“, објавен во „Нова Македонија“, на 7.7.2018 година, укажав на членот 73 од Уставот на Република Македонија, од кој произлегува дека Собранието не може да распишува референдум за кое било прашање, туку, според оваа уставна одредба, Собранието одлучува за распишување референдум само за одделни прашања од својата надлежност. Со оглед на тоа што одлучување за промена на уставното име на Република Македонија не е ставено во надлежност на Собранието, следува заклучок дека за промена на уставното име (и, се разбира, сѐ што произлегува или е поврзано со него), Собранието нема уставна основа да распише референдум.
2. Дали преку измени во Уставот ова Собрание може да го промени уставното име на државата? Собранието е надлежно да одлучува за измени на Уставот, но во врска со таа надлежност на Собранието би морало да се постави прашањето дали измените на Уставот што се најавени можат, од уставноправен аспект, да го опфатат името на Република Македонија и сѐ што произлегува или е поврзано со него. Ова, затоа што измени за кои ова Собрание, евентуално, ќе одлучува, ќе се однесуваат на нашиот сегашен Устав, донесен во 1991 година, но мора да се има предвид дека уставното име на државата не ѝ е дадено со овој Устав. Името Македонија како уставно име на македонската држава е запишано во првиот македонски устав – Уставот на Народна Република Македонија донесен во 1946 година, со кој македонскиот народ својата повеќевековна борба за сопствена држава успеа и правно да ја оформи како уставна држава со пишан устав. Особено треба да се нагласи фактот дека Уставот од 1946 година е донесен од страна на Уставотворно собрание, а не од редовно, односно обично собрание, како што подоцна се донесени уставите на СРМ од 1963 и од 1974, како и Уставот на РМ од 1991 година. Токму затоа што е донесен од Уставотворно собрание, Уставот на НРМ од 1946 година има посилен легитимитет од подоцна донесените устави.
Значи, почнувајќи од првиот македонски устав донесен во 1946 година, па во сите подоцна донесени устави (1963, 1974 и 1991), името на македонската држава е Македонија – народна, социјалистичка, но секогаш Република Македонија, без никаква додавка меѓу Република и Македонија. Уставното име на македонската држава не го смени ниту еден устав од подоцна донесените устави, туку може да се каже дека од сите подоцна донесени устави името е преземано како уставноправно наследство што извира од Уставот од 1946 година. Уставното име не е сменето ни во постапката на осамостојувањето и конституирањето на Република Македонија како суверена и самостојна држава. Референдумското прашање не гласеше „Дали сте за името на државата да остане Република Македонија…“, туку гласеше „Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија…“ Така и Уставот од 1991 година го презеде како уставноправно наследство уставното име Република Македонија, а во преамбулата на Уставот е нагласен уставноправниот континуитет на македонската држава.
Сега, со измените на Уставот што се најавени, се бара ова Собрание да го промени името на државата, кое како уставно име не ѝ е дадено со Уставот што ќе биде предмет на измени, туку и е дадено од Уставотворно собрание, кое претставува повисока власт од редовното собрание, какво што е сегашното Собрание на Република Македонија. Поради тоа сметам дека пратениците во ова Собрание немаат мандат да го променат уставното име на државата, особено што промената е наметната од друга држава, со договор склучен спротивно на Уставот и законите на Република Македонија и потпишан од неовластено лице, а наречен „историски“.
Како граѓанин на оваа држава и како поранешен судија често кажувам и пишувам дека со непочитување на Уставот и законите не се гради правна држава и нема владеење на правото. Но сѐ почесто слушам: не пишувај, залудно е, „Уставот повеќе не живее на оваа адреса“. Сепак, битката за уставност и законитост не смее да престане.
(Милојка Калкашлиева, судија на Врховниот суд во пензија)