Напредокот на Македонија немаше да биде можен ако не беше храброто лидерство и успешната реализација на реформите, порачаа денеска претставниците на Охридската група, пријатели и поддржувачи на Македонија, предводени од сер Џорџ Робертсон на средбата со премиерот Зоран Заев на Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Лондон.
Како што соопшти владината прес-служба, поранешниот генерален секретар на НАТО Лорд Робертсон, на средбите информирал дека сите членови на групата Охрид и пријатели на Македонија го поддржале писмото кое во име на групата било испратено до шефовите на државите и на владите на земјите членки на ЕУ и НАТО, за позитивна одлука на Европскиот Совет и за најавеното активирање поканата за членство во НАТО.
На средбите искусните дипломати и политичари, претставници на повеќе меѓународни организации, го истакнале исклучителниот напредок на Македонија и ја нагласиле историската важност за постигнатиот договор со Грција кој ги отвори вратите за членство во НАТО и датум за преговори со ЕУ.
Премиерот Заев ги запознал членовите на Охридската група со чекорите што претстојат при имплементацијата на договорот, а особено за референдумот на кој граѓаните треба да го кажат последниот збор и избор за иднината на земјата што ја гарантираат членството во НАТО и стартот на преговорите со Европската унија.
Соговорниците на работните состаноци се согласија дека од огромна важност е што мнозинството од граѓаните го поддржуваат членството во ЕУ и НАТО и дека тоа е аргумент за оптимистички очекувања за исходот од референдумот.
На работните средби со премиерот Заев и со дел од владината делегација, претставниците на Охридската група истакнале дека и понатаму остануваат посветени на поддршката за Република Македонија и потенцирале дека пред земјата е единствена шанса за трајно стабилизирање и за остварување на стратешките цели, членство во ЕУ и НАТО, кои гарантираат економски напредок и демократски институции.