Черчил – британски лав и стратег на македонскиот геноцид (2)

Она што е најкарактеристично за менталниот портрет на Черчил е тоа дека тој е тип на нарцис и хазардер, за што не му недостигаат изобилство интелигенција, дрскост и храброст. Амбициозноста како особина тука сама по себе се подразбира. Сè за што ќе се зафател тој му одело од рака и го туркал напред со фасцинантна енергија. Тој уште на неполни 21 година ја започнал својата воена кариера како учесник во воените акции во Индија, а потоа во Судан и во јужноафриканските републики. Оттука започнува и неговата истовремено славна новинарска кариера како воен дописник, во која го вежба стилот за своите подоцнежни мемоари, главно за Втората светска војна. Новинарството му носи и енормно високи хонорари.
Уште во своите рани новинарски текстови тој го демонстрира британоцентричниот концепт, величајќи ја Британија како прва империјална сила на западната цивилизација, но и надвор од неа, на светско ниво. Тој концепт во зачеток целосно, со полн интензитет ќе биде развиен и промовиран во „Втората светска војна“. Во неговото средиште се две комплементарни нешта: Британија и Черчил. Или обратно, оти не се знае кој е тука поважен од нив двајцата. Во секој случај, фројдовски речено, тука станува збор за двојство, за поделена личност.

За шизофренија што е карактеристична за империјалните личности. Во овој случај тоа е психолошката ситуација на Черчиловото поделено јас меѓу себе и Британија, меѓу индивидуалното и општото, кои сепак тој ќе ги спои во едно единствено јаство, а кое може да се изрази со зборовите: Британија, тоа сум јас. Ова во поновата историја, по Наполеон, е најизразит нарцизам на еден империјален водач, невиден историски субјективизам, кој толку многу моќно дејствува во својот нарцистички магнетизам, типичен за Британците, што во неколку анкети Черчил бидува прогласен за најголем Британец на сите времиња. Сирот Шекспир. И тој свој нарцизам Черчил ќе им го остави на Британците како колективно психолошко наследство и по неговата смрт. Тој во своите славни мемоари, во таа нарцистичка смисла, речиси никаде не зборува за нивен пораз.
Едноставно, тоа е непознат збор за него, бидејќи неговата елоквентна нарцистичка реторика често знае поразот да го престори во победа, или во најмала рака како отстојување на ударите на непријателот. Со други зборови, Черчил во своите мемоари ја поставува Британија во самиот центар на Втората светска војна, а преостанатите се вртат околу него, небаре на ранг некои на поголеми, а некои на помали епизодисти. И како што е Британија од државите учеснички во војната во центарот, така е и тој од нивните водачи средишна фигура во неа, што не може ништо да ја помести ни лево ни десно од тоа средиште. И Черчил тука во својот речиси патолошки нарцизам оди дотаму, па безмалку сите победи на еден или на друг начин ги смета за своја заслуга. Дури оди дотаму што премолчува некои важни воени заслуги и победи на свои ривали. Некои од нив, како што е тоа случајот со Норман Слим, командант на британските сили во Индонезија, се и самите Британци. Итн.

Се разбира, пак, таквиот екстремен субјективизам на поглед на нештата на Черчил што се однесуваат на големата европска катастрофа не остануваат без соодветна критика од страна на објективните аналитичари на историските настани, на што посебно укажува и Ферид Мухиќ во својот инструктивен поговор кон македонското издание на „Втората светска војна“. Така, еден од нив, Ц. Балфур, за Черчиловите мемоари ќе рече не без иронија: „Станува збор за брилијантна автобиографија на Винстон, изложена како историја на универзумот!“, а Норман Брук нив ќе ги дефинира како „квазиисторија“. Но целиот, докрај втемелен во своето супер его, на таквите и слични критики Черчил одговара во свој стил надмено: „Втората светска војна не е историја, тоа е моја историја“.
Она што е посебно видливо во мемоарите на Черчил е тоа дека тој во целата Втора светска војна, уште додека трае таа, го гради митот за Британија како најважен фактор во победата против Хитлер, и паралелно со тоа и митот за себе како најважна фигура во неа, која е пресудна за текот и позитивниот исход на настаните. Тој и Британија слеани едно во друго се апсолут. Тоталитет. За време на војната, но и по неа, кога Обединетото Кралство е замислено како водечка светска империјална сила. Но за да биде тоа вистина, а не само проектирана илузија британскиот лав, но и лисец, Черчил знае дека тука е неопходна цврстата врска со силната, мускулеста и зовриена во својата ароганција Америка.

Во неговата идеја, фиксирана уште за време на војната, всушност таа ќе биде истурениот елемент, а Британија подзасолнетиот, оној што ќе го дава умот, при што оперативноста ќе им биде главно препуштена на јенките. Каубоите. Освен, се разбира, во некои исклучителни случаи, како што е тоа случајот со Британската воена операција во Егејска Македонија 1948 г., и потоа со некои „суптилни“ колонијалистички акции. Во секој случај во потсвесната замисла на Черчил во врската со американскиот џин е Американците, грубо речено, да бидат „варварскиот“, а Британците со кралска аристократска традиција културниот цивилизациски елемент. Еден парадоксален, но според британскиот лав во овој случај не само нужен, туку и природен историски спој, или цивилизациски кентаур на новата постмодерна митологија. Впрочем, тој знаел дека таа комбинација е карактеристична и пред тоа за некои силни империи, како што е тоа пред сè случајот со Римската Империја, чиј модел на владеење едноставно Черчил го копира. А тоа ќе биде воопшто и моделот на владеење со светот, колонијалистички во основа, и на западната цивилизација покриена со маската на просветителскиот ум, демократија и хуманизам. Иако, како што ќе испадне потоа, имено, поимот „демократија“ изговорен од неа е јудејски бакнеж маскиран со Исусови усни. Така.

И таа замислена империја во визијата на Черчил стапи решително на светската сцена веднаш по победата над Хитлер и „Оската на злото“. Стапи, но исто така на фашистички начин, со американските атомски бомби фрлени врз Хирошима и Нагасаки во август 1945 г. На тој начин експресно се оствари пророштвото на Томас Ман со неговата историска изјава дека Хитлер е победен, но не и фашизмот. Оти само што ја изрече, Американците (или Англоамериканците) ја потврдија неа, маестрално варварски. Подобро и од Хитлер.
И, се разбира, драг читателу, Черчил, знаменитиот британски лав, немаше, како европски либерал, ништо против тој варварски акт на неговиот пријател и партнер САД. Тоа е вистината што денес треба да ја знаат черчиловски надмените, постхитлерови ариевци Британците. Треба да знаат дека рамнодушноста на нивниот лав кон тој монструозен американски чин всушност открива уште една темна страна во неговата психа. А тоа е неговиот, по секоја цена, апсолутистички империјален менталитет, супрематистички во основа. Кон помалите и послабите, но (и тоа е дефектот на неговиот парадокс) и кон многу поголемите народи од неговата Британија, како што се тоа народите на Индија, Пакистан, Бразил… Черчил е типичен, најтипичен британски конзервативец, заробеник на комплексот наречен кралска династија, кој ја развива не само теоријата, но неа ја реализира и во практика, за супремација на Британија како водечка империјална сила (правејќи се наудрен за улогата во тоа на Америка), која небаре од господ е задолжена да владее со светот. Со „примитивните“ што треба да ги воведе по британски терк во култура и цивилизација.

Тука „британскиот лав“ ја потиснува длабоко во втор план најсериозната европска ривалка Франција, која, рака на срце, по многу нешта е авангардна по однос на европската западна цивилизација. Макар се служела за тоа и со оној морбиден изум на месје Гилотен со кој дотурка до блесокот на просветителството, кој сепак не траеше многу долго и бргу потемни и покрај блескавите француски умови, кои не успеаја да ги одвратат Французите од нивниот колонијалистички нарав. Наполеон го подигна на висок ранг него, и пак со изумот на Гилотен, а потоа го закопа, за што плати со казната (парадоксално пак изречена од Британците) на пустиот робинзонкрусовски остров Света Елена.
Тоа, драг читателу. Интересно, иако крвава, историска приказна на западната Шехерезада. Но да се вратиме на Черчил, да не избегаме надвор од темата. Таков каков што е тој, дури и физички не само психички, е вистински архетип на западната ариевска цивилизација, чија ароганција и суета не знам дали може да ја фати и мерата на вагата на Страшниот Суд горе? Дали не ќе треба со нов регистер на тежина на злото Господ да постави нова вага? Лично мислам дека Тој во име на Правдата, Љубовта и Вистината, кои не ги познава западната цивилизација, ќе мора да го стори тоа. Черчиловите воени мемоари се многу повеќе ексцентрично субјективни, отколку историски објективни. Во нив Черчил се поставува како демијург со својата диктаторска историска имагинација, во која настаните се посматраат исклучиво од черчилоцентрична и британоцентрична гледна точка. Сеќавањата се приспособуваат според својата потреба, волја и каприц на нагласениот нарцизам на авторот. Во својот поговор кон двотомното издание на „Втората светска војна“ Ферид Мухиќ посочува редица примери, кои мошне јасно го осветлуваат нарцистичкиот и ариевски карактер на „британскиот лав“, надмен, суетен и челично самоуверен. Карактер во кој како во огледало се отсликуваат кралските династии на Британскиот остров, кои најмногу од сите европски земји владееле во светот, играјќи си според своја волја денес и со ЕУ.

Можеби во едно време на колонијалистичките европски инвазии пред Британците биле само Шпанците, кои пеплосале цели сјајни цивилизации во Јужна Америка: Маите и Инките. Но, само толку. Денес тие не се ни сенка во однос на британската доминација. Во новата епоха најголем конкурент на Британците во колонијализмот и светското политичко влијание им биле Французите, но и тие секогаш биле барем чекор зад нив. Сè тоа му е јасно на Черчил и затоа ја храбри Британија да не отстапува од стекнатиот статус на водечка европска и светска сила, и да го задржи по секоја цена својот цивилизациски примат. Со други зборови, тоа е стратегија на par exellence политички цивилизациски дарвинизам, апсолутно британоцентричен. Ексцентрик, нарцис, ариевец, тоа е, драг читателу, светото тројство на черчиловиот карактер и на неговата ментална структура. Да не грешам душа, но тоа тројство е карактеристично и за менталната структура на главниот Черчилов противник во војната Адолф Хитлер. Проклетиот Германец на чиј ариевски корен во случајот со македонскиот идентитетски геноцид со преименувањето се накалеми како фиданка фрау Меркел. Да. Но кој е уште Черчил, главниот експонент на политичката идеологија не само на Британија, туку воопшто на западната либералкапиталистичка цивилизација.

Черчил, либералкапиталистичкиот западен „демократ“, кој со своите идеи и ставови како булдожер ги урива основните начела на демократијата и човековите основни права. Она што се дефинира уште од Аристотел и Александар Македонски како „природно право и право на народите“. Него во својата книга „Мудроста на Западот“ го апострофира како исклучително значајно за демократијата на човештвото и мудриот британски филозоф Бертран Расел. Тој, кој во познатиот „Раселов суд“, основан од него го осуди геноцидот над Македонците, за разлика од неговиот славен сонародник, кој учествуваше во него. Но Черчил воопшто не го почитува тој фундаментален принцип што го промовираа на универзален план правото на сите на еднаква слобода, правда и вистина античките Македонци. Напротив, според него, тие нешта на помалите и послабите треба да им бидат дозволени во мера што тие ја заслужуваат според согледбите на супрематичната западна ариевска цивилизација. А тој свој став тој успеа да му го наметне и на ООН.

Така, во таа смисла Черчил пишува: „Од Индија до Мароко муслиманските народи вријат. Нивната ароганција им се спротивставува на западните сили, а особено на оние што имаат прекуокеанска одговорност и специфични проблеми. Меѓу радосните извици за самоуправување и независност, лесно е да се заборават многуте основни придобивки што беа пренесени со западното владеење. Исто така, тешко е да се замислат редот и поредокот што колонијалните сили го имаа воспоставено над овие големи области со нивни стабилни живи системи на суверени држави.“

(продолжува)