За тоа кои се причините за давењето на младото момче во Преспанско Езеро последниот збор ќе треба да го дадат надлежните истражни органи. Но тоа што уште пред да почне истрагата е сосема јасно е дека во неделата во Преспанско Езеро згасна уште еден млад живот како последица на сите наталожени импровизации, пропусти, изговори, неорганизираности, немање контрола и непочитување на законските и безбедносните прописи од сите оние што се обврзани да ги спроведуваат
Преспанско Езеро деновиве зеде уште еден млад човечки живот.
Во туристичката населба Претор во Преспа, во длабочините на водите на ова во последно време сѐ поплитко езеро, кое последните години буквално се „суши“, згасна животот на 16-годишно момче од Ресен, коe толку многу им се радуваше на летниот распуст и одморот.
Младиот и секогаш ведар и насмеан И.М. со својата трагична смрт ги фрли во очај и тага, не само своите родители и другарчиња туку буквално ја расплака цела Преспа.
За тоа кои се причините за давењето И.М. последниот збор ќе треба да го дадат надлежните истражни органи. Но тоа што уште пред да почне истрагата е сосема јасно е дека во неделата во Преспанско Езеро згасна уште еден млад живот како последица на сите наши импровизации, пропусти, неорганизираности и непочитување на законските и безбедносните прописи. Во овој момент најмалку е битно дали младото момче И.М. од Ресен се удави поради превртување на педалинката или поради тоа што скокало од неа, па во еден момент не успеало да излезе на површина. Најважно за сите е да се утврди каква и колкава е безбедноста на плажите, исправноста на пловните објекти, што предвидуваат законските одредби, колку истите тие се почитуваат и како се врши контрола и надзор на сите овие аспекти.
Тоа што загрижува е што наместо давењето на момчето да биде последен аларм кога е во прашање (не)безбедноста на капачите, да се преземат сите безбедносни мерки за нивна заштита, некои луѓе се обидоа да го релативизираат трагичниот настан и да ја уверуваат јавноста дека кога трите деца ја изнајмиле педалинката да „прошетаат“ по езерото таа била исправна. Некои очевидци, кои иако не биле на местото на настанот, во својата верзија за трагичниот настан тврдеа дека децата, кои се оддалечиле неколку стотини метри од брегот, скокале од педалинката во водите на езерото и дека по еден таков скок И.М. останал во длабочините на езерото и не излегол на површина.Имаше и такви што тврдеа дека децата не знаеле да пливаат. Колку има вистина во сите тие кажувања ќе покаже истрагата, која во детали треба да го испита овој трагичен настан.
Но, без разлика на резултатите од истрагата, останува горчливото сознание кај најголемиот дел од јавноста дека на Преспанско Езеро токму во овој случај воопшто не се почитувале мерките за безбедност. Како може деца да изнајмат педалинка без тој што ги издава истите тие да ги праша децата дали знаат да пливаат. Второто прашање што бара одговор е зошто на децата што изнајмиле педалинка за пловење не им биле дадени и елеци за безбедност и спасување. Во Законот за внатрешна пловидба, кој е донесен во 2007 година, децидно пишува дека кога се изнајмува педалинка, на тие што им се изнајмува задолжително треба да им се дадат и појаси за спасување. Без нив педалинката не смее да им се изнајмува на капачи. Третото прашање, кое се наметнува само по себе, е зошто во екот на оваа најкратка туристичка сезона, која поради пандемијата на ковид-19 (ќе) трае нецел месец, на брегот на езерото немало професионални спасувачи, кои би требало да се грижат за безбедноста на капачите.
Како може да функционира една плажа на езеро во кое се капат голем број туристи и летувалци да нема професионална служба за надгледување и спасување на капачите?
Изговорите на локалните власти дека не можеле да организираат таква служба поради пандемијата на коронавирусот немаат никаква поткрепа, ако се знае дека токму поради заразата од ковид-19 голем број граѓани на Македонија, и тие што добија и тие што не добија ваучери од државата, одлучија годинава летните одмори или викендите да ги поминат во домашните туристички излетнички места, особено на трите езера Охридско, Дојранско и Преспанско.
Пандемијата на ковид-19 не е и не може да биде алиби за нефункционирањето на спасувачките служби за капачите во Претор.Напротив, токму поради пандемијата и зголемениот број на туристи на Преспанско Езеро, спасувачките служби требаше да бидат многу порано формирани.
Трагичниот случај со давењето на младото 16-годишно момче И.М. од Ресен е само уште една потврда дека сите наши импровизации и непочитувања на пропишаните законски мерки и безбедносни правила и прописи скапо ги плаќаме, најчесто и со човечки животи. Дури откако ќе се случат такви трагични настани стануваме свесни за пропустите што сме ги направиле. Непишано правило е дека при секое влегување во водите за капење, без разлика дали е тоа во река, езеро или море, дали се работи за искусен пливач, кој знае да плива, или за непливач, телото мора полека да се адаптира на температурата на водата. Секое нагло влегување во вода или скокање е ризично и опасно не само по безбедноста и сигурноста на секој капач туку и по неговиот живот, без разлика дали тој знае или не знае да плива, велат лекарите.
Непочитувањето на безбедносните мерки досега скапо го плаќаме не само со давење на голем број капачи на Преспанско Езеро туку и во другите излетнички места, па и во базените. Во блиското минато имавме неколку такви трагични настани во базените во Битола или во другите езера или капалишта. Трагедијата на Охридско Езеро по превртувањето на бродот „Илинден“, на 250 метри од Елешец, во 2009 година, кога се удавија 15 бугарски туристи, ги стави Охридско Езеро и Македонија на црната листа на туристички дестинации.
Дека како народ сме доста „имуни“ кога е во прашање (не)почитувањето на препораките и мерките за безбедност најдобра потврда се и случувањата од охридското крајбрежје, каде што и покрај сите препораки на медицинските и здравствените работници за почитување на мерките на Комисијата за заразни болести за држење физичка дистанца и носење маски на лицето, голем број претежно млади луѓе едноставно се однесуваат како тоа да не важи за нив и заборавени во својата еуфорија не само што не ги почитуваат мерките и препораките туку лудуваат во журките и како за инает ѝ пркосат на судбината. Сите укажувања и совети на лекарите едноставно како да не допираат до нив, туку како да се однесуваат на некои други.
Дури отпосле, откако некој од нив ќе заболи тие стануваат свесни за сериозноста на заразата. Но, за жал, таквото задоцнето освестување доаѓа предоцна и најчесто е проследено со трагични последици. Оттаму, укажувањето на директорката на Центарот за јавно здравје во Битола, Елизабета Крстевска, дека кога ќе заболат од ковид-19 најголеми паничари се токму „најхрабрите“ е само уште една потврда дека болестите не се избегнуваат или лекуваат со инает и мускули, туку најчесто и исклучиво со почитување на пропишаните мерки и протоколи од здравствените работници.
Затоа, давењето на младото момче од Ресен во водите на Преспанско Езеро треба да биде аларм за сите нас, како и за институциите, за почитување на сите пропишани законски прописи и мерки. Без тоа кај нас човечките жртви ќе стануваат само статистички бројки, кои повремено ќе нѐ опоменуваат за нечија негрижа и несовесност.