Колкава е веројатноста за ширење зараза со авионски транспорт?
Во моментов една од ретките слободни дестинации за летување, без потреба од приложување на дополнителните потврди, прегледи и којзнае уште какви документи, за македонските туристи останува Турција. Засега кон најпознатите турски летувалишта функционира традиционално омилениот начин на патување – чартер-летовите, иако со намалена фреквенција во однос на минатите години. И покрај тоа што експертите проценуваат дека ризикот од зараза во авионската кабина е мал, тој сепак постои. На што треба да се внимава?
Бројката на инфицирани во светот секојдневно руши рекорди. Многу од земјите веќе не се во состојба да ја контролираат епидемијата, правовремено да ги регистрираат сите заболени, ниту пак да им влезат во трагата на нивните ризични контакти, па оттука без сомневање може да заклучиме дека сѐ поголем е бројот на носители на вирусот помеѓу патниците, анализира „Тревл магазин“.
Внимателно на аеродром, во авион…
Актуелноста на темата што ја обработува порталот нѐ наведе на кратка анализа за актуелната состојба на тој план кај нас. Поради добро познатата ситуација со коронавирусот, македонските граѓани немаат многу голем избор кога станува збор за земјите во кои можат слободно да отпатуваат, па нема ни потреба од некоја поголема елаборација, иако мерките за претпазливост се еднакви кога станува збор за една или за 101 дестинација.
За жал, поради короната, во моментов една од ретките слободни дестинации за летување, без потреба од приложување на дополнителните потврди, прегледи и којзнае уште какви документи, за македонските туристи останува Турција. Засега кон најпознатите турски летувалишта функционира традиционално омилениот начин на патување – чартер-летовите, иако со намалена фреквенција во однос на минатите години. Сепак, она што е најважно, доаѓа од туристичките агенции, кои ги убедуваат своите клиенти дека летовите ги задоволуваат сите пропишани протоколи.
Добро е што е така, нема причина да не им се верува, бидејќи на сите ни е во преден план здравјето на граѓаните. Но ситуацијата е навистина деликатна и малку поголемо внимание и превентивни мерки не пречат.
Во тие рамки сосема е соодветно пишувањето на угледниот специјализиран портал, кој укажува на неколку битни елементи за авионскиот превоз, за кои патниците треба да бидат свесни, пред сѐ поради ризикот од коронавирусот.
И покрај сугестиите да се остават празни средишните седишта заради поголема дистанца, многу авиокомпании, соочувајќи се со финансиски колапс, се обидуваат да ги продадат сите места за одредена дестинација.
И на аеродромите ситуацијата е различна – некаде се применуваат стриктни мерки, се вршат сериозни здравствени контроли и тестирање на патниците пред влезот во авионот, додека на други места тоа не е задолжително. Токму затоа, важно е да знаете дека постои шанса со вас во авионот да има и патник или член на екипажот што е заразен со ковид-19. Имајќи го ова предвид, најважното прашање е колкави се шансите тоа лице да ви го пренесе вирусот.
Шансите за зараза за време на летот се помали отколку во преостанатиот дел од патувањето
Според тврдењето на експертите, шансите за пренос за време на летот се помали од оние во преостанатиот дел од вашето патување. Тие сметаат дека ако целосно се придржувате кон мерките за заштита, можноста да се заразите во авионската кабина е многу мала.
Коронавирусот најлесно и најчесто се пренесува преку капки во воздухот. Значи, доколку сите патници и персоналот носат маски за време на летот, шансата за пренос е сведена на минимум. Се разбира, од круцијално значење тука е комбинацијата „маска на лицето – моќен авионски филтер за прочистување на воздухот“.
Овие филтри се креирани така што можат комплетно да го прочистат воздухот во авионот и до 15 пати во рок од еден час. На овој начин, тие ги елиминираат преостанатите ситни аеросолни честички, не дозволувајќи им да се задржат во воздухот доволно долго за да ве заразат.
Авиокомпаниите преземаат и други превентивни мерки. На пример, по секој лет е задолжителна дезинфекција на патничките кабини, а голем дел од превозниците се откажаа од секаков вид послужување за време на кратките и средните летови.
Еднакво е важно и придржувањето кон другите мерки на претпазливост. Мијте ги и дезинфицирајте ги рацете колку што е можно почесто и по потреба. Дезинфицирајте ги и самите површините што ќе ги допирате и никако немојте да ги собувате чевлите во авионот. Бидете особено внимателни не само кога сте на седиштето туку и додека стоите во редица на аеродромот, кога седите во аеродромските кафулиња и ресторани, кога користите шатл-превоз и, секако, кога влегувате во аеродромски или авионски тоалет. Запомнете дека за време на епидемија нема опуштање – секогаш имајте кај себе резервни маски и доволно средства за дезинфекција.
Самостојна процена на ризикот
И покрај тоа што експертите проценуваат дека ризикот од зараза во авионската кабина е мал, тој сепак постои. Понекогаш причина за патувањето не е одмор, туку неодложна семејна или работна обврска. Меѓутоа, ако станува збор за патување заради задоволство, пред заминувањето на пат треба да се размисли за две важни работи.
Првата е информирање за моменталната епидемиолошка ситуација на одбраната дестинација, односно можноста за зараза за време на патувањето, а втората се однесува на ризикот во рамките на домот. Ова значи дека би требало добро да процените колкав ризик би претставувало вашето патување за другите членови од семејството.
Доколку во вашето домаќинство има постари лица или лица со хронични болести како астма, дијабетес или срцеви проблеми, тогаш не можете да мислите само на себеси, туку мора да ги земете предвид и нив во вашата процена за степенот на ризик.
Едно од можните решенија е да си обезбедите одреден простор за двонеделен карантин по враќање од патувањето. На тој начин, изолирани од постарите и ранливите членови на семејството, ја исклучувате можноста евентуално да ги заразите.
Околностите во кои тековно живееме се навистина сложени, па оттука, секој од патниците мора самостојно да прави процени, се разбира, најмногу врз основа на својата индивидуална ситуација, земајќи ги притоа предвид сите можни фактори на ризик.