Практично, социјалдемократите се „провлекоа“ на изборите и нивната мала предност повеќе е резултат на неснаоѓањето на опозицијата да ги капитализира негативните реакции и незадоволство на граѓаните од потпишувањето на Преспанскиот договор, но и од корупциските скандали што ги следеа во специјалното јавно обвинителство. Пред СДСМ е последната можност за да покажат дека „Можат“ да направат и повеќе за граѓаните, а не само за нивното потесно партиско членство, како што беше во изминатиот тригодишен мандат
(Пред)изборното лето во земјите од регионот полека поминува. Во Хрватска е избрана новата влада на стариот премиер Андреј Пленковиќ. Српскиот претседател Александар Вучиќ ја потврди својата доминација во последниот партиски натпревар, а со тесен резултат во следниот четиригодишен премиерски мандат влегува и Зоран Заев, по неизвесниот изборен натпревар во Македонија. Генерално гледано, на Балканот не се случува ништо ново во годината што почна со голема неизвесност поради ширењето на епидемијата на коронавирусот. Граѓаните од западнобалканските простори ги слушнаа веќе познатите ветувања од политичарите, кои се даваат пред секои избори, за подобра и посветла иднина. Но ако денот се познава по утрото, останува малку простор за оптимизам дека состојбите може да се променат на подобро. Особено што е докажано дека балканските владејачки елити ни досега не се покажаа како посветени борци за правна држава и спроведување економски реформи, а уште помалку можат да го прават тоа во време на голема здравствена и економска криза.
Прв со новата владина програма излезе хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, а во неа се содржани речиси истите политики од претходните влади во Хрватска. Повторно се најавуваат нови значајни промени во државата, но со силни „свртувања“ во правосудството, јавната управа, образованието и, секако, со централно внимание на подобрување на економскиот систем во земјата! Сето ова е проследено со ветување за воведување подобар здравствен систем, продолжување на пензиските реформи и повисоки пензии, за на крајот да поентира со воведување на еврото како национална парична единица. За сето ова тој најавува и голема финансиска поддршка од европските партнери, а за која веќе се проценува дека хрватскиот дел од европскиот финансиски колач ќе изнесува 11 милијарди евра.
За земја што се соочува со огромен пад на туристичкиот промет, поради пандемијата, и со масовен егзодус на граѓаните, сето ова изгледа многу примамливо и никој посериозно не се прашува дали сето тоа е реално изводливо! Затоа и дилемата за тоа колку новиот владин план е спроведлив и може ли да му се верува на премиерот, како што пишува „Јутарњи лист“, доаѓа од партија што е најмногу оптоварена со хипотеките од досегашниот хрватски неуспех. Причината за тоа е што ХДЗ, која на власт помина цели 22 години, се покажа како помалку успешна отколку што беа очекувањата на хрватските гласачи, кои безрезервно им доделија нов мандат.
Во отсуство на посериозен опозициски фронт, српскиот претседател Александар Вучиќ порелаксирано влегува во преговори за формирање нова влада, која во основа ќе биде еднопартиска, но со можно учество и на претставници од помалите партии. Во основа, новата српска влада ќе претставува континуитет на долгогодишното владеење на СНС, а главните маркери се зачувување на српските позиции во преговорите со Приштина, справување со економските последици од корона-кризата, преку давање обилна финансиска државна помош за фирмите од приватниот сектор и задржувањето на позициите на партијата, преку подмладување на министерскиот тим, но и со агресивна медиумска кампања за промоција на владините политики. Засега, Вучиќ се покажа вешт во менаџирањето на незадоволството на дел од граѓаните во Србија, околу начинот на кој се справува со епидемијата. Но неколкудневните протести во Белград, поради најавите за воведување полициски час, како и писмото од над две илјади лекари што бараат оставка од кризниот штаб, се сериозни најави за нова неизвесност и предизвици, кои стојат пред новата влада.
Ако денот се познава по утрото, останува малку простор за оптимизам дека состојбите на Балканот можат да се променат на подобро. Особено што е докажано дека балканските владејачки елити ни досега не се покажаа како посветени борци за правна држава и спроведување економски реформи, а уште помалку можат да го прават тоа во време на голема здравствена и економска криза
Со потврдувањето на предноста од два пратенички мандати од страна на Државната изборна комисија, СДСМ се стекна со правото за формирање нова владејачка коалиција. Се чини од социјалдемократската партија со висока доза оптимизам влегуваат во преговорите за составување парламентарно мнозинство, за што ќе им биде потребна умешност, но и многу отстапки за да ги убедат идните партнери во власта. Тесната победа на изборите, која ја остварија во услови на голема разочараност на гласачите, е сериозен индикатор за неопходноста од преземање големи и храбри чекори во наредниот мандат. Од СДСМ повторно ги соопштија веќе познатите „заложби за европскиот правец и патот на економијата и правдата“. Покрај предизвиците на државно ниво, Зоран Заев како лидер на социјалдемократите се соочува и со сериозни реформи во партијата, поради губењето на довербата кај неопределените гласачи, кои на последните парламентарни избори не излегоа да гласаат. Практично тие се „провлекоа“ на овие избори и нивната мала предност повеќе е резултат на неснаоѓањето на опозицијата да ги капитализира негативните реакции и незадоволство на граѓаните од потпишувањето на Преспанскиот договор, но и корупциските скандали што ги следеа во специјалното јавно обвинителство, во кои се споменуваа и високи партиски функционери од СДСМ.
Пред нив е последната можност за да покажат дека „Можат“ да направат и повеќе за граѓаните, а не само за нивното потесно партиско членство, како што беше во изминатиот тригодишен мандат.
На општата општествено-политичка клима што важи за Балканот се надоврзува и мислењето на Гудрун Штајнакер, која 13 години помина како амбасадорка на Германија во Македонија и во Црна Гора. „Глобално гледано, на балканските елити, а ни на нивните европски партнери не им е во интерес да работат на одржлив развој на регионот“, напиша таа во авторскиот текст за „Дојче веле“. Тоа е доволно како најава за временската политичка прогноза за наредниот краткорочен период за Балканот, кој често поминувал низ турбулентни денови. Повеќе со грмежи отколку со убаво сончево време.