А знаете ли што е македонољубец? Македонољубец е именка од машки род и го маркира оној што ја љуби Македонија. Тој најмногу служи за употреба како книжевен збор, за да се означи подостарен романтичен Македонец. Збор што е замена за патриот, за родољубец, зборови на кои им врви модата и кои полека ќе се исфрлуваат од употреба зашто не соодветствуваат на новото време, го упропастуваат новиот живот и се закана за иднината на народот
Ако ве интересира, ако сте национално „запалени“ или ако ви е здодевно и сакате да си играте со исклучително актуелниот збор Македонија и со изведенките од тоа име, поими што по кратко време ќе имаат сосема поинакво значење од сегашното, отворете ги домашните речници и енциклопедии и ќе имате добра забава. На пример, ако во стариот или дигиталниот речник на македонскиот јазик ја побарате одредницата Македонија, ќе прочитате дека Македонија е географско и историско подрачје на Балканскиот Полуостров во југоисточниот дел на Европа и дека има три Македонии: Вардарска, Егејска и Пиринска. И толку.
Ако ја отворите несреќната и забранета Македонска енциклопедија, во издание на МАНУ, ќе прочитате дека Македонија е етноисториска и геополитичка територија во централниот дел на Балканот. Македонија го наследила името на истоимената античка држава на Филип Втори и Александар Трети Македонски. Првобитно тоа име се однесувало на мала провинција во Солунско поле, западно од Вардар. На тој терен е формирана македонската држава. Понатаму, негде на друго место ќе прочитате дека била римска провинција, па петстотини години дел од Отоманската Империја, па делена, парчена, бугарска, српска и слично. Ако сакате да си го проширите знаењето за значењето на поимот Република Македонија, тоа оди потешко, зашто е опширно и сложено да се објасни во неколку реченици. Било тешко да се објасни уште од времето на нејзините создавачи, од научниците што ја проучувале подоцна, како што е тешко да се разбере што е Македонија денес, ако ги имате предвид изјавите на политичарите и лидерите што ја водат во овие години.
Низ книгите не многу лесно ќе ја најдете одредницата Македонец, како еднина и како единка, но кога ќе ја најдете, ќе видите дека Македонец не е кој било. Македонец, според речникот, е припадник на европски народ што ја населува историско-географската област Македонија. Но ако барате Македонци во множина, паѓа во очи таксативната нагласеност дека Македонците се словенски народ во етничка, културна и национална смисла, што живее во Република Македонија, на територијата на етничка Македонија и во дијаспората. Не се потомци на Филип и Александар, најмалку на Зевс или на Херакле (Херкул), како што имаше квазинаучни обиди да се докаже нешто недокажливо.
Од името Македонија произлегува придавката македонски (македонска), која означува сѐ што е во врска со Македонија и со Македонците. Називи на организации, на институции, на фирми, на производи, на здруженија, на весници со вакви придавки ќе најдете илјадници. Од именката Македонец произлегуваат изведенките Македонка (Македонки), Македонче (Македончиња), Македончиште (Македончишта). Треба да се соопшти дека во ниту една книга нема објавено статистички податоци каков е бројниот сооднос на овие категории Македонци, особено не се знае колку има Македончиња, а колку Македончишта. А ќе се согласите, има голема разлика во поимите Македонче и Македончиште. Непријатно е чувството кога некој некого ќе го нарече Македонче, што сугерира мало, уплашено, превртливо, ситно душиче. А колку гордо звучи кога ќе чуеш некој да ти поласка дека си големо Македончиште, макар и те лажел или се додворувал.
Како што рековме на почетокот, ако сте љубители да барате именки и придавки што произлегуваат од зборот Македонија, изборот не е мал. Тука свое место зазема поимот македонистика. Македонистика е именка од женски род и означува наука што се занимава со проучување на јазикот, книжевноста и историјата на македонскиот народ. Тој е главно лингвистички термин, но поширокото толкување е дека македонистиката е славистичка научна дисциплина што ги проучува и афирмира македонскиот културно-национален идентитет, јазикот, литературата, културата, историјата, фолклорот, уметноста, религијата со црквата, етнографијата и битот на македонскиот народ. Оној што се занимава со македонистика, го носи звањето македонист. Но има и многу луѓе што не се занимаваат со македонистиката како наука, но се сметаат за македонисти, пред сѐ од национална убеденост. Од македонистиката произлегуваат и македонизми, зборови или јазични конструкции карактеристични за македонскиот јазик, а преземени во друг јазик. Македонизмите во друг јазик се исто, ама различно, како што се турцизмите, грцизмите, србизмите и бугаризмите, англиканизмите или германизмите во македонскиот јазик, јазик што има корени уште од 9-10 век.
Поимот македонство е именка од среден род и има три значења: севкупност на особините на Македонците, чувство на припадност кон македонскиот народ и целокупност на македонскиот народ, односно сите Македонци. До него, како аналог, е зборот македонштина, именка од женски род, што исто ги означува особините и чувството на припадност на Македонците. Македонштината не е некој литературен поим, повеќе е разговорен, некој ќе рече уличен, кафеански. Но и покрај тоа, од многумина, дури и од високи политичари, европски настроени, ќе чуете дека македонштината им е апсолутно својствена на секој наш граѓанин и секој Македонец ја негува во својата душа и срце.
Дали е така е големо прашање. Македонштината некој си ја носи во гените, од дедо и прадедо, некој не ја чувствува и ич не му е гајле за неа, друг нејзе ѝ се потсмева, тера мајтап со неа. Некој ја смета за доблест и за гордост, друг за мана, за дефект во карактерот. Некој ја промовира на големо, некому му е срам да ја искаже. Како историски, во смисла дека ќе заминат во историјата, ќе се паметат слоганите на нашите водачи „Македонија е сѐ што имаме“ (и никому не му ја даваме) и „Македонштината ни е сѐ што имаме. Никој нема да ни ја чепне, ниту идентитетот, ниту нашата посебност“. Македонштината е аналог на терминот македонство, ама тој збор нема таков патриотски, национален набој како што ѝ личи на македонштината.
А знаете ли што е македонољубец? Македонољубец е именка од машки род и го маркира оној што ја љуби Македонија. Тој најмногу служи за употреба како книжевен збор, за да се означи подостарен романтичен Македонец. Збор што е замена за патриот, за родољубец, зборови на кои им врви модата и кои полека ќе се исфрлуваат од употреба зашто не соодветствуваат на новото време, го упропастуваат новиот живот и се закана за иднината на народот. Такви, подостарени, романтични, „болни“ македонољупци има многумина, но младите љубат други држави, таму го бараат своето место под сонцето, својата нова татковина. Интересно е што во речниците го нема зборот македонољупка, што е женски род од македонољубец, иако македонољупки во реалноста има колку ти душа сака. Ги гледаме како реагираат пожестоко од мажите на протести на едната или на другата партија. Од страна на третите партии се само мажи што не дозволуваат жените да им се мешаат во патриотизмот, во нивното љупство.
Ако има македонољупци, нормално е да има и македономрсци (македономразачи)? Исто како што има север и југ, исток и запад, горе и долу, лево и десно. Но ако го барате во дигиталниот речник, ќе прочитате дека овој збор не е најден. Го нема. Не оти нема такви, но тешко е да се објаснат, особено во време кога во една држава се измешани сите политички лончиња. Ако човек, во зовриена политичка атмосфера се обиде да толкува кој е кој, може да произлезе заклучок дека македонољупците се всушност вистинските македономрсци, и обратно, македономрсците да бидат прогласени за најголеми македонољупци, односно патриоти. Такви се времињата.
Како што може да се очекува, поимите што се наведени во оваа ненаучна статија во скора иднина ќе си претрпуваат измени, ќе добиваат географски или други додавки, префикси или суфикси, зависи како ќе одредат политичарите, Македонци и немакедонци, но не и лингвистите стручњаци. Од многу објаснувања не остана време и место за разгледување на поимот „македонизам“, секако еден од најсложените и најактуелни поими што ги возбудуваат духовите не само во сегашна Република Македонија туку и соседите, особено Бугарија и Грција. За македонизмот, за неговото значење и обидите за негово уривање, ќе читаме наредниот петок. Да се надеваме. Во меѓувреме секој од читателите (читателките), ако го интересира, ако има време и ако е расположен, може да си прави свои толкувања на името Македонија и сѐ што произлегува од него. Зашто името, поимот, зборот Македонија е една голема, сѐ уште ненапишана книга. Допрва ќе се допишува.