Политичка коректност: волк во овча облека

Политичката коректност отиде предалеку во Македонија. Сериозно се заканува да ја задуши слободата на говор како алатка за навигација на демократијата. Мораме да бидеме искрени за проблемот на политичката коректност во Македонија. Во спротивно сме на пат да извршиме евтаназија на кревкото тело на македонската политика

Чудно е како никој не реагира дека Македонија се соочува со застрашувачка опасност: „политичка коректност“. Или, политика во ракавици. Тоа е егзистенцијална закана за државата што е на пат да ги погреба демократијата и слободата на говор. Никогаш не ја перципирав „политичката коректност“ како алатка на демократијата, туку како алатка на тоталитаризам, деспотство, диктаторство и авторитарност. Фокусот на општеството врз „политичката коректност“ создаде парадигма во политиката и медиумското покривање, што доведе до многу прашања од кои најчесто е: како влијае политичката коректност врз слободниот говор?
Сметам дека самата „политичка коректност“ ја задуши разновидноста на политичката расправа, поради неговата способност да го ограничи она што се смета за прифатливо за дискутирање. Потврда за ова дојде веднаш по изборите кога ја видовме грдата „политичка коректност“ на македонската политичка сцена. Идеолошките чувари на политичкото полтронство и клиентелизам атакуваат на секој политички говор спротивен на нивните догми во политиката. Стариот комунистички сентимент сега пресликан во младaта инквизициска булумента скриена зад човековите права, суди за тоа што е коректно, а што не во политичкиот говор во Македонија, со намера за дискредитација на политичките противници.

Очигледно дека кога зборовите и политичките пораки на другите не се по вкусот на нивниот софистициран и нежен, непорочен и со пари негуван слушен апарат, напаѓаат како збудалени пит були. На секој демагог му треба непријател. Самопрогласената лажна „државотворна елита“ си креира свои фантомски непријатели. Неспособна да ги реши проблемите со кои се соочува државата, без визија и решенија како понатаму, сега се обидува да спречи некој да зборува отворено за тие проблеми, со јазик што тие не го разбираат, но го разбира народот. Заедно со арогантните медиуми и политичките инсајдери во ликот и делото на невладиниот сектор не сакаат да се зборува за нивните промашувања, предавства, корупција и злосторства против демократијата. Тие посакуваат сѐ што е ново и револуционерно во политиката во Македонија да се претопи во македонскиот кварен модел на политичар, негуван во транзицијата и заедно да продолжат со истите неуспешни политики.
Изгледа на народот му е доста од нашиот поларизиран празен национален разговор во политиката и подготвеноста да се биде флексибилен и коректен во таквиот политички разговор. Изгледа се уморивме од „политичката коректност“ на нашите салонски политичари. Конечно имаме „маверици“ и „аутсајдери“ во политиката, кои почнаа да крстосуваат против корумпираната есенцијација на политиката во Македонија. Очигледно овие избори ги скршија неискажаните правила во врска со тоа што можат или не можат да сторат и да кажат јавните личности.

Атаката на слободоумниот и неортодоксен политички вокабулар нѐ увери дека постои збир на моќни, неименувани актери, кои се обидуваат да контролираат сè што правите и говорите во државава. Одбивањето да се биде коректен ги разоткри лицемерството и стравот на неспособната, но умислена и арогантна политичка квазиелита во државава. Сѐ повеќе јасниот и бескомпромисен политички речник станува средство за осуда на политичарите, кои се парализирани од стравот за соочување со народот, поради сопствените промашувања во политиката. Не знам како сѐ уште нѐ гледаат, по очигледниот колосален пораз на изборите, дека подемот на политичката (не)коректност е одговор на наметната тиранија на политичката коректност. И дека политички (не)коректниот говор станува оружје што го исцртува новиот политички пејзаж во Македонија. Можеби застрашувачки за постојниот политички естаблишмент, но освежувачки за граѓаните на Македонија.

Дали политичките ставови што ја поминале границата на коректност ги осудуваат на пропаст лидерите што ги промовирале? Не верувам. Изборите покажаа дека на електоратот му се допаѓаат политички лидери што не се плашат да го кажат она што го мислат и она што народот очајно сака да го чуе, без оглед дали е политички коректно или не. Новиот бран политичко лидерство во Македонија ја споделува загриженоста на граѓаните за нивната секојдневна способност да се изразат слободно, за различни теми, вклучувајќи ги и оние што ги подигнавме на ниво на догма во Македонија, како што се НАТО и ЕУ. За да го смените ова треба храброст, ако не сакаме да подлегнеме на наметнатиот догматизам во политиката.
Политичката коректност отиде предалеку во Македонија. Сериозно се заканува да ја задуши слободата на говор како алатка за навигација на демократијата.

Мораме да бидеме искрени за проблемот на политичката коректност во Македонија. Во спротивно сме на пат да извршиме евтаназија на кревкото тело на македонската политика. Затоа не смееме да дозволиме политичката коректност да се претвори во алатка за замолчување на политичките противници и средство за регрутирање на поединци во политиката, кои ќе бидат кло(в)нови на своите политички господари. Време е за нова „политичка (не)коректност“, која работите во политиката ќе ги кажува со нивното вистинско име.