Ќерката на претседателот се повика на Марија Антоанета додека им држеше предавања на невработените Американци
Автор: Едвард Лус
Фајненшл тајмс
Американското национално здружение на производители оваа година ја награди ќерката на претседателот Иванка Трамп со престижната награда „Александар Хамилтон“. Индустриската група порача дека „ниедна друга влада не реагирала вака претходно, обезбедила единствено лидерство и покажала непоколеблива посветеност на индустријата“ во она што требаше всушност да биде орден за полтронство.
Оваа недела, самопрогласената ќерка на Америка апелираше до речиси 30 милиони невработени Американци да „најдат нешто ново“. Ги советуваше да научат нови вештини и да побараат друга работа. Четири години откако Доналд Трамп вети дека ќе го врати достоинството на заборавените Американци, неговата ќерка му се замеша во сценариото. Ако постоеше награда за неразбирање на економијата, тогаш Иванка Трамп ќе ја добиеше. Никој не сака да биде обвинуван затоа што е невработен.
Во април во САД беа изгубени рекордни 20,5 милиони работни места. Ова не значи дека 20 милиони Американци одеднаш ги загубиле нивните квалификации, туку значи дека американската економија беше во карантин. Како репер за неединство, Марија Антоанета тешко дека ќе направеше нешто поинаку.
Преголемата улога на Иванка во американскиот живот олицетворува многу повеќе од владата на нејзиниот татко. Таа не е поинаква од блиските роднини на многу богати Американци кои сметаат дека нивното богатство им дава дозвола да им држат лекции на оние што немале толку среќа во животот. Поинаков е фактот што таа и нејзиниот сопруг Џаред Кушнер се најблиските советници на американскиот претседател.
Нејзината улога е поголема од квалификациите на американската работна сила. Откако плоштадот „Лафајет“ минатиот месец беше расчистен со солзавец, Иванка ја извади библијата од нејзината чанта „Макс Мара“ вредна 1.540 долари и му ја даде на својот татко. Среде најжестоките расни протести во изминатите години во Америка, официјалните фотографии прикажаа администрација која не знае како да се справи со поделбите во државата.
Токму Иванка даде идеја за нејзиниот татко да биде прикажан со библија пред најблиската црква. Среде жестоката конкуренција, таквата слика ќе се запамети како најдистописка во мандатот на Трамп. Советот на Иванка несомнено беше добронамерен, но патот до пропаста води токму преку вакви гестови.
Незгодниот дел за многумина од американската елита против Трамп е што првата ќерка и зет не се воопшто далеку прикажани од тоа какви што се навистина. Иванка и нејзиниот постар брат Доналд помладиот беа примени на универзитетот во Пенсилванија откако нивниот татко донираше 1,4 милиони долари. Двајцата ја задржаа традицијата во нивното семејство бидејќи и нивниот татко студирал на истиот универзитет. Кушнер беше примен на „Харвард“ откако неговиот татко Чарлс донираше 2,5 милиони долари. Ова се познати приказни. Едно истражување минатата недела покажа дека 43 отсто од белите студенти биле запишани на „Харвард“ поради тоа што нивните родители студирале таму, донирале пари, биле професори или добиле спортска стипендија.
Американската наследна меритократија е распространета во сите елити, односно подеднакво во либералната и во конзервативната. Она што ја истакнува Иванка е размерот на нејзината позиција што може да дели животни совети на светот. Минатиот месец нејзината покана за обраќање беше повлечена од настанот на државниот универзитет во Вичита поради негативните реакции околу убиството на Џорџ Флојд. Откако се пожали за „откажувањето“, Иванка секако ја сподели видео-снимката од говорот. Обраќањето можеше да го направи кој било потомок на богато семејство. Во него, таа ги советуваше дипломираните студенти да бидат културни со странците, да медитираат и да се молат. Исто така им апелираше на студентите да научат нови вештини преку онлајн-курсеви и посочи дека универзитетот не бил за секого, односно дека некои луѓе немале капацитет за универзални четиригодишни додипломски студии.
Нејзиниот говор можеше да го одржи секој предводник на семејна фирма, а пораката ретко се разликува. Иванка оваа недела истакна дека „во пандемијата, луѓето треба да ја искористат шансата и да научат сосема нови вештини“.
Примамливо е да се третира кампањата на Иванка „најдете нешто ново“ како фројдовска грешка за функцијата на нејзиниот татко. До изборите има уште неколку месеци, а според анкетите, американските гласачи сакаат нов претседател. Нема ништо невообичаено во нејзината филозофија за работните места. Иванка никогаш не требала да се мачи да најде работа во животот. По дипломирањето почна да работи во фирмата на татко ѝ. Потоа лансираше модна линија која ја спонзорираше татко ѝ. Истото важи и за Кушнер.
Поуката на нивната приказна е подлабока од Доналд Трамп. Тој можеби ќе ја загуби претседателската функција во ноември, но неговата ќерка ќе продолжи да држи лекции.
Превод: Билјана Здравковска