Има една народна поговорка: „Кој те удри? Сам. Те боли? Не.“ Така ние сами си го бришеме вековното име од Уставот. За тоа никој не ни е виновен, освен самите ние. Во теоријата на држави и право не е забележано самиот народ да се откаже од сопственото име. Преседан сме само ние.
Повелбата на Обединетите нации му гарантира на секој народ да се самоопредели, да се запише во Уставот кој е и што е. По донесување на Уставот се бара прием во ОН. Ние како македонски народ сме се самоопределиле, не само де јуре на заседанието на АСНОМ во 1944 година, ами и пред тоа, во вековната борба на нашите предци сме докажувале дека сме Македонци. Ова право ни беше признаено од сојузниците во текот на Втората светска војна, со присуство на англоамериканската и делегацијата на СССР во Караорман во главниот штаб.
Државата се формира на македонска територија од македонскиот народ и народностите. Со промената на политичкиот систем од социјалистички во капиталистички во 1991 година, се надевавме на демократско владеење, владеење на правото и почитување од светските моќници на нашиот суверенитет. Во 2001 година ни се случи притисок од посилните, а и поради нашите неуки политичари во тоа време, Собранието на РМ го измени Уставот. Самите наши политичари, под покровителство на сега покојниот претседател Борис Трајковски и под диктат на тогашниот претседател на Собранието Стојан Андов, го изменија Уставот. Во живата материја нема македонски народ. Сами се избришавме. Уставот остана без народ. Во правото има непишано правило, ако некој те брише како народ, кога и да е пак ќе бидеш народ.
Секоја држава се формира врз основа на три основни елементи: територија, народ и историја, како и културата, обичаите и сѐ друго што тој народ го прави единка, дека тој народ е тој и никој друг, со сите белези на идентитетот. И нашата држава е формирана врз истите принципи – територија, народ и идентитет. Држава без народ нема.
Преговорите помеѓу министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција завршија со потпишан договор. Со договорот името на државата Р. Македонија се менува со додавката Северна РМ и обврска на Македонија да го промени Уставот. Доведен е во прашање идентитетот на македонскиот народ. Да прифати Македонија ерга омнес, дома да измениме сѐ како име, сѐ да биде „северна“. Се бара измена и на преамбулата, каде што стои – македонскиот народ.
По потпишувањето на договорот, стигнаа честитки до Владата од функционери на Европската Унија, САД, Русија. Во 1913 година македонскиот народ кажал за Русија: „И таа мајка Русија на каршија ни постави пусија“ (на турски „пусија“ е заседа). Лавров го стори истото тоа. Разбирливо е да се честита што е нешто вистинито, но да се честита за договор склучен од неовластен министер за надворешни работи, водени преговори спротивно на Уставот. Членот 119 од Уставот предвидува склучување меѓународни договори од претседателот на државата, а не од министерот. Истата песна како поранешниот бивш премиер Никола Груевски, кој донесуваше закони во Собранието врз основа на политички договори помеѓу политичките партии. Закон е закон само ако е донесен врз основа на Устав. За постигнување политички цели Уставот се занемарува. Ова е доказ дека немаме правна држава.
Не е никој против да сме членка на Европската Унија, но тоа треба да биде во согласност со Уставот, со ред да се запазат сите процедури, а не постапка надвор од Уставот. Членот 131 од Уставот пропишува дека одлука за пристапување кон измена на Уставот донесува двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници. Со 69 гласа предлог-законот не е усвоен. Овој член исто така предвидува измена на Уставот со двотретинско мнозинство. Од овие одредби произлегува дека не може да се распише референдум. Нема потреба народот да се кандисува да гласа за нешто што е спротивно на Уставот.
Сме имале многу кризни состојби, блокади, закани, но народот не се наоѓал во ваква состојба. Поделен, никој не знае што ќе се случи и какви сѐ последици ќе има.
(Веле Калчиноски, дипломиран правник)