Стара поговорка вели дека кризата не ја прави личноста, туку открива од што е направена. Истото тоа важи и за политичките системи: за време на криза, нивните основни јаки и слаби страни се разголени. Кога започна кризата со коронавирусот, ја видовме разголена нашата демократија. Или тоа што остана од неа.
Повеќе не може да се одрекува дека демократијата е во опасност низ светот. Изборниот успех на партиите со латентни или отворено антидемократски цели и растечката политичка поларизација дадоа основа за загриженост за стабилноста на демократијата во многу региони во светот, особено за наводно стабилните демократии на Западот. Сѐ повеќе имаме предупредувачки сигнали за губење на довербата во демократијата и подемот на популизмот, не толку како причина, туку е симптом на овој процес.
Кризата на демократијата во најголем дел е криза на репрезентативност или, поточно, отсуство на репрезентативност. Подемот на групите со посебни интереси и моќта на парите ги блокира колективните желби. Затоа демократијата не испорачува. Владата не ги решава егзистенцијални прашања. Граѓаните се убедени дека политичарите не зборуваат за нив и во нивно име. Политичарите зборуваат самите со себе и се слушаат самите себе. Граѓанинот нема кој да го слушне.
Ние не сме светот, па и затоа не мора да бидеме загрижени. Кај нас демократијата е во опасност од самите почетоци на нејзиното устоличување. Глобалната криза на демократијата доведе до растечки авторитарни предизвици во земјава. Ваквата криза го смени политичкиот пејзаж кај нас, што резултира со адаптација на политичките елити и режими на владеење и барање нови алатки за зачувување на моќта и обезбедување на легитимноста во очите на граѓанството.
Сиве години се уморивме борејќи се да одржиме здрав демократски систем. Како да успеете во тоа кога кај нас со децении луѓето се сомневаат дека демократијата работи за нив, или дека воопшто функционира правилно? Изборите кај нас не даваат резултати во реалниот свет, туку значат дополнително продлабочување на постојните политички и социјални поделби.
Нашиот демократски систем е во континуирано распаѓање од неговото етаблирање во 1990-тите. Затоа ако светот во 21 век зборува за криза на демократијата, кај нас кризата започна со демократијата. Поточно, зар некој нормален очекуваше дека луѓе со тоталитарна свест можат да изградат демократски систем? Нашата демократија беше издишана во својот зародок. Осудена на неуспех. Затоа не сум изненаден од ваквиот демократски хермафродит што го имаме денес во државава. И кој не е во криза. Тој самиот по себе е криза.
Демократски хермафродитен политички систем изроди и такви политичари што успеаја зборот политичар да го направат омразен кај нас. Синоним за лажен елитизам, „самопослужување“, корупција, нарцизам и неспособност. Ние ја немаме демократската историја на Западот за да го перципираме „политичарот“ како „јавен службеник“, или јавниот сервис како служба во корист на граѓанинот, при што политичарот ги става настрана сопствените потреби и интереси во корист на оние на заедницата. Ниту имавме ниту ќе имаме таков вид на политичар. И барем во скоро време не гледам шанса да го добиеме.
Знам дека овој хермафродитен демократскиот облик на управување ниту ја имал ниту ќе ја има привлечноста на западните демократии Луѓето се гневни и разочарани и бараат нешто подобро. Не гледам дека ваков облик на управување може да испорача нешто добро. Особено не во вакво време, кога кризата со коронавирусот е суплемент на кризата на демократијата.
Ние сме во политички момент што е сѐ само не нормален. Вообичаените очекувања за тоа како функционираат политиката и животот се ставени во мирување. Во Македонија долги години хермафродитниот демократски систем на управување не ги рефлектира интересите на обичните граѓани, туку на некоја сива политичка елита. Нивото на одзив на изборите е во континуирано опаѓање. Цинизмот за политиката и на политичарите е сѐ поголем и пораширен. Сѐ помалку партиципираме во политичкиот живот на државата и сѐ помалку имаме почит кон авторитетот или легитимноста на нашите политички лидери. Политичарите никако да го видат ова. Или одбиваат да го видат.
Па, што треба да се направи? Стабилната, функционална репрезентативна демократија што ја црпи довербата од јавноста не може да ја вратиме прекуноќ. Не може да вратите нешто што сте го немале. Но може да почнете да ги собирате парчињата на демолираната демократија и да го составувате новиот демократски мозаик, во кој граѓаните ќе имаат посилен глас во процесот на креирање на јавната политика, а владата ќе вложи поголеми напори да се консултира со јавноста, слушајќи ги нејзините ставови и одговарајќи на нејзините потреби и приоритети. Изборите наскоро ќе потврдат дали кризата на демократијата ќе значи ренесанса на авторитаризмот кај нас. Или не. На нас е да решиме.