Според мнозина, пандемијата има само една добра страна: ги запре патувачките циркуси во кои (големите) партии ги шетаа истите партиски статисти од едно место на друго за да глумат „народ“. Се разбира, тоа не значи дека изборите сега се поевтини, т.е. економски порационални: се дели „капом и шаком“ под други ставки, бидејќи некои центри и ликови треба да (пре)живеат од трошките фрлени во име на изборите. Теориски и хипотетички, кампањата треба да биде еден од најважните делови на изборниот процес, во кој граѓаните добиваат еднаков увид во политичката понуда, програмите и кадровските потенцијали на сите учесници. Среде пандемија, која се наоѓа во својот врв (судејќи според бројот на починати, исполнетите болнички капацитети и преморените здравствени работници), би очекувале барем малку пристојност и почит за граѓаните (па и сопствените „војници“), но не е така. За партиските врхушки ова е време на живот и смрт (политичка, се разбира, зашто вистинските се само непријатност или колатерална штета).
Ако се погледне кампањата во Србија и во Хрватска, може да се заклучи дека воопшто не заостануваме – со стерилноста, неинвентивноста, старомодноста, и со „црната боја“, која опфаќа мизогинија, нетрпеливост, манихејство, политичка дискриминација и дисквалификација на противниците (и лична и политичка).
Како тогаш да се оцени она што се нуди овде на ТВ-екраните, во печатените медиуми (кои се бројат на прстите на едната рака), парталите (упс, порталите) и социјалните мрежи? Она што прво паѓа во очи не е присуството, туку отсуството – на голем дел од учесниците во политичката трка, но и отсуството на идеологија, на вистински теми, на решенија и допир со реалноста! За морал и да не зборуваме… Доволно е да ја погледнете платената политичка програма за веднаш да ви стане јасно дека речиси четири петтини ѝ припаѓаат на владејачката партија на нашата земја (чудно, албанските партии и натаму не трошат пари на рекламирање во медиуми на македонски јазик, ниту пак на материјали што би биле достапни за неалбанците – таму битката си е строго свртена кон етничкиот „двор“, во кој се докажуваат кој е подобар Албанец и кој ќе побара повеќе од македонските партнери).
Платената програма зборува за финансиската моќ, но и за злоупотреба на државни средства за кампања што е спротивно на сите меѓународни стандарди (а е и стара болка во Македонија). Убаво си кажа Заев во една од „бомбите“ дека тој си ја поседува партијата, ја води затоа што инвестирал пари во неа (за разлика од Бранко). Но тоа е речиси генерална слика на хиерархиската поставеност во партиите: газдите се на врвот, а потоа следуваат оние што се поголеми донатори, и така редум…
Во неплатената програма (дуели, дебати) повторно гледате слика на избори што не се ниту фер, ниту демократски, ниту инклузивни: некои претставници на големите партии шетаат од едно ТВ-студио во друго, си прават реванши, додека другите немаат шанса ни да ѕирнат ни да се замешаат во друштвото на оние од „големото добро утро“. Се случува, еден учесник да одбие дуел, но уредниците не ни помислуваат да внесат замена, па оној што дошол сам себеси си зборува, а новинарот/новинарката изигрува опонент. Други телевизии си вовеле неправедна шема да ја соберат т.н. ситна боранија да се „испотепа“ меѓу себе, иако сите имаат копи/пејст програми, идентични како велигденски јајца (само во бојата се разликуваат). Тешка гладијаторска борба за трошките, во која се губат нерви, култура, идеја… Медиумите се главната алатка за вкоренување на дуополот во политиката.
Надвор од теориските и посакуваните замисли за демократијата, кампањите се во основа бесмислени. Она што е суштински важно го нема во кампањата, но затоа се потенцира сето друго што е обична дистракција, манипулација и фрлање прав в очи (за да не се видат голотијата, бедата, безидејноста). Велат дека граѓаните не читале програми и повеќе се определувале за личности, но како/зошто да читаат програми што се полни со флоскули: НАТО, ЕУ, демократија, вработувања, Дедо Мраз, волшебни стапчиња, повисоки плати, благосостојба, странски инвестиции, владеење на правото, борба против корупција итн. Лицитираат небаре се клучарот на Светска банка, волшебници и махери… Флоскулите за НАТО и за ЕУ се особено смешни, бидејќи и на едните и на другите, да простите, им се прди за нас (да го цитирам големиот Горан Стефановски). Меурот во кој живеат партиите не познава пандемија, рецесија, сиромаштија и невработеност, длабока криза на ЕУ, колапс на неолиберализмот, нов распоред на силите во светот – нешта што тропаат на вратата на сите развиени земји! Тие не ја ни слушаат Меркел што вели за приоритетите на германското претседателство со ЕУ, туку лажираат вести за македонскиот јазик како официјален во Унијата. Се фатиле за (нацрт) „рамката“ како давеник за сламка…
А единствената разлика од другите изборни процеси е токму во она за што никој не зборува: погубните ефекти на пандемијата како врз економијата така и врз социјалата, начинот на живот, човековите права! Техничката влада на Спасовски од „нашата земја“ веќе ги списка кредитите и долговите за евидентен изборен поткуп – а никој ни да писне, ни од Брисел, ни од Берлин, а камоли од Скопје. Со други зборови, новата (или старо-новата) влада ќе менаџира мртво (економски и социјално) тело на државата, состојба за која ниту има план, ниту умеење, ниту пак вистинска грижа. Дури и расправиите за Преспанскиот договор се до болка неискрени и импотентни…
За жал или за среќа, кампањата не одлучува за исходот на изборите. Таа е преценета, особено во длабоко поделено општество во кое секој им се обраќа на своите, а неопределени нема (дури ни кај апстинентите). Зарем некој верува дека сега, на десет дена пред изборите, некој ќе се разубеди и ќе ги прифати „аргументите“ на Заев или на Мицковски (да не набројувам понатаму бидејќи истото тоа се однесува и на другите големи играчи)? Ние сме одамна поделени, а рововите ќе се продлабочуваат со генерации. По преспанската траума, за помирување или за заборав не може да стане ни збор, а можност за национален консензус уште помалку, дури ни ако е во прашање егзистенцијално прашање.
Впрочем, тажната вистина е дека демократијата, особено изборната демократија, е на посмртна постела. Од поодамна таа е разведена од капитализмот, кој извојува победа над тие некакви идеали, а е целосно свртен кон сопствениот опстанок. Погледнете го циркусот во САД! Или видете што прави „кралот на сонцето“ во Франција (му даде шут-карта на најпопуларниот премиер од страв за сопствената позиција и постави анонимус бирократ што нема да го загрози). За Србија или за Русија воопшто и да не зборувам (иако барем се апла „чесни“ во бруталната вистина за еднопартиско владеење и едноумие…). Демократијата е загубена бајка среде кошмарна стварност, и тоа можеби најмногу поради камелеонската природа на либералите и прогресивците (кои сега сопствената немоќ ја правдаат со порастот на популизмот).
Тогаш, каде е излезот? Што да се прави? Зарем ќе се предадеме и ќе седиме дома? Фајде од избори можеби нема, ама од седење дома уште помалку. Најважно е да се совлада стравот за сопственото здравје, бидејќи со одржување на ова статус кво, ни здравје ќе имаме, ни живот! Ќе мораме да излеземе со беспрекорно (лично) почитување на мерките на заштита! Мојата стара мајка нема да ја изложам на ризик, но јас ќе одам без дилема.
Ако излегував на протести, пишувам и зборувам толку време, сега ќе го затнам носот и ќе го запрам гадењето; ќе ја подигнам маската над носот, ќе ставам ракавици (иако и би сакала без ракавици да се справам со некои) и ќе гласам. Одбивам да умрам пасивно, во очај и безнадежност. Изборите (и кампањата) можеби никогаш не биле побезнадежни, но затоа индивидуалниот глас е значаен како никогаш порано – нека биде и израз на бунт, гнев, подигнат прст на пркос! Седењето дома и сеирењето на социјалните мрежи им преостануваат на тие што се помириле со судбината и мирното водење на „туширање“. Секој со својата совест, со својата граѓанска одговорност – би рекла, и со својата идеологија!
Имам намера да гласам за идеологија, за вредносен систем што е различен од безалтернативноста што ми ја нудат како „визија“, што е можеби утопија, ама е моја утопија, моја визија, мој компас, а не рециклирана стихотворба погодена за да им угоди на оние на Калето и во Брисел. Баталете кампања, гледајте фудбал или филм, одете на прошетка во природа, погалете си ги децата, но по сите лузни и трауми апстиненцијата не е ништо друго освен личен и духовен пораз. Кампањите се полни со лаги и ветувања, кои ќе се прекршат на ден по изборите, но овој пат јас навистина им верувам дека „можат повеќе“ и дека ќе го реализираат и незамисливото затоа што немаат ни совест ни срам, а не видоа ни посилен отпор. Тоа ме ужаснува повеќе од пандемијата. Ave Caesar, morituri te salutant! Цезаре, оние што ќе умрат те поздравуваат!