Крсте Петков Мисирков, учителот од Постол, полинационалниот филолог, славист, историчар, етнограф, аматерски картограф, балкански ентузијастички идеолог, неприфатен визионер, признаван од едни, оспоруван од други, мачејќи си ја главата со националните прашања и државните односи на Балканот, нашол за сходно во тој историски метеж да ги смести и Власите.
Во славната, прочуена книга „За македонцките работи“, во поглавјето со наслов „Што направивме и што треба да правиме во иднина“, каде што нашироко препорачува какви треба да бидат односите на Македонците со Бугарите, со Грците, со Србите, а особено со Турците што владееле со цел Балкан, Мисирков одвојува едно мало парче, дваесетина реченици, во кои ги подучува Македонците што треба да прават со Власите, народ без држава и без своја власт.
Еве што пишува Мисирков (цитат): Најарни можат и треба да ни бидат односите со Власите. Нашите интереси никаде не се пресреќаваат со влашките. Власите повеќе живеат во градовите и се трговци, а ние повеќе сме во селата и сме селски стопани. Оние од Власите што живеат во селата, се занимаваат со овчарство. Власите и нашиот народ се разликуваат по јазикот, носијата, карактерот, така што никојпат Власите не можат да претендираат на наши села; исто така никојпат ние не сме кажувале оти влашките села се наши. Меѓу нас и Власите нема никакво историско недоразбирање. Власите никојпат не имале никаква власт над нас и никојпат не ни сториле никаква пакост. Исто така, тие немаат ништо патено од нас. Обратно, уште од средните векови и меѓу нас и Власите имало секојпат согласност. Врз таква почва може да се развие најсрдечна дружба помеѓу нас и Власите. Таа дружба треба да пушти длабоки корени помеѓу двата братски народа за да им даде можност рака за рака да одат по тешкиот пат на културниот прогрес.“ (затворен цитат).
(Цитираното е напишано на јазикот на Мисирков во 1903 година, а овде наведено според македонскиот литературен јазик.)
Кои биле, кои се денес Власите, оваа сѐ уште недокрај објаснета, мистериозна, провокативна, контроверзна етничка заедница, која во Република Македонија го одбележува 23 мај како свој национален празник, единствено во светот. Ако нешто друго не е познато, точно се знае дека тој датум е земен од 1905 година, кога турскиот султан Абдул Хамид го потпишал Ирадето, државен акт со кој на Власите на Балканот им се признава посебноста. Добиваат права да го употребуваат својот јазик во училиштата и црковните служби и сами да избираат градоначалници. Пред тоа стотина години за да водат трговија го имале правото, добивале тескере, да патуваат низ сите земји на царството, рамно со Турците, што на други народи такво нешто не им било дозволувано. Во некои книги може да се сретне податокот дека во големите турски освојувања Евреите им биле банкари – касиери, Грците – доктори, а Власите главна логистика во снабдувањето и превозот на стока и храна за војските. Изгледа затоа тогашните Турци биле толку успешни во походите.
Значи, кои се Власите? Нема некој учен, преучен, што ќе ви каже најточно што се, од каде потекнуваат, од каде дошле на Балканот и како стигнале во денешна Македонија. Има низа теории за нивниот корен од учени луѓе и од Запад и од Исток, од Германци и Руси, во обид да ги одгатнат тие прашања, но сите извори колку што се паралелни, толку се противречни. Но едно е сигурно – тие се едни од најстарите жители на Балканскиот Полуостров.. Некои истражувачи пишуваат дека се остатоци од Римјаните, римски војници што биле чувари на превоите на патиштата, а останале во планинските села. Други, претерано провлашки настроени, дека се тука од пред времето на македонската династија, со тврдење дека мајка му на Александар Македонски, Олимпија (Олимпијада), била Влаинка. Трети дека отсекогаш биле Грци, но со различен јазик, и ништо друго.
Романски и проромански истражувачи искажуваат дека национално се Романци, наведувајќи го романското пропагандно и црковно присуство кон крајот на 19 век, теза што не зафаќала широк простор.
И покрај големиот број трудови за Власите од различни научни области, сепак, потеклото на оваа популација останува неодредено. Направените генетски истражувања во поново време недвосмислено покажуваат дека се посебни и по ген и по карактер – се разликуваат од другите големи популации на Балканот. Ги има на цел Балкан, денес најмногу во Грција. Претпоставка е дека во најславните времиња, на територијата на Османската Империја, главно во географска Македонија, нивниот број бил околу два милиони, што некои ја сметаат за претерана бројка. Иако толкав народ, никогаш немале држава, немале свој цар, култ или идол, освен Исус Христос.
Православни, главно источноправославни, религиозно тврдоглави, вредни а скржави, национално затворени, дури закоравени, тоа се карактеристиките со кои се опишуваат низ книгите. Со занимања надвор од селски и земјоделски работи, подалеку од мотика и лопата. Сточари, главно овчари и коњари, трговци, праматари, џамбази, кираџии (превозници), производители на волна и млечни производи, од нив кашкавалот си го добил името.
Ако не е познато како се нашле на Балканот, попрецизни се податоците кога и од каде дошле помасовно на територијата на денешна Република Македонија. Од југ кон север – е најкраткото географско објаснување. Пристигнувале во неколку брана од два правца – од Албанија и од Грција во втората половина на 18, првата половина на 19 век и нешто по Балканските војни во 20 век. Првиот, прозападен, бран бил по првото опожарување на Москополе (во Албанија, близу Корча, педесетина километри далеку од Струга, исто толку од Ресен).
Москополе е влашкиот Ерусалим, историско, емотивно, носталгично, култно место во кое живееле 30-40 илјади жители, двапати опожарено, последниот пат од Али-паша Јанински. Бегајќи од прогоните оттаму, Власите се населиле во Струга, Охрид, Ресен, Битола (со Магарево, Трново, Маловиште и Гопеш), Кичево, сѐ до Тетово. Но централното место е Крушево, име што прогонетите од родните огништа си го понеле од селото од кое дошле. Втората, источната група, е од под планината Грамос, која преку Солунско Поле се населила во локалитети околу Штип, Свети Николе, Кочани и делови од Осоговијата. Тие се македонските Грамостенци, Грамостејани. На таа источна страна се и Власите од Мегленско, населени во Гевгелија, Валандово.
Според таа територијална разместеност и според јазикот што го зборуваат, односно дијалектите што ги употребуваат, може да се поделат во неколку поголеми групи со свои имиња, поточно назнаки.
Имено, општо земено, сите се Власи (Аромани, Армњи), но со поконкретни локалитетни имиња. Така на пример, Пиндоси, според планината Пинд, се Власи во Грција и Албанија, Грамостенци (во Грција, Македонија, Бугарија), Москополци (Албанија, Македонија), Фрашероти (Албанија, Македонија, Романија), Мегленоромани (Грција, Македонија, Романија). Во подгрупи се сметаат Музаѓари (Албанија), Истаромани (во Истра, Хрватска) и Саракачани (Грција, Бугарија). Влав Саракачанин (или Каракачанин), на пример, е бугарскиот министер Красимир Каракачанов, што и самото презиме јасно го покажува неговото национално потекло.
Меѓу народот е познато именувањето со зборот Цинцар. Но Цинцарите не претставуваат некаква посебна група. Зборот Цинцар е општ назив, српска измислица за именување на сите Власи, повеќе како ироничен прекар. Објаснувањето е дека потекнува од бројката „цинци“ на македонски број пет, која често ја употребувале Власите доселени од Москополе во Србија, каде што тие ја основале и одржувале целата српска чаршија, вклучувајќи ја и белградската, во турско време. Цинцар е термин врз кој се слојат познати вицеви за неговата итрост, скржавост, затвореност, недоверчивост кон другите, како и за исмевање на јазичните грешки што ги правеле Власите во државите во кои се населувале.
Остана уште да одговориме колку Власи има во денешна Северна Македонија. Одговорот е дека точниот број никој не го знае, дотолку повеќе што во оваа држава нема попис веќе дваесет години и ниту една пописна бројка, за ниту една националност, не е релевантна. Според некои извори, во македонска Македонија на почетокот на 20 век имало околу 100 илјади Власи, бројка што некои демографи ја сметаат за претерана. Сепак, ретки биле градовите каде што немало барем по две-три семејства. При последниот попис, како Власи се изјасниле околу 8,5 илјади граѓани. Статистички бројката е премала, по потекло има многу повеќе. Овде, кај нас, за Власите може да се чуе максимата „малку се, ама добро распоредени“.
Што значат гореспоменатите бројки? Значат дека Власите демографски исчезнуваат од овие простори, како и на цел Балкан. Овде не насила и не по закон, туку по своја или по брачна волја се интегрираат и асимилираат, стануваат Македонци. Кај третата генерација влашкото е само далечен одглас, за нивните деца и внуци е повеќе тема за шега, одошто за национално чувство или определба. Власите се народ со свој оригинален јазик што гасне, со национално чувство лесно подложно на лојалност, со идентитет што во општа практична смисла не значи ништо, народ што немал држава и водач, а најверојатно немал ни некоја национална обединетост и слога.
По сѐ горенапишано, епилогот, поуката на овој текст би била дека помина времето кога Власите требало да научат нешто од Македонците, туку Македонците, во ситуацијата во која се наоѓаат, да научат нешто од судбината на Власите. Да се заинтересираат, да проучат, како неосетно гасне, како без некоја голема врева се губи еден народ од картата на народите. Да ги користат искуствата ако сакаат да се зачуваат како народ со свој јазик, писмо и со своја држава.