Дури и пред пандемијата постоеја знаци дека светските цени на храната би можеле наскоро да пораснат. Почести станаа екстремните временски услови предизвикани од климатските промени. Африканската свинска треска збриша над една четвртина од светската популација на свињи минатата година, што предизвика цените на храната во Кина да се зголемат за 15-22 отсто досега во 2020 година во споредба со претходните. Неодамна, најлошата наезда на скакулци во последните 70 години ги уништи посевите во Источна Африка. Во Кенија цената на пченката, која е главна храна, се зголеми за над 60 отсто од 2019 година. Ковид-19 го зголемува ризикот од светски скок на цените на храната, што би предизвикало непосредна криза во многу земји во развој.
Во најсиромашните од нив, храната сочинува 40-60 отсто од потрошувачката кошница, што е околу шест пати повеќе од нејзината застапеност во напредните економии.
Додека карантинот доведе до колапс во побарувачката за трајни производи и дискрециски услуги, за храната важи спротивното. Во градовите низ целиот свет зачестија извештаите за панично купување и правење резерви на храна уште од почетокот на пандемијата. Од аспект на снабдувањето, светските резерви на жито се стабилни, но брзо може да бидат исцрпени, бидејќи вирусот ги нарушува производството и дистрибуцијата на храна. Недостигот од добиточна храна, ѓубрива и пестициди ги зголеми и трошоците за земјоделство и ризикот од лоши жетви.
Покрај тоа, од бербата на овошје и зеленчук во Индија, па до месната индустрија во Америка, сè повеќе станува очигледен недостигот од работна сила, бидејќи прекуграничните ограничувања за патувања во поголем дел од светот го нарушуваат нормалниот сезонски циклус на земјоделските работници. Недостатоците во транспортот исто така го отежнуваат процесот за доставување на производот на пазарот. Земјоделците треба да ги пренаменат своите синџири на снабдување, па наместо на големопродажба во (актуелно затворените) ресторани, хотели и училишта, да се насочат кон локалните супермаркети и доставување до домовите.
Некои големи земји производители на храна веќе воведоа забрани за извоз или квоти како одговор на пандемијата, како што направија Русија и Казахстан за житото, а Индија и Виетнам за оризот.
Светската банка проценува дека протекционизмот е причина за околу 40 отсто од растот на светската цена на пченицата и 25 отсто од растот на цената на пченката во тој период. Додека пандемијата на ковид-19 доведе до пад на растот, зголемување на невработеноста, проширување на фискалните дефицити и зголемување на долгот еднакво во напредните и новите економии, појавата на нови жаришта за инфекција во земјите во развој ќе значи уште поголем компромис меѓу спасувањето животи и заштитата на егзистенцијата.
Покрај тоа, земјите во развој веќе се соочуваат со ненадејно запирање на капиталот и приливот на пари, како и со колапс во туризмот, додека меѓу нив се влошуваат условите за трговија и платежни валути на многу извозници на нафта и примарни стоки. Дури и пред ковид-19, многу земји со ниски приходи беа изложени на сериозен ризик од проблеми со долговите. Многу од овие економии исто така се многу загрозени од порастот на цените на храната.
Индексот на ранливост на храна на „Номура“ рангира 110 земји врз основа на нивната изложеност на големи промени во цените на храната, земајќи ги предвид нивниот номинален БДП по жител, уделот на храна во потрошувачката на домаќинствата и нето-увозот на храна. Најновите податоци покажуваат дека од 50 земји најранливи на постојан пораст на цените на храната, речиси сите се економии во развој во кои спаѓаат речиси три петтини од светското население. Всушност, зголемувањето на цените на храната би било светски проблем. Дури и во развиените економии, скокот на цените на храната ќе доведе до поголеми разлики меѓу богатите и сиромашните, влошувајќи ја веќе сериозната нееднаквост.
Мултилатералните институции брзо се мобилизираа за време на кризата, за да им обезбедат итни заеми на рекорден број земји во развој, додека доверителите на Г20 се согласија на привремено суспендирање на плаќањата за долгови од сиромашните земји. Но бидејќи ризиците што се зголемуваат од зголемувањето на цените на храната не се однесуваат само на најранливите економии, привременото олеснување на долговите можеби ќе треба да се прошири и во други земји.
Со заканата на пандемијата за уште поголем економски хаос, владите мора да работат заедно за да се справат со ризикот од нарушувања на синџирите на снабдување со храна. Неопходен е мал степен на политичка координација во светот за да се спречи протекционизмот на храна да стане нов стандард по пандемијата.
Авторката е професорка на универзитетот „Харвард“