Клучните прашања што се наметнуваат по втората неуспешна лидерска средба е што да се прави понатаму и како да се постигне оптимално решение, во согласност со законите и во интерес на граѓаните. Аналитичарите имаат различно толкување за можниот излез од состојбите
Неуспехот на втората лидерска средба во понеделникот (18 мај), односно неможноста да се најде меѓусебно прифатливо решение за датумот за одржување на изборите, повторно на политичката сцена во Македонија ги враќа прашањата што да се прави понатаму и како да се постигне оптимално решение, во согласност со законите и во интерес на граѓаните. И повторно, како и во друго околности претходно, постои разногласие во однос на мерките и потезите што треба да се преземат.
Некои од аналитичарите со кои се консултира „Нова Македонија“ ја споменуваат потребата за враќање на веќе распуштеното Собрание, иако во однос на ова прашање со спротивно гледиште се изјаснија низа уставни експерти, кои велат дека самораспуштеното Собрание не може повторно да се состане. Притоа, демократски императив на секоја држава е во каква било состојба (дури и вонредна) да ги задржи и да се придржува до принципите на правната држава. Но како да се продолжи сега понатаму.
– Во текот на целиот период од вонредната состојба повторувам дека во ниту еден момент во државата не смее да се случи да има правен вакуум. Имаме Собрание, кое навистина беше распуштено, но со појавата на пандемијата требаше да се состане и тоа да ја прогласи вонредната состојба. По завршувањето на вонредната состојба, да продолжи со работа и да ги распише изборите. Всушност, Собранието е во постојано заседание и не постои нешто како држава без Собрание – вели професорката Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки и правно-политички истражувања.
Слично гледиште за разврзување на политичкиот јазол околу одржувањето на изборите и реалната опасност од правен вакуум по завршувањето на вонредната состојба има и Тодор Петров, од Светскиот македонски конгрес, кој вложи и претставка до Уставниот суд за преиспитување на уставноста на одлуката за распуштање на Собранието, за која судот сепак не поведе постапка. Сепак, Петров смета дека Собранието секогаш може да се состане, а одбивањето за негово повторно свикување нѐ внесува уште подлабоко во правен жив песок.
– Уставниот суд навистина не поведе постапка за разгледување на уставноста на одлуката за распуштање на парламентот, ценејќи дека во мигот кога е донесена не била нарушена уставноста, но и нагласи дека не навлегува во понатамошните последици и случувања по таквата одлука. И досегашното дејствување на техничката влада, преку уредби со законска сила, за кое има овластување во вонредна состојба е уставно дискутабилно, бидејќи вонредната состојба не е прогласена од Собранието. Освен тоа, дејството на уредбите завршува со крајот на вонредната состојба, па и таа уредба за прекинување и за продолжување на изборните дејства. Ако Владата сака мерките да продолжат, треба да ги предложи во Собранието, во форма на закони… Сите овие уставно дискутабилни ситуации, но и неусогласеноста на политичките чинители околу терминот за одржување на изборите, покажуваат дека активирањето на Собранието е единствената легална опција за носење политички одлуки – вели Тодор Петров.
Освен тоа, Петров смета дека смислата на овие предвремени избори е изгубена, со оглед на логиката дека шест месеци пред редовниот термин за одржување на изборите не може да се зборува за предвремени избори.
И од аспект на политичките аналитичари, политичката неизвесност и неусогласеност поврзана со датумот на одржување на изборите ја нагласуваат потребата од функционално Собрание.
– Во принцип, во политиката сѐ е прашање на договор, особено кога се чини дека ситуацијата е безизлезна. Во сегашната неусогласеност на политичките партии за датумот на изборите, можен компромис е да не се договараат за конкретен датум, односно да бидат ставени во опција сите датуми, а да се одредат здравствено-безбедности услови по чие исполнување (на пример -одреден број денови со намалување на бројот на заразени, денови без смртни случаи…) ќе се укине вонредната состојба и ќе се активираат изборните дејства. Секако, бидејќи е неизвесно времето потребно за задоволување на таквите договорени критериуми, сѐ повеќе се наметнува потребата за функционално Собрание, за да се избегне правниот вакуум – смета политичкиот аналитичар Александар Кржалоски, прв извршен директор на МЦМС.
Наспроти барањето решение за правно-политичкиот вакуум со враќањето на Собранието, искусните правници и професори по уставно право, предупредуваат дека самораспуштеното Собрание не може да се врати.
– Уставниот суд не прифаќа продолжување на мандатот на пратениците откако Собранието е веќе распуштено. Уставот не дозволува мандатот на пратениците да продолжи во случај на распуштено Собрание, ниту дозволува пратениците повторно да се вратат на заседание. Ни одложено дејство на одлуките за распуштање на Собранието, ни продолжување на мандатот на пратениците по распуштање на Собранието. Тоа се две клучни поенти на Уставниот суд содржани во неговата одлука за поништување на двете одлуки за распуштање на Собранието.
На распуштеното Собрание не може да му помогне ни вонредната состојба. Уставот дозволува продолжување на мандатот на пратениците во воена и вонредна состојба само во случај кога Собранието е затечено од таквата состојба и кога неговиот четиригодишен мандат е при крај. Судот констатира дека состојбата на одложено дејство на одлуката за распуштање и продолжување на мандатот на распуштеното Собрание создава правна несигурност и значи повреда на владеењето на правото. На таа позиција застана и поранешниот претседател на Собранието – пишува професорот Светомир Шкариќ за идејата за враќање на Собранието.
Поранешниот државен јавен обвинител, Ставре Џиков, пак, смета дека идеите за активирање на парламентот и на изборните процедури во услови на пандемија се нецелисходни и неприменливи.
– Вонредната состојба прогласена од претседателот не е поради политичка состојба, туку поради пандемија. Тоа значи дека за активирање на некои политички процеси претходно треба да се прави процена на реалноста, односно дали е надмината опасноста поради која е воведена вонредната состојба. Во однос на идеите за враќање на Собранието, треба да се има предвид дека тоа е самораспуштено, со изразена политичка волја на пратениците, а не поради истекување на мандатот. Врз основа на тоа е донесена правна одлука за (само)распуштање на парламентот. Покрај тоа, додека трае пандемијата, парламентот не може да функционира. Конечно, и во вонредни околности правната држава мора да функционира – вели Ставре Џиков.