За нас повеќе отколку за многу други во светот, јазикот претставува, со сѐ што е на него создадено, како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина, тој е, заправо, единствената наша комплетна татковина – беше пораката и аманетот на Блаже Конески, кодификатор на современиот македонски јазик и прв лектор на „Нова Македонија“. Сега е вистинско време да се потсетиме на неговите зборови и повторно да ги препрочитаме неговите пораки
Вообичаено, денешниот 9 мај ќе се одбележи како двоен празник. Како Ден на победата над фашизмот, со што ѝ беше ставен крај на Втората светска војна, со потпишувањето безусловна капитулација на нацистичка Германија, на 9 мај 1945 година. Но и како Ден на Европа, во знак на сеќавање на Декларацијата на францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман во 1950 година, што, пак, се смета за прв важен чекор во настанувањето на ЕУ. Секоја држава на свој начин го одбележува овој датум и му дава свој призвук. Во зависност од тоа што смета дека е поопортуно од нејзина гледна точка. Дали победата над фашизмот, како синоним на тиранијата и злото или зародокот на ЕУ и европската идеја.
Македонија и по двете основи има причина за одбележување. Токму така, многу повеќе за достоинствено одбележување, отколку за некакво славење. Зашто македонскиот народ и македонската држава дадоа свој значителен придонес и самите се вградија во победата над фашизмот и злото. Македонија имаше близу 160.000 борци, од кои околу 25.000 ги положија своите животи борејќи се за слобода, правда, демократија и подобра иднина. Таа нивна жртва е вредна за почит и највисоко признание. Слава им за сите времиња!
Затоа, со право, Денот на победата на фашизмот може да се смета и како ден на победа на Македонија. Една од ретките големи победи во историјата на државата. Во годините што следуваа потоа државата и нејзините граѓани многу почесто ја почувствува на своја кожа горчината на поразите, неправдите, уцените, блокадите и обесправувањата на меѓународната сцена.
Или, со други зборови, сето она спротивното од тоа за што се бореа и жртвуваа македонските херои во минатото.
Во таа насока, од аспект на Денот на Европа, во случајот со нашата држава може да се окарактеризира и како ден на неправдата и поразите. Еве и неколку најсвежи показатели за тоа колку жртви даде досега Македонија на олтарот на европската агенда и што доби за возврат.
Како влог кон европската иднина пред некоја година го жртвуваме најскапоценото нешто – името на државата. Под притисок на меѓународната заедница и под плаштот на наводната европска перспектива се откажавме од нашето вековно историско име, кое ни беше оставено како аманет од претходните генерации и за кое животите ги положија безброј Македонци.
Дали денес сме поблиску до ЕУ? Воопшто не. Сите показатели, извештаи, заклучоци што доаѓаат од релевантни организации покажуваат дека Македонија ниту за милиметар се нема придвижено поблиску до Унијата. Вината за тоа, секако, не е само во дворските игри во ЕУ, комплицираните и долги бирократски процедури и методологии, како и вродената дволичност и непринципиелност на самата Унија, туку исто така и во домашните политики, грешки во чекори, неодговорност и импровизации. По последниот самит ЕУ- Западен Балкан, пристигнуваат пораки дека сега треба да вложиме двојно повеќе од претходно доколку сакаме во ЕУ. Тоа е, всушност, и најдобриот показател и индикатор колку сме блиску до Унијата. Ако на ова се додадат и новите блокади и уцени од Бугарија, со премолчување и намигнување од Брисел, тогаш веројатно вистинската констатација е дека денес сме неколку чекори поназад од ЕУ отколку претходно. Но европската ламја и сојузниците овој пат бараат нова жртва.
По името, сега на ред е јазикот. Сосема јасно се исцртани и контурите на новото вето, кое јасно и гласно го најавува Бугарија преку барањето и уцената да се откажеме од македонскиот јазик. Преку договорите за добрососедство, кои наводно требаше да нѐ доближат до евроинтеграциите, на соседите всушност им дадовме моќно оружје за нови уцени, блокади и вета. И веднаш излегоа на виделина мрачните сценарија за разнебитување и докрајчување на Македонија и Македонците.
Нашиот источен сосед не губи ниту трошка време, па деновиве се појавија и некои квазинаучни аргументи и книги што треба да ги поткрепат нивните тврдења дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Во периодот што следува сигурно ќе има уште куп вакви небулози, провокации, измислици и лаги, во насока на негација на македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Од позиција на членка на ЕУ, како и по примерот со Грција, Бугарија секогаш ќе може да диригира, наметнува, преферира свои ставови и барања и да врши притисок да попуштиме. Повторно ќе бидеме ставени во ситуација да избираме помеѓу две зла, кое е помало.
А, всушност, исправени сме пред најголемото можно зло за народот и државата. Пред опасноста да го изгубиме македонскиот јазик, како наше последно идентитетско обележје што нѐ дефинира како посебен народ со своја посебна држава. На многумина сега веројатно им се појасни пророчките и визионерски пораки на академик Блаже Конески, кој многупати во минатото и во своите дела предупредуваше дека главниот удар ќе биде ударот врз јазикот. Еве што пишуваше Конески.
„Остануваат уште многу малку денови за да се фати насоката по која ќе се тргне кон иднината, па штом ’тие лево ќе фатат, јас десно да одам’. Последен момент е да се остави антимакедонската багра да се удави во фекалиите на велепредавничкиот канал лево, а народот да излезе на патот десно, да ја фати вистинската насока за спас на Македонија“, порача Конески. И продолжи.
– Послушајте, Македонци! Бидете на штрек пред таквите „правни“ диверзии, од каде и да идат! За нас повеќе отколку за многу други во светот, јазикот претставува, со сѐ што е на него создадено, како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина, тој е, заправо, единствената наша комплетна татковина – беше пораката и аманетот на Блаже Конески, кодификатор на современиот македонски јазик и прв лектор на „Нова Македонија“.
Сега е вистинско време да се потсетиме на неговите зборови и повторно да ги препрочитаме неговите пораки.
Зашто намерите и тенденциите се повеќе од јасни. На Македонија ѝ се случува нов фашизам во најава, и тоа од најлош можен вид. Обид за целосно идентитетско обезличување и бришење од листата на народите.
Млаката реакција што доаѓа деновиве од одредени домашни политичари на најновите уцени од Бугарија воопшто не е охрабрувачка. Зашто македонски политичари и во минатото се удираа во гради дека нема маж што ќе го смени името, или да му се исуши раката на тој што ќе стави потпис на таков договор, па се најдоа и маж и мастило за потпис. Политиката, барем не онаа како досега, не може да го одбрани јазикот. Како што не го одбрани ниту името. Единствено народот е чувар на јазикот. Улогата на политиката, историјата, науката, лингвистиката е што е можно повеќе и подалеку да се чуе и да допре вистината за постоењето на македонскиот јазик. За неговата посебност, корени, создавање, историја, традиција, распространетост.
Во спротивно, последиците по народот и државата ќе бидат катастрофални. Пандемијата на коронавирусот донесе еден нов глобален феномен на изолација и карантин, но последните уцени и закани од Бугарија практично најавуваат своевиден карантин и целосна изолација на македонскиот јазик. Се обидуваат да го стават во карантин и на респиратор нашиот македонски јазик. Како и со името, само по дома и скришно да можеме да се викаме Македонци и само по дома скришно да го говориме нашиот македонски јазик.
Во светлината на Денот на победата против фашизмот се раѓа нов фaшизам. Ќе го дозволиме ли и тоа? Ако е тоа цената за Европа. НЕ, благодарам!?