Претпоставувам знаете дека западниот свет, оној што игра во истиот дрес на НАТО и на ЕУ, ги штити само своите интереси, благо (за простите) наречени – права. Западниот свет е оној на државите од Ерусалим кон запад. А источниот свет, е оној од Ерусалим кон исток. Ерусалим е нулта точка за современиот свет. Истокот, ги има неколку: европски Исток, Блиски Исток и Далечен Исток. Нас нѐ интересира Запад и сите алијанси и модификации од него: стопански, воени, културолошки, спортски, музички, особено „Евросонг“, каде што сме стандардно доследни, но и последни. Но, затоа со другите дисциплини се рамо до рамо со Европа и со светот.
Само оваа млада китка млад кромид им недостига во богатото мени. За среќа, континентите не се движат и ние кога-тогаш ќе ги стигнеме и освоиме, ако се изземат веќе печалбарски освоените со (гр.) – дијаспора. Ако се сите елинофили, што па ние да се правиме Македонци. Конечно, излегуваме од митологијата (бајкологијата) и влегуваме во историјата (гр. минато). Иднината на Скопје и досегашна Р. Македонија, ме потсетува на „Бритиш музеум“ во Лондон. На секој артефакт во музејот има табличка на која уредно пишува: име на артефактот, потекло и година на „производство“. Методичните Англичани, кога го колонизирале светот, ја прибрале речиси цела античка историја, од Исток и од Запад и сега таа е во скутот на културните англичани. Египет и другиот антички свет, не го споменувам, бидејќи ќе треба неколку колумни на таа тема. Артефактите на античка Грција беа особено интересни за мене, туристички водич, кој стотина пати го посетил Акропол, а не ги видел оригиналите на фризовите на Партенон, кои во 1801 година, со одобрение на султанот ги зел Томас Брјус, лордот Елџин и неповратно ги однел во Лондон, каде што и ден-денес го красат „Бритиш музеум“.
Ако сакате да видите скулптури, фризови, метопи од Партенон, храмот на Атина Партенос (Девица) одете во Лондон, а не во Атина. Во Атина ќе видите копии на оригиналите од Лондон. Министерката за култура на Грција, Мелина Меркури (скорпија, како и Никос Коѕијас) водеше беспоштедна, долга и скапа судска процедура, да врати макар дел од „позајмената“ антика, назад во Грција. Таа беше и активна политичарка во ПАСОК од 1974 г. во владата на Андреас Папандреу 1981-1989 и 1993-1994 година. Ние, повозрасните ја паметиме по незаборавната улога во „Никогаш во недела“ (1960 г.) и беше дел од културата на нашето живење – во колата да имаш радиокасетофон со касета „Децата на Пиреа“. Но Англичаните не ѝ попуштија на министерката, ниту дипломатски, ниту правно, ниту морално, ниту историски, ниту културно уште помалку. Веројатно тоа е дел од „културата“ на земјите што го колонизираат светот и малите и прости народи. Тоа го научив од францускиот амбасадор за време на „интервенцијата“ (агресијата) во Ирак, некогашна британска колонија 1920-1947 година. Франција на почетокот беше нагласено против таа американска „интервенција“ во чија воена окупација 1990 г. учествуваа САД, Велика Британија, Австралија, Полска и Данска, во својство на НАТО-членки со „демократски цели, за ослободување“ на Ирак. Францускиот амбасадор, во Скопје, во хотелот „Холидеј ин“ приреди конференција за печат, која заврши со мал коктел. Во салата, зад масата на која седеше францускиот амбасадор имаше голема „бандерола“ на која пишуваше „Франција е против интервенцијата во Ирак“. „Интервенцијата“ почна со бомбардирање на градот од „1.001 ноќ“ Багдад и породилна болница во него. Кажа што кажа амбасадорот, потоа им даде збор (микрофон) на присутните новинари и заинтересирани, да кажат нешто.
Малкумина се одзваа, само новинарот Гајдов, чинам. Го побарав микрофонот и реков: „Господине амбасадоре, ви благодарам вам и на Франција за филантропијата што ја покажувате кон ирачкиот народ и деца“. Ох, каква филантропија (гр. човекољубие) господине очекувате од земја со колонијалистички карактер и историја. Па, Франција е колонијалистичка држава, но моменталната политика, не се согласува со таа „интервенција“. И навистина, не помина многу време и Франција застана на страната на Алијансата. Жали боже, парите за коктелот. Откако Алијансата со „интервенции“ го обиколи светот со интервенции, дојде време и за „последното југословенско домино“ Република Македонија.
Сака сега и таа да е дел од Алијансата и да носи мир и демократија, барабар (тур. заедно) со земјите што го владеат светот. Младата, недозреана, полугола Република Македонија ама горда и пргава „на гол мев со две кубури“ треба да се разоружи, од опасното оружје – своето крштелно (уставно име), заради мир во регионот. „Менувам коњ за кралство!“ ќе извикне кралот Лир, во една од највеликите трагедии на Шекспир. Дејството станува лудило, кога решил да го раздели кралството на трите ќерки, според „тежината“ на нивното ласкање кон него. Таквото негово поведение доведува до трагични последици за – сите. Сега јас, менувам коњ за име. Името, тоа е моето кралство. И коњ и оглав и самар и сѐ што имам(е) ќе оди, без никаква трампа.
Ако останам без име, останав и без „кралство“. Малечко е колку зрно леблебија за атлантската алијанса, ама толкаво зрно можам да носам на грбот. Подобро ќе беше да го менуваме коњот за кралство. Како оној од „Троја“ што Бред Пит, го подари на Чанак-кале, античката Троја. Подобро да страда „Воинот и коњот“ отколку цело кралство. А чини цело богатство, 11 милиони евра, небаре е кован во „Сваровски“.
Како во шахот, жртвуваш коњ за кралство, а не кралство за коњ. Не помислил Западот да го врати името атлантска алијанса, дадено според титанот Атлас (Атлант), кој ја држи Земјината топка на грбот. Атлант се грижел за западните ветрови во Атлантски Океан, за кој Древните Грци верувале дека е голема река, која го обиколува светот. Титанот Атлант, требало да го крепи небото на запад, во близината на Гибралтарскиот Проток и Атлан(т)ски Океан. Океан(ос), пак, е најголемиот од дванаесетте титани од првото поколение. Тој е олицетворение на бескрајната, длабока и најдревна река, која ја обиколува Земјата. На Запад, таа го бележи границата помеѓу живите и мртвите. Таа река е почеток на сите други реки, потоци и други морски текови. О’кианос буквално на гр. „во синило, во синото“. Океан е син на Уран(ос) – небото и на Геа (земјата) познат по својата мирољубивост и добрина. Напразно се обидувал да ги помири Зевс и Прометеј. На оној Прометеј со гаќи, од Паркот на жената-борец, на кој му подигнавме споменик-фонтана, на кој во иднина ќе се стави табличка за неговото античко потекло. Италијанците на Океан во 1762 г. му подигнаа споменик во Рим, на „Фонтана ди треви“ (на итал. тре-виа, три улици се составуваат во една). Фрлив неколку пати паричка, но не видов табличка дека ликот на Океан е земен од античката митологија, кој Римјаните го „ребрендираа“ во Нептун, без да им трепне око. Аполо(н) е третата американска програма за пилотирани космички летови 1961-1972 година. Програмата е крстена 1960 г. по предлог од Абрахам Силверстен, менаџер на НАСА, без до денес да ја прашаат Грција, ниту да стават табличка за потеклото. Името е по древногрчкиот бог на светлината, музиката и танците Аполо(н) поради кој е изграден храмот во Сунион, од чии високи брегови се фрли атинскиот крал Егеј, по кое го доби името и морето.
И никој на светот, не ги врати името или историјата на Грција, или стави табличка, туку само моето зрно леблебија, Република Македонија. Го стори тоа на прекрасна „свадба“ како што ќе рече Ципрас, на местото од каде што беа протерани Античките Македонци – Егејци. „Свадбата“ в година ќе заврши со „крштевка“ во „Централниот регистар“ ООН со раѓање на ново чедо, плод на „двете најголеми етнички заедници“ во безживотниот простор на СФРЈ беа наречени Македонци и Албанци. Конечно падна „последното југословенско домино“ во интерес на сега веќе „двете поголеми етнички заедници“ и регионот воопшто. Во чест и спомен на таа крштевка ќе направиме нова фонтана, до фонтаната на Прометеј, со лик од митологијата: лав со крилја и со канџи на орел, на местото каде што кампуваат досадните љубители на одамна здодевното комунистичко име, Република Македонија.