Славење со чувство на горчина

Годинашното одбележување на Денот на Европа доаѓа во едно многу тешко време, превиткано со темни превези на пандемијата на коронавирусот, но и сѐ поочигледните поделби и раслојувања внатре во самата Унија.
Може ли Европејците да се извлечат од раните од пандемијата, но и од претходните кризи, нерешителности и да се обврзат дека нема да ги повторат старите грешки

Роденденот и јубилеите се време на подароци, чие славење симболизира слога, разбирање, почитување, единство меѓу славеникот (човекот, здружението или организацијата) со неговите или нивните пријатели и соработници. Но ако се погледне овој чин низ призмата на државите од Стариот Континент, кои на 9 мај го слават Денот на Европа што всушност се смета и за зачеток од формирањето на денешната Унијата, може да се заклучи дека оваа година многу повеќе од претходно недостигаат позитивните симболики.
Годинашното одбележување, за жал, доаѓа во едно многу тешко време, кое е превиткано со темни превези на пандемијата предизвикана од коронавирусот, која очигледно силно им натежна на плеќите на европските држави и особено се одрази најмногу на нејзиното заедништво олицетворено во ЕУ.

Оваа година нема да има манифестации, нема да има чествувања, нема да има ниту паради, а уште помалку масовни културни збиднувања, за разлика од традицијата од зачетокот на Унијата па досега. Чествувањето на годинашниот роденден многу веројатно ќе биде фрлено во сенка зад случувањата со вирусот. Сето тоа ќе се сведе на десетици активности преточени на интернет и на видеконференциски самити, на кои се очекува да се повторат добро познатите факти и препораки на Светската здравствена организација (СЗО) за држење на физичката дистанца како заштита од вирусот.

Натаму, овој роденден освен што нема да се празнува како во минатото, многу повеќе ќе остане запаметен и по една уште пострашна констатација, а таа е дека земјите-членки не успеаја да докажат дека можат да се потпрат едни на други дури ни во најтешките времиња.
Многумина аналитичари за случувањата во Унијата забележаа дека за време на пандемијата, ЕУ не покажа одлучна и брза акција, таа каскаше зад сличните операции што во светот ги спроведоа на своја територија САД, Кореја, Русија и Кина.
Кога вирусот се појави во Вухан, ЕУ одбра да ја набљудува кризата од далечина. Тоа се промени дури кога Италија пријави над илјада заразени граѓани и повеќе десетици мртви.

Брисел задоцни да им помогне на најпогодените во Унијата, се доби впечаток дека државите на југот од Европа, кои го однесоа најголемиот данок на болеста се сами во битката и тие освен тапнувањето по рамо, беа оставени да се снаоѓаат како умеат и знаат. Слично се случи и со доделувањето на финансиската помош изразена преку ЕУ-обврзниците, каде што и во овој процес немаше единство, а на различни страни застанаа Франција и Германија и Холандија.
Меѓутоа, солидарноста и заедништвото, евидентни во времето на пандемијата хронолошки не потклекнаа првпат во Европа. Пред само неколку години, слични слабости ЕУ манифестираше и за време на бегалската криза, која по многу сегменти личи на кризата со коронавирусот.

Земјите од балканската маршрута предводени од Грција но и Италија беа оставени самите да се борат со милионите имигранти и бегалци, кои на Стариот Континент стигнуваа од Африка и од Блискиот Исток. Големите маси луѓе успеаја дополнително да го поделат блокот и ги истакнаа пукнатините на нејзината политика на површина. Претходно, така беше и со брегзит, чии последици сѐ уште се нејасни и тие ќе будат дилеми и непознати во равенката уште некое време. Ништо поразлично не беше ниту за време на економската криза итн. Со еден збор, Европа се покажува како недорасната или неспособна за каков било предизвик.

Слично беше неодамна со неединствениот став на ЕУ за нејзиното проширувањето, каде што Франција ги затвори вратите на Унијата, а последиците од тоа сѐ уште ги чувствуваме.
Но сепак секој роденден е познат и по роденденската торта, односно чинот што би требало да симболизира најава за подобри и посреќни времиња.
Доколку ЕУ успее да одолее на страшните времиња на пандемијата, таа со сигурност ќе стане поспособна, динамична и кохезивна, и несомнено Унијата преку практикување одлучни и брзи политики би можела повторно да прерасне во глобален играч и сила.

Сега е време Европејците да се извлечат од раните од пандемијата, но и од претходните кризи, нерешителности и да се обврзат дека нема да ги повторат старите грешки. За да се постигне тоа, по крајот на пандемијата, институциите и политиките на ЕУ треба да ги придобијат срцата и умовите на граѓаните на Европа, а во овој поглед останува уште многу да се направи.

[email protected]