Германската канцеларка, Ангела Меркел, изјави дека првата фаза на пандемијата на коронавирусот е завршена, но предупреди дека борбата со вирусот може да продолжи долго време.
– Германија ја остави првата фаза од пандемијата зад себе. Но, пред над е долга фаза на соочување со вирусот – рече Меркел по видеосредбата со премиерите на сојузните покраини.
– Можеме да си дозволиме малку храброст, но сепак мора да останеме внимателни – додаде таа.
Меркел додаде дека земјата ја постигнала својата цел да го забави ширењето на вирусот, но мерките за социјално растојание ќе останат во сила до 5 јуни.
Германија постепено ќе укине некои ограничувања наметнати како дел од борбата против епидемијата на коронавирусот во наредните недели, при што самите покраини одлучуваат за брзината и обемот на укинувањето, објави канцеларката Ангела Меркел.
Во иднина ќе бидат дозволени посети на старските домови и на оние за лицата со посебни потреби. Дозволено е да се отворат сите продавници во согласност со правилата за хигиена, како што е носењето маски. Одлуката за отворање ресторани, хотели и други места за угостителство или забава, како барови, дискотеки и базени, е оставена на сојузните покраини, при што некои најавуваа постепено отворање во некои сегменти.
Исклучок ќе бидат масовните собири, кои се забранети до крајот на август, како и концерти на отворено или народни прослави.