И денес не сфаќам зошто заедничката иднина нужно би подразбирала заедничко минато. И си велам: фала ти господе што такви болни врски постојат само меѓу поединци како што бевме Софи и јас, а не, не дај боже, и меѓу цели народи
СКИЦИ ЗА ЧОВЕКОТ
Луѓето се посесивни. Сакаат да живеат туѓи животи. Да ти се инсталираат под кожата: по тоа се слични на крлежите. Но се разликуваат од крлежите по тоа што главно се опсесивно посесивни. И владеат со тебе, за разлика од крлежот, кој само се храни од тебе.
Ми се случи тоа сознание рано: во гимназиската младост имав една девојка, што за оваа пригода ќе ја именувам лажно. Нека се вика Софи. Се вљубивме на прв поглед, што се вели. И почнавме да се забавуваме. Неколкумина пријатели, кои знаеја нешто за Софи, ме опоменаа: да внимавам, зашто има специфичен табиет – посесивна е. Не посветив внимание на тоа, зашто знаев дека многумина од нив ѝ се додворуваа. Беше вистинска убавица и претпоставував дека ми завидуваат што успеав да ја освојам „од прва“.
Нашата врска траеше, се развиваше и дојде до момент кога, според гимназиските убедувања сме веќе возрасни (денес ми е тоа смешно) – веќе „требаше да прерасне во нешто посериозно“. И кога ѝ предложив на Софи да се венчаме, од нејзина страна дојде најнеочекуваното нешто: постави услов што се граничеше со уцена. Рече (точно се сеќавам): „Ако сакаш да имаме заедничка иднина, тогаш ќе мора да имаме и заедничко минато“. Мислам дека прелетав површно преку таа нејзина реченица, зашто ја сметав за уште една љубовна изјава на нашата космичка, вечна љубов, романтичарската Venus urania, во која Софи веруваше повеќе одошто во Исус. А и јас верував, рака на срце. Знаете, тоа е она – отсекогаш сме се познавале, сме се љубеле и во претходните животи, потоа смртта нè разделила, па сега се бараме по светот и векот додека пак не се сретнеме.
Една душа во две тела, што станува цело по многу векови. Точно знам што реков на тој нејзин услов: „Добро, ако ти така сакаш“.
Веќе следниот ден сфатив дека последиците од тоа мое површно, егзистенцијалистички неодговорно „добро, ако ти така сакаш“ (како да сум Мерсо од „Странецот“ на Ками), ќе бидат катастрофални. Софи започна темелно да ме учи на нејзиното минато: потоа ме испрашуваше како учениче, за секоја подробност од нејзиниот живот, а јас морав коректно да повторувам, до детали, цели случки од нејзиното минато, како да се мои. Морав да ги знам имињата на сите нејзини пријателки и пријатели, телесните белези, душевните особини. Сите нејзини непријатели станаа и мои непријатели.
Таа реконструкција на минатото не одеше лесно, особено на планот на вкусовите: кога дојдовме до јадењата, се соочивме со поразителниот факт дека ниеден специјалитет што нејзе ѝ се допаѓаше, за мене не значеше ама баш ништо. Се сеќавам како плачеше кога го навредив авокадото и кога реков дека токму тоа е доказ дека Бог не е совршен, штом создал нешто толку невкусно и непотребно. Софи многу плачеше, сомневајќи се дека воопшто станува за Venus urania во случајот со нас двајцата. Беше на работ од нервен слом при помислата дека се излажала и дека јас воопшто не сум втората половина од „нашата душа“. Но брзо се созеде и најде оправдување за мене, во мојата слаба меморија: „Сети се“, велеше, „те молам сети се, та толку пати сме јаделе заедно авокадо, и ти многу, многу го сакаше, како и јас“. Се обидував да се сетам, но не ми успеваше. Сепак, бидејќи Софи многу ми значеше, решив да се преправам дека сум се сетил и дека навистина било така.
Тоа беше фатална грешка. Зашто Софи, откако виде дека „се сеќавам“, и откако ме запозна „со фактите“, се зафати и со малку повисоки, „духовни“ преобразби на мојата личност. На ред дојдоа плочите: морав да ја слушам музиката што не ја поднесував – она ужасно дрндање по електричните гитари на Ван Хален, а да се откажам од Пет Метини и неговата занесна џез-гитара; она ужасно, мелодрамско пеење на „Би џиз“, наспроти убавите африкански ритми на Џо Завинул и неговата група. Потоа на ред дојдоа книгите: сите нејзини омилени книги требаше да станат и мои омилени книги. Кај неа доминираше проза, и тоа – Хесе. И Ниче. И двајцата ми беа некако сатански, а малку богољубиви. Јас пак излегов со мојата омилена поетска тројка: Петре М. Андреевски, Анте Поповски и Гане Тодоровски.
Не ја импресионирав; рече дека во нивната поезија татковината се сака колку и жената, што за жените е навредливо. И бидејќи знаеше дека и јас пишувам поезија, Софи ми рече: „Не би сакала и ти да ја сакаш својата татковина повеќе од мене.“ Остана да попуштам за Хесе. А Петре, Анте и Гане си ги читав сам. Но морав да додадам уште некој, „европски“ поет. За среќа, постоеше еден мој германски омилен поет (кога веќе Софи претпочиташе Германци) – Ханс Магнус Енценсбергер.
И така, некако се наоѓавме „на средина“, иако, рака на срце, таа средина не беше баш во средина, зашто Софи не прифаќаше речиси ништо мое. Прифаќав главно јас, но сепак, заради заедничката иднина, бев решен да издржам сè.
Интересно беше дека за сето тоа време на „сеќавање“ на заедничкото минато, Софи ниту еднаш не ме праша за моето минато: некако ги постави работите така што сè зависеше од неа. Ако јас самиот не кажев нешто за себе, тешко дека таа ќе се сетеше да ме праша. А и кога ќе кажев нешто, на пример, дека ја сакам виолетовата боја, таа велеше: „Ти не знаеш што зборуваш! Сети се: колку пати си плачел кога пред нос некој ќе ти го купеше последниот кафеав џемпер!“ Јас не можев да се сетам, таа инсистираше да се сетам… и некако работите секогаш се смируваа со она мое утешително и капитулантско „а да, се сетив, се сетив…“
Пријателите речиси целосно ме напуштија, откако почна процесот на сеќавање на нашите претходни животи со Софи; дури и на улица ме избегнуваа, како да сум чумав. За нив тоа не бев повеќе јас: а можеби и не ме препознаваа, зашто Софи не ми даваше да си го облечам виолетовиот, туку само кафеавиот џемпер, во кој се чувствував несвој.
За среќа, еден ден, без никаква најава, пукна сè. Не пукна ни на книги, ни на музика, дури ни на најсубјективното нешто – боите, кои за мене отсекогаш биле струни на харфата што се вика душа. Пукна на едни папучи, топлинки. Машки. Тоа беа папучи на нејзиното претходно момче, кои требаше, како и сè нејзино, да ги прифатам како свои. А јас не го поднесував: знаев дека е агресивен. Еднаш, во дворот на гимназијата му влепи шлаканица на еден мој пријател, Евреин, навредувајќи го национално и верски. Веројатно затоа, за него во гимназијата се раширија гласини дека има тајна соба со портрети на Хитлер, во оној Титов социјализам.
А јас сè можам да сварам, дури и авокадо, ама нацизам – не. Ѝ реков: „Софи, можам сè да прифатам, можам да ги сакам твоите пријатели како да се мои, да ги мразам твоите непријатели како да се мои, кафеавото да ми биде виолетово, ама да го сакам и оној што ти си го љубела, тоа, Софи не можам! Тоа е болно, Софи, тоа е навистина болно!“
Тоа беше крај. Софи многу, многу се налути. Набргу се омажи за еден странец, капиталист залутан во нашите краишта, дојден по профит и девојки. Одеднаш Софи ја замени идејата за вечна љубов, Venus urania, со чист прагматизам, и замина со странецот. Јас и понатаму си го носам виолетовиот џемпер, ги читам моите книги, ја слушам мојата омилена музика и си носам свои папучи.
И, добро се чувствувам. Дури сега сфаќам дека сè што ме учеле за посесивноста било погрешно: прво, не постојат посесивни луѓе, туку само слаби луѓе што на посесивните им дозволуваат да бидат посесивни. Тоа се луѓе (како што сум јас) што за себе обично имаат ниско мислење, па туѓата посесивност изразена кон нив ја сфаќаат како пофалба на личната вредност. И второ – иако посесивноста изгледа како некој да ти ја дава неговата душа (благороден гест), точно е спротивното – некој сака да ти ја земе твојата душа.
Јас немав потреба од туѓа душа: доволно проблеми имав и со својата. Ете, затоа и раскинав со Софи. И денес не сфаќам зошто заедничката иднина нужно би подразбирала заедничко минато. И си велам: фала ти господе што такви болни врски постојат само меѓу поединци како што бевме Софи и јас, а не, не дај боже, и меѓу цели народи.