Несреќата ќе биде искористена богатите да станат уште побогати, а сиромавите уште посиромави. Клетниците, пак, кои кренале раце од себе и си го промениле името во надеж за подобра иднина, доколку преживеат, допрва ќе видат дека животот што доброволно ќе го дадеш, ни Господ не може да ти го врати
Дали на писателот што пишува на мал по распространетост јазик му е дозволено да биде загрижен за судбината на светот? Би се рекло дека тоа никој не може да му го зaбрани, но не верувам дека некој е заинтересиран да го слушне. Како што претставникот на сиромашен народ и сиромавот од самиот тој народ не можат да се мерат со богатите (народи и единки), зашто со многу помалку принадлежности мораат да платат иста цена, исто така и писателот од малиот јазик нема зошто да биде загрижен, зашто светот сосе грижата за него им припаѓа на големите и богатите. Другите се публика собрана да ги плати билетите и да го смете ѓубрето. Загрозеноста на светот е премногу достоинствена тема за да може да биде предмет на расправа за маргиналните групи и единки. Така барем изгледа кога се гледа од светот.
Како е внатре, во „срцето на темницата“, каде што се одвива животот, анонимен и неважен, но сепак стварен?
Мојот роман „Правта на библиотеките“, покрај другото, се занимава и со тие невидливи катчиња на постоењето, а го поставува и прашањето за устројството на светот. Според гледишта изнесени во романот, доколку сум го прочитал добро, произлегува дека она што го држи светот, базичната наука и уметноста, е деградирано на ниво на технологија („употребна вредност“), со што оригиналите останале скриени, а наместо нив завладеале плагијатите, сурогатите и фалсификатите. Како главни спасители на светот, пак, се претставуваат некои лунатици и божјаци, кои животот го афирмираат божем со самото свое живеење и со своите луди идеи. Дали е тоа реално? Дали е тоа дозволено? Смее ли да се каже дека животот е грешно уреден, дека мутирал како вирус што го јаде здравото ткиво? Се разбира дека тоа не е дозволено во пристојниот свет, но можно е како и секоја утопија.
Како и да е, доволно е да се погледаат вестите раширени по мрежата, па да се види дека и во ова невреме на „нељубов во време на колера“, кичот што го труеше светот пред вирусот, и самиот станал Вирус, сѐ позаразен, сѐ пораширен, сѐ понеуништлив. Препознавањето на стварноста навистина не е лесна работа. Дали е оваа корона – предизвикана од ништожен причинител, што се шири бргу, а засега и нема лек – само смртоносна болест, или е и метафора за светското устројство без вредносен систем, во кое ништожното исто така е моќно и смртоносно, и исто му нема лек?
Ова што моментално се случува со светот е голем срам за човештвото. Прашањето за заговор е неважно во споредба со сознанието дека навремено можела да се изработи вакцина и дека оваа катастрофа можела да биде спречена.
Тоа не е направено само затоа што изработката на лекот не бил ничиј интерес. Затоа што науката е ставена под папoкот на Светското Устројство, кое не знае за друг интерес освен за самиот Интерес како и за последователните интересни интереси на интереси. А таму каде што е интересот главен, нема убавина, вели Кант, или – народски речено – таму ни трева не расте. Едно параживо несуштество ќе однесе многу животи и ќе направи финансиска штета од трилиони евра со кои, однапред и правилно употребени, можеле да се решат сите материјални проблеми на човештвото, од гладијата и сиромаштијата до пронаоѓање лекови за неизлечиви болести и до затнување дупки на небото и во земјата.
Толкав е капацитетот на човековиот ум кога ќе му се даде важност и кога не е заробен во атомски подморници и качен на носачи на авиони. Но тоа не е во интерес на капиталот. Интересот на книжевноста е да го спасува светот, но интересот на светот не е да се спаси самиот себе. Силата и Власта ќе го искористат Злото да натрупаат уште повеќе капитали, а цената ќе ја платат божјаците од мојот роман, оние што сакаат да го спасат светот, но тој им свртел грб. Како што рекла една шпанска докторка, резимирајќи ја гротескно, но успешно состојбата во светот, „нека ве лечат сега Меси и Роналдо“.
Големите катастрофи се подносливи само тогаш кога се верува дека ќе создадат подобар свет, како што е веќе забележано. Во спротивно, се создава клима за песимизам. Кога бранот на ова зло ќе помине, светот, за жал, нема да се промени на поарно. Краткотрајното обединување поради заедничката несреќа нема да го промени устројството на светот, како ни свеста за важноста и неважноста на нештата. Несреќата ќе биде искористена богатите да станат уште побогати, а сиромавите уште посиромави, зашто не треба памет да се знае она што се повторува и потретува.
Додека на оние што ќе останат без работа, без живеалишта, без егзистенција, не им текне да си го вратат она што им е грабнато – но подобро ќе биде да не ја видиме реализацијата на тоа сценарио. Оние пак најсиромавите, клетниците што кренале раце од себе и си го промениле името во надеж за подобра иднина, доколку преживеат, допрва ќе видат дека животот што доброволно ќе го дадеш, ни Господ не може да ти го врати. Тоа го знаат дури и трговците што тргуваат со тие нешта.
Дали сегашното устројство на светот го овозможува опстанокот на светот, не може да каже писател од невидливата зона. Тој може да изнесе само претпоставки. Во една неуспешна држава, Југославија (неуспешна затоа што пропаднала), Македонија не само што постоеше туку македонскиот јазик и култура беа на сцената на целиот тој простор населен со народи и народности. Кога здружените (успешни) народи на ЕУ ќе ги стават македонските писатели во својата лектира, ќе се најдеме на почетната точка на „преговорите“. Дотогаш, доволно е да знаеме дека прашањето за иднината е решено и дека останува само сегашноста таква каква што е.