Експертите укажуваат дека е само прашање на време кога единствен метод на плаќање ќе биде со картички и мобилни апликации, и тоа не само поради пандемијата туку и затоа што така се намалуваат трошоците за обработка и складирање на парите, како и за нивна заштита од потенцијални грабежи
Поради мерките за заштита на јавното здравје и препораките за одржување на физичката дистанца и за неизлегување од дома, како и за онлајн-плаќање, низ светот во периодов на пандемијата од коронавирусот сѐ помалку се користи готовина. Во светски рамки, граѓаните и претходно сѐ помалку ги користеа книжните пари, а пандемијата дополнително го забрза нивното истиснување од употреба. Експертите укажуваат дека ова е процес што не може да се запре, само прашање на време е кога ќе се случи тоа, односно кога единствениот метод на плаќање ќе биде со картички и мобилни апликации.
Според пишувањата на медиумите, овој процес во некои земји може да се случи за многу кратко време, поточно за неколку години.
Во Македонија употребата на картичките веќе одамна е широкоприфатена, а онлајн -пазарењето, кое се интензивира во последниве години, е дополнително поттикнато од прогласувањето на пандемијата.
– Очекувано е дека начинот на кој се функционира во периодот од избувнувањето на пандемијата на ковид-19 ќе резултира со забрзани промени на навиките за плаќање, не само кај нас туку во повеќе економии. Во моментов, важно е тоа да се оствари заради заштита на здравјето. Треба да се очекува дека кај еден дел од популацијата веќе ќе се намали користењето готовина и дека ќе се зголеми употребата на можностите за безготовинско плаќање, со директна употреба на платежните картички, но и преку онлајн-плаќањата, користењето на електронското и мобилното банкарство – велат од НБРСМ.
Од оваа институција посочуваат дека во овој и во натамошниот период клучно ќе биде и давателите на платежни услуги да вложат во афирмирање на безготовинското плаќање, за да има соодветни ефекти и на долг рок. Во рамките на економијата допрва треба да се зголемуваат можностите за интернет-продажба и развој на електронската трговија, за услугите и производите да станат подостапни за популацијата.
Податоците за реализирани трансакции во текот на минатата година покажуваат пораст на е-трговијата во земјава за 23,8 проценти, во споредба со 2018 година. Имено, во текот на 2019 година се реализирани вкупно 6.727.051 онлајн-трансакција во земјата и во странство, наспроти 5.435.385 онлајн-трансакции во текот на 2018 година. Од аспект на вредноста на трансакциите, исто така се забележува пораст, и тоа за 26,6 отсто.
– Особено е важно во овој период да дадат резултат напорите и вложувањата на банките за афирмирање на безготовинското плаќање, вклучувајќи ја и акцијата корисниците на банкарски услуги што досега не користеле да почнат да користат дебитни картички. Апелираме граѓаните да користат дебитни картички, бидејќи со тоа ќе придонесат за заштита на своето здравје, а средствата ќе им се достапни во секое време, без посета на банките. Истовремено, важно е резултат да даде и афирмирањето на електронското и мобилното банкарство, што е тренд и во глобални рамки и може да даде повеќекратни придобивки за граѓаните – истакнуваат од НБ.
Од оваа институција очекуваат забрзување на процесите за модернизација и дигитализација на платежниот пејзаж по донесувањето на новата регулатива за платежни услуги и платни системи, која во голем дел ќе биде усогласена со законодавството на Европската Унија и со стандардите и правилата за извршување на плаќањата во европските земји.
Податоците на Народната банка покажуваат пораст и на бројот на картички што се користат во земјава. Па, така, ако во декември 2018 година сме имале вкупно 1.861.201 картичка, истиот месец во 2019 година бројот на издадени картички изнесувал 1.883.884.
На светско ниво, според економските експерти, прва земја што е најблиску до исфрлање на банкнотите од употреба е Шведска, процес што би можел да се случи уште во 2023 година. Ваквите предвидувања се темелат на истражување спроведено во 2017 година од двајца професори, еден од Шведска и еден од Данска, во соработка со Централната банка на Шведска.
– Откриваме дека управувањето со парите станува поскапо од добивката кога готовинските трансакции паѓаат под седум проценти од вкупните трансакции со плаќања – објаснил Јонас Хедман, еден од авторите на студијата и професор на Школата за бизнис во Копенхаген, Данска.
Имено, околу 80 проценти од Швеѓаните користат картички, а 58 проценти од сите плаќања се засновани на картички. Електронските плаќања во Шведска рапидно растат, а има продавници и ресторани што не прифаќаат плаќања во готовина, па од клиентите се бара да плаќаат со картичка или мобилна апликација.
– Огромно мнозинство шведски банки престанаа да им овозможуваат на клиентите да повлекуваат или да депонираат пари преку шалтер, бидејќи управувањето со готовина е скапо – поради безбедносни мерки и слично. Пари може да се подигнат само на банкомат. Шведска веќе има закон што им дозволува на фирмите, како што се продавниците, да не примаат пари од хартија доколку не сакаат, принудувајќи ги клиентите да плаќаат по електронски пат. Сè што треба да сторат е да стават знак пред продавницата дека не примаат пари – додава Хедман.
Зголемената употреба на електронски плаќања и падот на употребата на готовината не се случуваат само во Шведска туку во многу земји. На пример, дигиталните трансакции во Индија се зголемени за 55 проценти во 2018 година, за 48 во Кина и за 23 во Индонезија. Хедман верува дека не само што Шведска ќе стане општество без готовина туку тоа е нешто што ги чека сите земји во светот.
– Неизбежно е. Процесот не може да се запре – истакнал професорот.
Тој меѓу другото истакнал дека владите, банките и компаниите во светот вршат притисок за најбрзо префрлување на дигиталните форми на пари од многу причини. Ним им одговара затоа што така ја намалуваат цената за обработка на парите, како и за нивно складирање, но и за заштита од потенцијални грабежи.