Во Македонија владее техничка влада во која партиципираат и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, како и ДУИ како најзастапена од албанскиот блок, па со право се наметнува дилемата кому кризата му носи поголем рејтинг
Кој профитира од корона-кризата?
Популарноста на лидерите во вонредни ситуации речиси секогаш расте бидејќи тие, барем на прв поглед, преземаат и најголема одговорност за потоа да го користат тоа за промоција на својата опција меѓу гласачите.
Според истражување на агенцијата „Ангус реид“, популарноста на канадскиот премиер Џастин Трудо скокнала за време на епидемијата на ковид-19 за околу 20 отсто и моментално тој има поддршка од 54 отсто од граѓаните, додека во февруари тој процент изнесуваше 33 отсто. И во Британија е зголемен бројот на граѓаните што ја поддржуваат владата на премиерот Борис Џонсон, верувајќи дека таа добро се справува со корона-кризата.
Слични параметри се бележат и во соседството. Анкета на агенцијата „Ипсос стратеџик маркетинг“ покажува драстичен скок на популарноста на српскиот претседател Александар Вучиќ, додека во Хрватска премиерот Андреј Пленковиќ откако влезе со тенко мнозинство на Владата пред кризата, сега излегува како премиер чија влада успешно одговорила на кризата и веќе се очекува да го капитализира тоа на избори налето.
Во Македонија владее техничка влада во која партиципираат и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, како и ДУИ како најзастапена од албанскиот блок, па со право се наметнува дилемата кому кризата му носи поголем рејтинг.
Имено, СДСМ веќе во прв план го исфрли актуелниот министер за здравство Венко Филипче, кој преку секојдневните прес-конференции за време на кризата, но и фактот што и самиот е лекар, остави впечаток на доверба меѓу населението.
Од друга страна, тука е министерот за внатрешни работи Наќе Чулев од редовите на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, кој исто така успешно одговори на безбедносните предизвици поврзани со кризата.
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, инаку член на ДУИ, во време кога никој не успеа да го капитализира успехот од влезот на државата во НАТО и донесувањето одлука за почеток на пристапните преговори на земјава со ЕУ, своите активности ги насочи како раководител со Кризниот штаб што се справува со ковид-19.
Според некои од аналитичарите со кои се консултиравме, во секој случај, политичарите се обидуваат политички да профитираат од кризата.
– Логично е дека секој политичар ќе се обиде да се покаже во кризата и политички да профитира. Секако дека перцепцијата на успешноста во справувањето со кризата ќе влијае врз рејтингот – смета Александар Кржаловски, прв извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка.
Тој додава дека тешко може да се оцени кој колку успешно се справил со кризата, а тоа ќе биде видливо по извесно време.
– Погледнете го примерот со Сингапур. Таму властите најпрво беа пофалени за тоа како се справиле со кризата, за подоцна да им се повтори ширењето на вирусот. Како и да е, сите, па и нашите политичари, ќе се обидат да се истакнат и политички да заработат во целата оваа работа, но на крајот оцените на граѓаните не мора да соодветствуваат со очекувањата на политичарите како награда за сработеното – нагласува Кржаловски.
Познавачите на состојбите уште велат дека политичарите во земјава ја користат кризата токму за зголемување на личниот рејтинг.
– Политичарите ја користат корона-кризата за билдање рејтинг. Јас би рекол дека политичарите кај нас ја злоупотребуваат кризата. Министерот за здравство Венко Филипче секојдневно по неколкупати се појавува на телевизија да ни соопшти информации, кои треба да ги соопшти портпарол. Луѓето буквално се хипнотизирани од неговата појава – смета Синиша Пекевски, консултант.
Според него, исто се однесува и на вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи.
– Османи ги објавува сите одлуки што се планираат да се донесат најпрво на својот фејсбук-профил, сакајќи да се промовира меѓу граѓаните. Потоа одлуките ги објавуваат надлежните институции. Тоа укажува дека има целосна дискомуникација во Владата и дека нема етика. Буквално секој си тера своја агенда – истакнува Пекевски.