Како дополнување на промените во исхраната важно е да се воведе и секојдневна физичка активност – барем пешачење во време од 30 минути на ден. Физичката активност е многу важна за здравјето на црниот дроб затоа што помага да се трошат складираните маснотии од црниот дроб (како и од остатокот од телото). Вежбањето во комбинација со променета диета ги зголемува мускулната маса и чувствителноста на инсулин
Замастениот црн дроб е здравствен проблем што се јавува кај 10-24 проценти од популацијата (дури и кај деца) и доколку не се реагира навремено може да биде многу опасен. Сите знаеме дека консумирање алкохол во големи количества и во подолг временски период води кон оштетување на црниот дроб. Сепак, уште почесто доаѓа до замастување на црниот дроб од неалкохолно потекло. Тука припаѓаат неколку заболувања: стеатоза (акумулација на маснотии во црниот дроб), потоа безалкохолен стеатохепатитис, кој е потешка форма и подразбира воспалителен процес во црниот дроб, а најсериозната форма е т.н. цироза на црниот дроб, која е неповратно оштетување како резултат на хронично воспаление и формирање сврзно ткиво во црниот дроб, со што тој ја губи својата функција. Овие три заболувања се смета дека се резултат на отпорност на инсулин, а БМИ (индекс на телесна маса) многу често е во корелација со степенот на оштетување на црниот дроб. Со други зборови – поголема тежина, поголемо оштетување на црниот дроб!
Токму затоа намалувањето на тежината е прв чекор во третманот на оваа болест, бидејќи се покажа дека намалувањето на тежината доведува до пониско ниво на ензимите на црниот дроб во крвта. За оваа цел, клучно е приспособување на исхраната т.е. замена на масната храна и простите шеќери со поздрави опции, а пред сѐ со зголемување на уделот на свежо овошје, зеленчук и здрави протеини во исхраната (посни меса, риба, грав, мешунки, ореви) и секако намалување на дневниот калориски внес. Оброците треба да бидат богати со растителни влакна (интегрални житарки) и пробиотици што ќе го забрза метаболизмот.
Особено е важно да се заменат безалкохолните пијалаци, кои вообичаено содржат големи количества шеќер со обична вода или незасладени овошни сокови. Генерално треба да се избегнува храна со висок гликемиски индекс, која брзо го подига шеќерот во крвта, како што се бел леб и бели печива, слатки, тестенини, бел ориз и обичен шеќер. Треба да се избегнуваат и масни меса (пр. свинско) и месни преработки (паштети, виршли, колбаси итн.), нездрави пржени грицки (чипс, флипс итн.), мајонез и др. Треба да се пие многу вода (2-3 л на ден) за да им помогнеме на бубрезите да ги излачат токсините ослободени од црниот дроб.
Другите насоки подразбираат апстиненција од алкохолни пијалаци и пушење, како и намалена консумација на кафе до максимум 2-3 чаши на ден. Како дополнување на промените во исхраната важно е да се воведе и секојдневна физичка активност – барем пешачење во време од 30 минути на ден. Физичката активност е многу важна за здравјето на црниот дроб затоа што помага да се трошат складираните маснотии од црниот дроб (како и од остатокот од телото). Вежбањето во комбинација со променета диета ги зголемува мускулната маса и чувствителноста на инсулин.
Покрај ова, честопати треба да се третираат истовремено присутни болести, како што се: дијабетес тип 2 и покачено ниво на холестерол и триглицериди. Во овој контекст може да си помогнеме и со користење природни продукти на база на силимарин, артичока, црвен ориз, витамин Е итн. Артичоката е познат заштитник на црниот дроб, а помага и за намалување на покачените количества холестерол и триглицериди преку стимулација на излачување на жолчката. Силимаринот е силен антиоксиданс, кој помага во обновувањето на клетките на црниот дроб, а екстрактот од црвен ориз преку активната компонента монаколин К (во доза од 10мг/ден) влијае како природен статин и докажано ги нормализира покачените нивоа на холестерол и триглицериди во крвта.
Авторот е м-р по фармација и топедукатор