Здравствената криза покажа дека ни Македонија ни меѓународната заедница ни светот не се имуни на опасните политички вируси. Зарази што ги разградуваат и разјадуват хуманоста, солидарноста, меѓународното право и каде што сѐ е подредено на интересите на политиката. Короната најдобро го покажа тоа. И докажа
Деновиве, спроти Велигден, се навршува еден месец од прогласувањето на вонредната состојба во државата, поради пандемијата на коронавирусот, која сосема е извесно дека ќе биде продолжена и понатаму. Приближно толку време во сила се и различните форми на рестрикции на движењето или таканаречениот полициски час. Првично, ограничувањата беа пократки и полесни, за потоа да се помине на построги и подолги форми. Годинава првпат православните верници, наместо во храмовите, велигденските празници ќе ги поминат во своите домови, во досега најдолгата четиридневна изолација. Што нѐ чека понатаму, никој не може да предвиди.
Дали ограничувањата и мерките ќе се заоструваат или намалуваат, исто така, е неизвесно. Тоа во голема мера зависи токму од однесувањето на сите и од почитувањето на досегашните мерки. Зашто веќе се уверивме дека вирусот не избира и ги напаѓа сите.
Во таа насока, полицискиот час е воведен како превентивна мерка за да се спречи ширењето на вирусот. Досегашните искуства и примери во светот покажуваат дека полициски час се воведува во исклучително тешки и сложени околности за државите. Како на пример при воена состојба, граѓански немири, етнички, верски или друг вид судири и демонстрации, елементарни непогоди, земјотреси, поплави или, пак, здравствени кризи и епидемии со опасни животозагрозувачки последици, како сега.
Тоа, практично, значи дека полицискиот час претставува врв на пирамидата на законски мерки во функција на ефикасно функционирање на државата и заштита на интересите на сите граѓани, односно заштита на јавното здравје, како врвен приоритет и највисок државен интерес. Полицискиот час е уредба со законска сила, со која нема играчки, експериментирање или паушално толкување по нечија желба и потреба. За полицискиот час нема пазарење, тој мора целосно да се почитува и точка.
За жал, досегашните примери од поимањето на полицискиот час во Македонија покажуваат дека тој како повеќе да се сфаќа како политички наместо како полициски час.
На него се гледа како на некаков вид намудрување, тактизирање, глумење добар или лош полицаец, како да се работи за евтин боливудски филм, а не за здравствена криза со драматични размери и катастрофални последици. Последниот инцидент во населбата Ченто најсликовито го потврдува тоа. Цел свет е зафатен со пандемијата, но никаде досега не видовме некој да протестира на улица и да го прекршува полицискиот час.
Во таа насока, протестот и случувањата во Ченто не се само удар врз полицискиот час и закана по јавното здравје туку, истовремено, претставуваат и облик на анархија и подривање на правниот поредок во услови на вонредна состојба. Сите оние што го прекршуваат полицискиот час, а богами според секојдневните информации од МВР ги има многу, се непријатели на државата и доушници на ѓаволот.
Замислете додека цела држава ги почитува мерките и седи дома, поголема група граѓани излегле на протест доцна ноќе зашто тројца нивни соседи биле приведени поради прекршување на полицискиот час. А што требало да направи полицијата со прекршителите – да ги послужи со кафе и локум?!
За да бидат драмата и заплетот комплетни се погрижи и градоначалникот на општината, кој во улога на локален шериф им вети на граѓаните дека уште истата вечер прекршителите ќе ги извади од притвор. Во време на полициски час, локални моќници држат политички час. Просто неверојатно и несфатливо. Се користи секоја прилика, па и оваа неприлика, да се даваат политички (читај предизборни) ветувања, иако во моментов тоа е веројатно последното нешто што некому би му паднало напамет. Но не и на политичарите.
Во време кога целата држава стравува и трепери за своето здравје, тие стравуваат и треперат за својот рејтинг. Додека здравствените власти секојдневно калкулираат со бројката на заразени и починати, одредени политичари пресметуваат и калкулираат со бројката на потенцијални гласови. Короната одамна е влезена во политичка кампања, а полицискиот час се сфаќа како политички час. И така од почетокот на кризата, па досега.
Инцидентот во населбата Ченто е само последен пример во низата. Изминативе 30 дена се изнаслушавме разни лекции што требало, а што не требало да се направи. Прекуноќ сите станаа епидемиолози и виролози, а всушност не се ништо повеќе од најобични демагози и ситни политиканти, кои ја користат кризата да профитираат политички. Еден ден заразата од вирусот ќе помине, но инфицираноста од политичките болештини тешко заздравува.
Здравствената криза покажа дека ни Македонија ни меѓународната заедница ни светот не се имуни на опасните политички вируси. Зарази што ги разградуваат и разјадуват хуманоста, солидарноста, меѓународното право. Короната најдобро го покажа и докажа тоа.
Во услови кога голем број европски држави бројат и по илјадници жртви на ден,
меѓународната заедница без срам и перде одмерува која хуманитарна или медицинска помош е прикладна, а која не?! Па, дури имаше и примери на одбиена и вратена помош, која, замислете, дошла од неприкладни извори, како Кина, Русија, Турција… Нашата држава, за среќа, барем досега не потпадна под ваквите надворешни притисоци и обиди да им се гледа во нокти на хуманоста, солидарноста и на медицинската помош, која секому му е повеќе од потребна.
Но наместо обединување против вирусот како заеднички непријател, војната на зборови во локални и глобални рамки од ден на ден сѐ повеќе се разгорува.
Деновиве на удар се најде и Светската здравствена организација. Состојбата кулминира откако американскиот претседател Доналд Трамп ѝ нареди на својата администрација привремено да го прекине финансирањето на СЗО.
Водечките здравствени експерти веднаш ја оквалификуваа ваквата одлука на Трамп како „злосторство против човештвото“ и потег што ќе чини животи.
Но американскиот претседател веројатно пресметал дека ваквиот дисциплински потег и упатена политичка лекција кон СЗО ќе му донесат одредена бенефиција меѓу гласачите, со оглед на фактот дека го очекуваат избори и неизвесна претседателска трка за втор мандат. Згора на тоа, со ваквиот потег, на одреден начин се амортизира неуспехот да се запре пандемијата во САД и одговорноста се префрли на СЗО. Тоа е стара и веќе испробана тактика.
Кога не можеш да се справиш со постојниот проблем, креирај нов, полицискиот час искористи го како политички час, на хуманитарната помош додај ѝ политичка запршка итн.
Се чини како човештвото да го изгуби патот. Се плашам да не ја изгубиме и верата.
Зошто, еве, и предвечерјето на велигденските празници се користи за атаци врз традицијата, христијанството, верата. Зарем и дотаму дотуркавме?
Да се надеваме дека воскресението Христово ќе ни го осветли и покаже патот кон посреќна иднина. Нека е за многу години празникот и останете во добро здравје.