Иако стопанството е тоа од кое вообичаено државата црпи финансиски средства, преку наплатата на разни давачки, новата ситуација наметна потреба од промена на вообичаените текови, па сега ќе биде потребно државата да помогне и да ги финансира компаниите полесно да го пребродат кризниот период. Но притоа мора да се внимава на брза и правична распределба на поддршката, а не на селективен приод
Големо намалување на стопанските активности и пад на економијата во тековната година очекуваат и странските и домашните економски истражувачки центри. Ширењето на пандемијата на ковид-19 и воведените мерки за заштита на здравјето на луѓето и спречување на неговото понатамошно ширење во најголем дел од земјите каде што е присутен вирусот, удрија врз економијата. Пред неколку дена светските економски институции посочија дека светот влегува во рецесија, а деновиве Меѓународниот монетарен фонд и домашниот институт за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ посочија дека македонската економија ќе се намали за 4, односно за 3,8 отсто годинава. Најголем пад се очекува токму во овој период, поточно во вториот квартал, додека веќе во третиот и четвртиот квартал се предвидува постепено заздравување на економијата.
Токму ваквите очекувања на експертите укажуваат дека пред нас се неизвесни денови и период кога државата, покрај грижата за надминување на здравствениот аспект од кризата со коронавирус, ќе мора да размислува и да бара начини како да ја спаси и економијата, но и работните места на граѓаните, кои се доведени во прашање.
Во насока на ублажување на штетите врз компаниите не помагаат бавни или половични мерки туку треба да се бара вистинско решение, кое ќе биде широкоприфатливо за компаниите, но притоа исто така мора да се има предвид дека погодените компании не се само од една, две или три фели.
Сите стопански гранки на еден или друг начин ги чувствуваат последиците од здравствено-економската криза. Во таа насока, голема е опасноста овој „вирус“ да погоди поголем дел од работните процеси во земјата, особено ако се има предвид дека се запрени голем дел работни процеси низ најголем број европски земји, со кои пак најмногу соработуваат домашните компании.
Изминатиов период бевме сведоци на понудената помош од државата кон неколку гранки во земјава и истите тие предизвикаа бранување во јавноста, од една страна незадоволни компании од понудата на државата, од друга страна државата најавува засилени инспекции, па најави за нови мерки и нови понуди за спас на работните места…
Досега најголем број поплаки за недостиг од свежи пари доаѓаа од угостителско-туристичкиот сектор, како и од транспортните компании, и токму кон овие дејности беа насочени првите мерки за помош, како бескаматните кредити што ги дава државата преку Развојната банка. Но од почнувањето на оваа криза, која сѐ помасовно удира и врз економијата, секојдневно слушаме разни барања за помош од државата, речиси сите економски сектори, но и од други институции или здруженија укажаа на намалени приливи и опасност за намалување на работните места.
Се има впечаток дека колку повеќе компаниите се жалат и бараат помош од државата толку поголеми им се шансите да ја добијат помошта, а што со оние што не се подготвени да се жалат, кои сѐ уште не се доволно организирани за да бараат поддршка. Факт е дека оваа состојба бара решенија што ќе треба да ги поддржат сите компании што почувствувале тешкотии во своето работење поради наметнатите одредби за дистанцирање, наметнатата потреба од реорганизирање на работните процеси во согласност со мерките, но и запирање на работата. Некои од компаниите поради препораките за дистанцирање го запреа производството, голем број компании, особено фабриките во индустриските зони, целосно го прекинаа работниот процес и ги испратија своите вработени на колективен одмор.
Некои од компаниите производството го запреа поради прекинатата достава на репроматеријали од компаниите со кои соработуваат, а кои се наоѓаат во некои од земјите што се значително погодени од коронавирусот. Но имаме и такви компании што ги затворија своите производствени погодни бидејќи се запрени и нарачките. Има најразлични примери на компании што се наоѓаат во незгодна состојба наметната од ширењето на пандемијата, а токму тоа укажува дека ним ќе им бидат потребни финансии за своите работници, а до кои сега не можат да дојдат од различни причини.
Иако стопанството е тоа од кое вообичаено државата црпи финансиски средства преку наплатата на разни давачки, новата ситуација наметна потреба од промена на вообичаените текови, па сега ќе биде потребно државата да помогне и да ги финансира компаниите полесно да го пребродат кризниот период.
Но притоа мора да се внимава на правична распределба на поддршката, а не на селективен приод. Иако изминатиот период најчесто се споменуваат малите и микропретпријатијата како најпогодени од кризата, не треба да се заборават ниту големите претпријатија, кои во своето работење врзуваат и голем број работници, но и голем број надворешни фирми и соработници што се нераскинливо поврзани со работењето на големите компании. Значи, преку помошта на големите компании им се помага и на сите други.
Точно е дека кај некои гранки проблемите започнале порано или повеќе се чувствуваат, но сега е веќе сигурно дека нема да има непогоден сектор од оваа „здравствена економска криза“, која се прелева низ севкупното стопанство. Токму сега е неопходно државата да најде сили и мерки со кои ќе ги поддржи компаниите, сите компании, и малите и големите. Добро е што веќе има мерки што се однесуваат на малите и средните компании, но мора да се види како ќе се поддржат и спасат работните места и во големите компани, кои имаат голем број работници, но истовремено се и компании што прават најголем дел од извозот од државата и обезбедуваат приливи во земјава.
Македонија веќе доби помош од Меѓународниот монетарен фонд, средства што се добиваат по исклучително ниска каматна стапка, но дали тие ќе бидат доволни да се сервисираат и обврските на државата и да се помогнат компаниите.
Уште едно деликатно прашање што се наметнува е кога ќе пристигне помошта од државата и дали ќе биде навремена. Се споменува дека помошта би можела да стигне до компаниите во мај, но што да прават фирмите дотогаш. Имаме компании што почнаа да се соочуваат со недостатоци и проблеми во набавката на репроматеријалите уште од самата појава на вирусот во Кина, а кои сѐ уште работат или се обидуваат да работат и да ги задржат вработените на своите позиции.
Токму во оваа насока сега мора да се бараат иновативни решенија што ќе бидат насочени кон зачувување на секое постојно работно место, било да е истото тоа во рамките на некоја мала компанија или пак во големо претпријатие, фирма со голем број вработени. Притоа помошта е потребна што поскоро и што побрзо.
Надлежните мора да имаат на ум дека овој вирус не започна да се шири во Македонија од април, туку цел месец претходно, и дека некои од компаниите се затворени речиси еден месец. И како што за здравството важи изреката дека брзата и исправна терапија е пресудна за заздравување на пациентот, истото тоа важи и за економијата. Брза и исправна терапија е неопходна и за стопанството и за економијата. За и таа да закрепне и што побрзо да застане на здрави нозе.