Кризата предизвикана од вирусот ковид-19 на големо влијае врз дејствувањето на нуклеарните капацитети на државите, бидејќи тие се тесно поврзани со специфичниот и строг начин за издавање наредби за нивно користење

КОВИД-19 И НУКЛЕАРНИТЕ ПРЕДИЗВИЦИ

Пандемијата на коронавирусот, освен што целосно ги промени глобалните случувања, поттикна интересни размислувања и од аспект на нуклеарното вооружување. Дебатите особено се засилија откако британската влада одби да информира кој е одговорен за нуклеарните шифри на Обединетото Кралство додека премиерот Борис Џонсон се наоѓа на одделот за интензивно лекување поради вирусот ковид-19.
На прашањето на Би-би-си дали министерот за надворешни работи Доминик Раб ги добил нуклеарните кодови, бидејќи Џонсон лежи во болница, министерот на кабинетот на Владата, Мајкл Гоув, изјави дека во моментов „постојат добро развиени протоколи што се активирани“.

– Навистина не можам да зборувам за прашањата за националната безбедност – изјави Гоув.
Тамошните медиуми информираат дека единствено британскиот премиер може да одобри нуклеарен напад, а таквата наредба би била пренесена на една од британските нуклеарни подморници со низа нуклеарни шифри.
– Лицето што ја предводи земјата, според планот што го постави премиерот, е Доминик Раб, министерот за надворешни работи – изјави Гоув.
Американската телевизија Фокс њуз на слична тема, поврзана со дилемата што доколку претседателот Доналд Трамп се зарази со вирусот, пишува дека заболувањето во никој случај нема да го ослаби одговорот на нуклеарното американско оружје.

Телевизијата се повикува на изјава на адмиралот на американската морнарица Чарлс Ричард, кој е командант на Стратегиската команда на САД, која ракува со ова вооружување. Тој истакнал дека не постои опасност за дејствување или нарушување на функционирањето на овие капацитети на американската армија.
Магазинот „Нешнал интрест“ на истава тема истакнува дека вооружените сили на САД се подготвени за дејствувања во вакви нуклеарни сценарија, кои се спроведуваат врз однапред подготвени планови.

Во анализата се заклучува дека кризата предизвикана од вирусот ковид-19 на големо влијае врз дејствувањето на нуклеарните капацитети на државите, бидејќи тие се тесно поврзани со специфичниот и строг начин за издавање наредби за нивно користење.
Во својот осврт весникот додава и дека ковид-19 генерално го поразува и функционирањето на традиционалниот начин на националната одбрана на земјите.
Слична констатација има и магазинот „Њузвик“, кој пишува дека САД во моментов разработуваат сценарија за ракување со нуклеарните капацитети од заканите предизвикани од пандемијата на коронавирусот и додава дека во шест воени бази каде што се стационирани овие нуклеарни оружја биле воведени посебни протоколи за заштита.

Од друга страна, магазинот „Форин полиси“, пак, пишува дека кинеските нуклеарни капацитети и способностите на тамошната влада се загатка обвиена во мистерија, за кои тешко може да се процени како би дејствувале во одредени кризни состојби.
Воените експерти во земјава велат дека коронавирусот, случајно или не, со сигурност го забавил дејствувањето на нуклеарните потенцијали на светските воени суперсили, но моќните држави како САД, Русија, Британија, Кина и други, кои поседуваат вакво оружје, и покрај објективните пречки во командната структура поради ковид-19, во моментов не се спречени да го употребат.

Докторот на воено-политички науки Благоја Марковски оценува дека ако овие состојби ги гледаме на глобално светско ниво, треба да се има предвид дека начинот на употреба и користење на нуклеарните потенцијали во секоја земја е регулиран од законски протоколи.
– Во конкретниот случај на Британија, на таа позиција веќе е поставен заменик на Џонсон, а слична состојба за тоа кој го има „клучот“ за употреба сепак се одредува со специјални протоколи, каде што се дели командната одговорност на повеќе луѓе, бидејќи опасноста од нуклеарното оружје не е само кон потенцијалниот непријател туку и кон домашното население на нуклеарните суперсили и по нивните структури и животна средина – вели Марковски.

Според него, од тој аспект, без оглед за ширењето на коронавирусот и зафатеноста на болеста врз светските клучни лидери, како на пример Доналд Трамп или Владимир Путин, кои можат да употребат нуклеарно оружје, не мора да биде загрижувачка за светскиот мир, бидејќи овие протоколи максимално се почитуваат, без разлика на сѐ во државите.
Во Македонија пак, која не е нуклеарна земја, вели Марковски, доколку хипотетички во одредени вонредни и воени мерки се зарази највисокиот државен врв, постои систем на законски и подзаконски акти и мерки утврдени од Уставот, каде што командната одговорност од еден државник се префрла на друг.
Слично констатира и Милан Стефаноски, кој додава дека Студената војна, која траела со децении, и новата етапа, која е актуелна сега, со сигурност кај суперсилите развиле специфични сценарија како да постапуваат во вакви околности, какви што имаме сега со коронавирусот.

Аналитичарот оценува дека и самото НАТО неодамна изјави дека е подготвено да живее и дејствува во време каде што нуклеарната опасност е реалност, а со тоа, според Стефаноски, на сите треба да ни е јасно дека организираноста на воените машинерии не може да биде парализирана од вирусот, туку само забавена за специфични дејства.
[email protected]