Неверојатно оптимистички биле настроени оние футуролози што во осумдесеттите години од минатиот век тврдеа дека по 40 години (сегашниве години), светот ќе биде рајска градина, дека ќе постојат летачки автомобили, дека сонцето ќе биде најкористениот енергетски извор, дека роботите ќе го работат она што го работат луѓето, дека ќе почнат летови на Марс со човечки екипажи. И дека ќе нема проблеми со храна, зашто, слично на астронаутите, луѓето ќе земаат синтетички оброци во форма на апчиња или јадења спакувани во туби, како пастите за заби. Мало апче за појадок, големо за ручек, еден исцеден слој од тубата за вечера.
Ништо нема да недостига, ќе бидат задоволени безмалку сите материјални потреби. На луѓето ќе им бидат намалени секојдневните професионални обврски, ќе работат само три-четири дена во неделата, ќе имаат многу слободно време да си го посветат себеси и семејството, а по свој избор ќе се занимаваат со уметности, со различни видови лични активности и ќе се забавуваат колку и како сакаат.
Наспроти нив биле оние што изразувале неверување во таквите претпоставки и прогнози, оние што испишувале поинакви, главно црни сценарија за иднината на планетата. Тие предвидувале поинакви настани, предизвикани пред сѐ од природата, како на пример поплави, средба со небески тела, болести предизвикани од непознати вируси, сериозни последици од климатските промени на Земјата, непознато влијание од црната дупка во вселената и слично.
Но тие брзо биле демантирани, исмевани и тргани од јавната сцена, од масовните медиуми и публикации, некогаш по наредба на владите на државите, некогаш под силно влијание обезбедено со големи пари од моќните мултинационални корпорации.
Никој, ама никој, не предвидел дека во втората деценија на 21 век во многу држави на планетата Земја ќе се води меѓучовечка борба, без разлика на расата, бојата на кожата, родовата разноликост или религиската припадност, за нешто што било незамисливо за развиениот свет.
Сигурно никому не му паѓало на памет да мисли дека еден ден во продавниците ќе се води битка за пакет тоалет хартија или дека најважни производи за опстанок ќе бидат квасецот, брашното, солта и шеќерот и дека еден ден може да ги снема од рафтовите во суперсупермаркетите. И сапунот, секако, како најефикасно средство за дезинфекција. Дојде време тие ситни потрепштини, на кои, освен домаќинките, никој друг не им обрнувал внимание, да бидат најпотребни, но дефицитарни, покрај простите маски за заштита од загаден воздух и сложените медицински респиратори како последна надеж за преживување од сегашната коронавирусна пандемија.
Какво патување на Марс, кога луѓето не смеат да излезат од дома, кој технолошки парадокс, кое враќање кон првобитната форма на живот. Каков луксуз, какви колачи, виски и авантури, плажи, ноќни клубови, швалери и швалерки, кога половина свет, не само што е преплашен, веќе е во некаков вид изолација. Што може човек да прави кога таткото се чува од децата, мајката од ќерката, братот од сестрата, пријателот од пријателот, колега од колегата, кога имаш страв од зараза ако седиш во канцеларија со некого спроти себе? Од тој страв се обземени и најбогатите, најславните, најпознатите – сите општат главно онлајн. И кај богатите и кај сиромашните нема веќе шепотења од уста на уста, од уво до уво, сѐ ќе биде, ако веќе не е, ставено под контрола.
Една од главните пароли во светот е „Можеме да успееме само заедно“. Таа е нагласена и во Македонија (сега Северна). Таа парола во неколку наврати ја афирмираа претседателот Пендаровски, претседателот на техничката влада Спасовски, лидерите на двете најголеми македонски партии Заев и Мицковски и други важни општествени фактори. Повикот е одличен, така треба, тоа е потврда на солидарноста, на меѓусебната помош кога стигнува неволја. Но, сепак, се има впечаток дека колку што се силни вербалните повици дека можеме да успееме заедно, толку на терен функционираме одделно, дека здравјето станува, или може да стане, жртва на политиката, на партиските политички пресметки.
Искрено, не можам да ја разберам патолошката потреба на ВМРО-ДПМНЕ секојдневно да дава по четири-пет соопштенија, плус да држи три-четири конференции за медиуми, повторувајќи го секој ден истото, пак истото, дури и без грижа за стилските финеси. Такво нешто политичката историја и практика не познаваат, ниту пак трпат. Во време кога луѓето се уплашени за својот живот, кога ги боли глава како ќе го преживеат наредниот ден, кога долги минути чекаат пред аптеки, банки, продавници и сѐ почесто посегнуваат по апчиња за смирување, непримерно е некој од час во час да ги бомбардира со политички излитени фрази.
Впрочем, прашање е дали нив некој ги слуша и чита и дали им верува. Стара песна, иста плоча, ќе зачкрипи од употреба.
Што е главната поента? Главната поента е дека не чинела, неспособна била владата на СДСМ. И што ако не е способна? ВМРО-ДПМНЕ нема инструмент, нема уставна, законска или каква било административна алатка институционално да ја смени. Ниту пак има вонинституционална можност, на улица, со протести или со „црно-бела револуција“ (за разлика од шарената), насилно да ја симне од власт. Ако е така, а така е, прашање е зошто ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер не ја остават Владата намира таква каква што е, да ја остават намира и да ја префрлат сета одговорност на нивно конто.
На сите им е јасно дека ако Владата или Социјалдемократскиот сојуз се покажат неспособни да ја надминат и да ги залечат последиците од кризата, партијата ќе ги изгуби изборите кога и да се одржат. А Владата сама ќе падне како зрела круша ако дозволи да си прави грешки, ако во овие услови излезе на видело само еден грам корупција, ако се обиде да калкулира со тендери, ако само еден нејзин член биде откриен и фатен дека зема провизија или врши криминогено дело за лична и партиска корист.
Исто така искрено, можам да ги разберам самобендисаноста и ароганцијата на кадрите на СДСМ (и стари и млади) кога се на власт. Но не можам да ја разберам нивната жестока отпорност кон сите предлози што ги дава ВМРО-ДПМНЕ во ситуација кога се заканува општа зараза. Ајде и да се согласиме со претераните, масакрирачки новински колумни дека ВМРО-ДПМНЕ како партија е најцрниот ѓавол во државава, но да не заборавиме дека неа ја поддржуваат 200-300 илјади македонски граѓани на секои избори. Можеби е погрешен заклучок, но не може да биде далечна помислата дека СДСМ, вака како што реагира, повеќе се плаши од ВМРО-ДПМНЕ и од другите критички расположени граѓани, отколку од коронавирусот. Белки по триесет години повеќепартизам и демократија стана јасно дека критиките кон властите ниту се ограничени, ниту забранети и дека секоја партија на власт страда, губи на избори, кога се оглушува на нив, кога не стекнала имунитет достојно да ги издржи, макар и најжестоките.
Старата македонска болест на поделби не може да се споредува со заболувањето од коронавирусот, но може да биде поопасна од него. Овој вирус ќе помине, црвот на меѓусебните односи ќе си ровари, поделбите ќе продолжат, последиците долго ќе се чувствуваат, штетите по македонскиот народ ќе се намножуваат. Оваа ситуација навистина може да се искористи за минимум соработка, зашто и НАТО и ЕУ и сите светски чинители бараат да се дејствува заедно. И што вирусот, стопати е кажано, не разликува партиска боја, победник ќе излезе само оној што по него ќе излезе здрав, физички и психички.
На заедничко учество, соработка и дејствување во таква битка повикуваат сите важни фактори во државава. Да се надеваме дека тоа што го бараат од граѓаните, ќе го постигнат прво меѓу себе. Ако не го направат тоа, ако последиците бидат непоправливи, ако илјадници останат без работа или без елементарни услови за живот, ќе нема сапун што ќе може да ги испере, дали едните или другите, тоа ќе биде најмалку важно.