Податоците од Исланд покажуваат дека 50 отсто од позитивните на коронавирус биле без симптоми, а САД проценуваат дека до 25 отсто од носителите на вирусот се асимптоматски. Поради тоа водечките експерти за здравствени установи на САД ги преиспитуваат досегашните препораките за носење заштитни маски, јави Си-ен-ен.
        
– Информациите што ги имаме многу потврдуваат дека значителен број се заразени без никакви симптоми. Можеби и до 25 отсто – вели директорот на Американскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), Роберт Редфилд.
        
За да се спречи понатамошно ширење на вирусот, водечките американски епидемиолози и инфектолози сега ги разгледуваат препораките за носење заштитни маски во светлината на новите откритија.
        
Главниот американски инфектолог Ентони Фаучи вели дека е скон на препораката населението да започне да носи маски за лице „ако тоа не создаде недостаток на маски за здравствените работници на кои им се потребни“.
       
– Сè уште не сме во таа фаза, но мислам дека сме близу до одлука – вели Фаучи.
        
СЗО, како и повеќето европски земји, во моментов препорачуваат дека само болните и оние кои се грижат за болните треба да носат маски. Маските со филтер за честички помали од коронавирусот го спречуваат ширењето на вирусот и исто така го штитат носителот, додека стандардните хируршки маски, кога ги носат болни луѓе, ја штитат околината од вирусот што го носат.
        
– Ова е сосема нов вирус и ние псотојано учиме за него. Со развојот на пандемијата, се појавуваат нови податоци – посочуваат од СЗО.
        
Дел од европските земји како Австрија, Чешка, Бугарија и Словенија веќе започнаа да воведуваат обврска за носење маски за населението, мерка што ја препорачуваат азиските експерти и се спроведува нашироко на Далечниот исток. Експертите предупредуваат дека домашните маски не можат да се споредат, во однос на заштитата што ја обезбедуваат, со хируршки маски или оние со филтер, но тие имаат добра страна во однос на препораката да се избегнува допирање на носот и устата со рацете, заради физичката бариера што ја претставуваат.