Прилично зачудувачки е што, дури и сред глобална катастрофа, луѓето сè уште можат да најдат начини да ја претворат нивната состојба во приказна за социјален престиж. Луксузните трговци сега на своите веб-сајтови нудат есенцијални работи кои се потребни за работа од дома како поло-маички од 195 фунти и тренерки од 145 фунти, пишува Хедли Фриман во нејзината колумна за британски „Гардијан“.

– Има пренасочување на содржината на инфлуенсерите преку Интернет – изјави консултант за Фајненшл тајмс минатата недела. Наместо патувањето и модата да бидат во фокусот, инфлуенсерите сега се префрлаат на готвење и фитнес. Затоа, наместо да се чувствуваме инфериорни што немаат објавено селфи на зајдисонце во Бали, сите можеме да се чувствуваме лошо затоа што немаме соодветна јога подлога.

И не се само професионалните инфлуенсери тие што се вклучени во оваа игра. За оние кои поминуваат премногу време на социјалните медиуми, сега им е вкоренето да им кажат на луѓето дека тие знаат да живеат подобар живот од нив. Ова може да изгледа нелогично, кога сите знаеме, од Мик Џегер па до вашата мајка, дека повеќето од нив седат на софата гледајќи филмови и серии на „Нетфликс“.

– Оваа потреба за докажување е особено силна во време на стрес и вознемиреност, кога никој не знае дали ја прави вистинската работа. Затоа ваквиот тип на луѓе, за да се чувствуваат подобро, прават другите луѓе да се чувствуваат полошо – вели Џереми од Лондон за „Гардијан“. 

Богаташот Дејвид Гефен објавуваше на својот инстаграм-профил која славна личност е моментно гостин на неговата јахта, „Рајзинг Сан“. Но, тој минатиот викенд на Инстаграм објави фотографија од „Рајзинг Сан“ проследена со написот „Зајдисонце минатата ноќ… изолирани во Гренадините за да се избегне вирусот. Се надевам дека сите ќе останат безбедни“.
 
Поради оваа објава Гефен беше исмеван на социјалните мрежи. Тој затоа, подоцна ја избриша својот инстаграм-профил. Сепак, Гефен не е единствениот што го прави ова. Тој е милијардер, па неговата верзија за социјално дистанцирање е исто така е гламурозна и голема како за еден милијардер, но едно брзо пребарување по неговиот инстаграм-профил, ќе покаже дека е далеку од сам во обидот да создаде инстаграм- изолација.
 
Клишеите на социјалните медиуми веќе вклучуваат фотогенични деца кои прескокнуваат на празна плажа пред вториот дом на нивните родители, или како се школуваат дома во вториот дом на нивните родители во Норфолк. „Да се искористи максимумот на изолацијата!“ е најчечстиот хаштаг кој го постира овој вид на луѓе. 
 
– Да, сите сме заедно во тоа и сите истото го правиме, но некои луѓе се природно надарени да го прават тоа подобро, а имаат и втор дом, што е случајно, секако – пишува Џереми.
 
Телевизиската презентерка Кирси Алстоп се соочила со проблеми минатата недела кога напишала дека го однела семејството во нивниот дом во Девон, откако нејзиниот сопруг развил симптоми на вирусот. „Добра прошетка навистина прави разлика“, напиша таа на Инстаграм, под фотографијата на која нејзините деца шетаат низ руралната средина.
 
Кога луѓето истакнаа дека владата конкретно рече оти не треба да се одти во своите втори куќи, особено ако некој во семејството има симптоматски карактеристики на вирусот, Алстоп напиша на Твитер „Домот е местото каде што се наоѓа срцето “. А дали вирусот се наоѓа во малата рурална заедница, без доволно здравствени установи за да се справи со пандемија донесена од градските жители, веројатно и не е толку важно.
 
– Сите сме збунети околу тоа што да правиме, и разбирам дека е потребна надворешна валидација за нечиј избор. Но, можеби некои луѓе би требале да имаат на ум дека не секој ги има тие избори, и затоа треба да оладат на социјалните мрежи засега. Исто така, ако не сакате луѓето да ги критикуваат вашите избори, не објавувајте ги на социјалните медиуми. Оној брод во кој ќе пловиш за да ја победиш епидемијата, нема да изгледа ист на сите, ниту всушност е ист за сите. Особено ако тој брод е огромна јахта – вели Франческа Меландри за „Гардијан“.