Кинотеките, театрите на Бродвеј и лондонски Вест Енд, сите концертни сали се затворени поради епидемијата на коронавирусот, но актерите, комичарите и музичарите му дадоа нов живот на изразот „Шоуто мора да продолжи“.
Комичарите Џими Кимел, Џими Фелон, Стивен Колберт и Тревор Ноа почнаа да се собираат од своите домови и да настапуваат во живо на интернет, откако им беа откажани нивните вечерни забавни програми. Колберт го започна своето шоу на Си-би-ес пред скара во неговиот дом во Њу Џерси. Вечерта пред шоуто, тој се појави на интернет од својата бања, седејќи во облак меурчиња од сапун во костум и вратоврска.
Кимел, пак, во своето шоу на Еј-би-си при „карантинскиот монолог“ се пошегува дека изолацијата во домот со семејството дава можност за нови откритија, со што дознал дека има две мали деца.
– Фала му на бога за телевизијата. Мојата крвна група е дизни-позитивна – рече тој.
Водителот на вечерното шоу на Ен-би-си, Џими Фелон, ја почна својата прва десетминутна домашна верзија на „Ет хоум едишн“, при што собра повеќе од 19.000 американски долари за непрофитната Национална банка за храна. Неговиот план е секоја вечер да собира донации за добротворни организации.
Во Велика Британија, група актери и режисери објавија дека ќе емитуваат читања во живо на делата на Вилијам Шекспир.
– Шекспир го напиша „Кралот Лир“ во карантин поради чумата, ако тој го можел тоа, тогаш можеме и ние – рекоа организаторите.
Њујоршката опера „Метрополитен“ секоја вечер бесплатно емитува некои од своите најпопуларни продукции. И списанието „Ролинг стоун“ е едно во низата што почнаа со серија настапи во живо преку интернет, со основачот на „Бич бојс“, Брајан Вилсон.
– Уметниците и културните институции низ светот измислуваат иновативни начини да не се исклучат сценските светла и да не згасне музиката – пишува весникот.
Ветеранот на кантри-музиката Вили Нелсон најави дека неговиот фестивал „Лак реунион“, кој обично се одржува во Остин, Тексас, ќе биде пренесуван во живо и музичарите ќе се снимаат сами во своите домови. Лидерот на „Колдплеј“, Крис Мартин, и Џон Леџенд ја изведоа „Together, At Home“ на Инстаграм.
Изведувачите на Бродвеј, меѓу кои и ѕвездите на мјузиклот „Злобен“, Идина Мензел и Кристин Ченоут, пеат и зборуваат за своите кариери од своите домови во дневната програма „Ѕвездите во своите домови“, која исто така собира пари за хуманитарни цели за колегите што ја губат работата поради епидемијата на коронавирусот. Актерките Џенифер Гарнер и Ејми Адамс, пак, почнаа проект „Безбедни со приказни“, каде што читаат детски книги на Инстаграм и на Фејсбук.