За жал, звучи како да сме само на почетокот на она што може да биде повеќенеделна или повеќемесечна криза со коронавирусот. Како ќе влијае кризата на политиката, прерано е да судиме. Контурите се исцртуваат.
Политичките лидери се согласија дека нема време за политика во време на борба со вирусот. Здравјето пред сѐ и над сѐ. А потоа сфаќате колку е деформирана политиката во Македонија, кога гледате колку двете политички партии не можат да се договорат за сериозноста на коронавирусот. И како да се справат со него.
Кога тука ќе ја додадете и нерешителноста на претседателот, кој балансираше помеѓу потребата од воведување вонредна или кризна состојба, во согласност со барањата на политичките лидери, тогаш треба да се замислиме дали сме способни како држава да одговориме на сериозноста на заканата од коронавирусот.
Ако јас треба да чекам од претседателот да се премислува за воведувањето вонредна состојба во државата врз основа на зголемениот број на заболени, а предвидувањата се дека тој број ќе расте, тогаш лицемерно и стерилно ми звучат заложбите на политичарите дека здравјето било пред сѐ и над сѐ.
Лидерство сакам-нејќам не генерира доверба кај граѓаните. Напротив, генерира недоверба и страв, особено кога гледа како другите земји преземаат драстични чекори во справувањето со пандемијата. Кризите, велат, се прозорец за лидерство. Ние го видовме на почетокот на кризата со коронавирусот. И сериозно треба да нѐ загрижи.
Владината политика за борба против ковид-19 треба да биде водена од науката, но на крајот како ќе се справи Владата со кризата е политичка одлука. Императив е да се избегне епидемискиот врв и да се ублажи ударот за економијата. И двете поставуваат идеолошки прашања за владата. Да, идеолошки.
Ако некој има дилеми.
На пример: не видов дека Владата размислува да интервенира во обезбедување кревети со реквизиција во приватниот сектор, за да се зголеми капацитетот на јавното здравство. Освен оние доброволно понудени. Ама, затоа ќе се сместуваат лица во изолација (само одредена група) во импровизирани воени објекти, кои не можат да понудат основна здравствена грижа и хигиена. А замислете: хигиената да ти била една од главните мерки во борбата со вирусот. Сега, оди види им го паметот на нашиве политичари.
Или, зарем имаме лекари за извоз, па може да ги жртвуваме, поради неодговорност на власта да обезбеди нивна соодветна заштита, според стандардите за работа во услови на пандемија. Можат лекарите. Научени се. Понижувани, потценети, навредувани, тепани. Сега и незаштитени. Се надевам дека на Владата ќе ѝ текне дека сега, повеќе од порано, на лекарите им треба секаков вид поддршка. Но, пред сѐ, им треба сигурност и чувство дека некој се грижи за нив. Дека не се оставени сами во справувањето со пандемијата. А не ќе ми аплаудирате на министерот за здравство.
И види чудо. Од држава без алтернатива, одеднаш станавме држава со алтернатива. Па, прифативме донација од Кина на 200 респираторни машини и финансиска помош од 3 милиони и 800 илјади евра за набавка на амбулантни возила и унапредување на здравствените услуги за домашни посети.
Не видов дека некој друг ни понуди помош. Кога на власта во изминативе години, а и годините пред тоа, не ѝ текнуваше на здравството, очигледно има некој што се грижи за нас. За жал, не е од нашите стратегиски партнери. И пријатели. Ама ние ќе продолжиме да си ги сакаме.
Паниката ме фаќа што ќе правиме со рецесијата што ќе дојде? Или нас ќе нѐ одмине. Ако не зборуваме за економијата во услови на пандемија, којзнае, рецесијата може нема да се случи. А ќе се случи. И сега оди имај доверба во економскиот тим на власта дека ќе се справи со економските последици од кризата. Јака доверба влева портфолиото на рано испилените министри во економскиот сектор. Сѐ уште чекам да чујам како ќе се пополни дупката во буџетот предизвикана од намаленото трошење. Како ќе бидат рефундирани оние што поради кризата трпат загуби и немаат приходи? Со бескаматни кредити? Сериозно!
И повторно, мерките на економски план на Владата почнуваат со „ќе“. Видовме со тоа „ќе“ до кое дереџе спаднавме во економијата. Сепак, рецесијата предизвикана од епидемијата е малку поинаква. „Ќе“ не ќе е доволно.
А не гледам ни некоја решителна реакција од Владата да спречи луѓето од фармацевтската индустрија да ја искористат оваа епидемија како можност да направат богатство.
А тие го прават тоа непречени од никого. Владата е ставена на „mute“. Можеби поради роднинските и партиските врски.
Нема време за политика во борбата со коронавирусот. Така се согласија лидерите на политичките партии. Ама во сенката на вирусот, политичката борба продолжува. Валкана како што предвидов. Ќе го цитирам поранешниот амбасадор на РМ во Рим, Шамбевски: „Значи, еве, почнаа со воено профитерство… сериозно, собирање поени со вакви фејк њуз не се разликува во ништо од зголемувањето на цените на маските од 3 на 100 денари, затоа што е злоупотреба на моментот за профит! Ете, такви сте, и да, срам да ви е!“
Да, такви се. Отсекогаш биле такви. За срам? Никогаш го немале. Во услови на криза најдобро се гледа скриеното лицемерство на владејачката партија. Потранспарентно никогаш не било. Брзањето на владејачката партија да стави личен печат над оваа криза може да биде погубно за неа и за државата. Зашто заборава дека многу лесно ќе биде обвинета и за нејзиниот трагичен дел. Кој, искрено верувам, никој не го посакува.
Политичко профитерство во услови на криза никому не му користи. Особено не во услови на пандемија од ваков вид. Владата предводена од СДСМ, заслепена од себепромоцијата, заборава дека брзината и агресивноста на пандемијата носат политички опасности, кои никако да ги види.
Првата е задоцнетата реакција на Владата, со оглед на сериозноста на заканата со која се соочува нацијата. Втората се потценувањето на издржливоста на јавноста и еластичноста да одржи дисциплина. Третата е дека Владата не е јасна и конкретна во тоа дека државата ќе обезбеди товарот за справување со коронавирусот да биде еднакво споделен. Затоа, постои голем ризик самозадоволството и недостигот од еднаква грижа за жртвите да ја закопаат нејзината политичка иднина. Особено кога има слабо и нерешително лидерство.
Арно ама кому да кажеш. На оние што поинаку не можат политички да функционираат? Тешко.