Хонгконг и Јапонија имаат различен пристап кога станува збор за справувањето со пандемијата на коронавирусот. Но, која земја има подобар пристап, се прашува Си-ен-ен.
При пристигнување во Хонгконг, патниците на аеродромот веднаш се носат во просторија и се ставаат во карантин, по што им се вршат здравствени и безбедносни проверки. Се проверува нивната температурата, а потоа тие пополнуваат формулар во кој наведуваат дали патувале во некоја земја што е жариште на коронавирусот. Патниците потоа добиваат инструкции, како и задолжителна наредба да ја мерат својата температура двапати дневно и да пријават било какви симптоми на Одделот за здравство. Властите отидоа дотаму што предложија електронски нараквици кои ќе известуваат дали оние кои се во изолација го напуштиле својот дом.
Засега, мерките во Хонконг даваат резултат и го спречувааат ширењето на вирусот. Бројката на заразени е мала, 167 лица, а сите носат заштитна маска на лицето. Изгледа дека Хонконг научи важна лекција од епидемијата на САРС во 2003 година, во која починаа 300 лица. Иако властите не наредија затворање на јавните објекти, сите граѓани ја сфатија опасноста и се погрижија да останат во самоизолација.
Сликата во Јапонија е малку поинаква.
Доколку слетате на аеродром во Јапонија, ќе забележите како јапонските офицери за карантин набрзина ги проверуваат сомнителните случаи. Никој не ја проверува температурата, а при поминување низ термичка камера, облеката во ладните ноќи може да даде различна слика за вашата состојба. По пополнување на формуларот, мерките не се особено рестриктивни: останете дома 14 дена, мерете температура еднаш дневно и избегнувајте јавен транспорт. Овие мерки се едноставни, не се задолжителни, а ништо нема да се случи доколку ги прекршите.
Иако другите земји веќе ги затвораат границите и прогласуваат вонредни состојби, премиерот Шинѕо Абе изјави дека ситуацијата во Јапонија сѐ уште не е дојдена до точка на прогласување вонредни, ниту итни мерки.
Иако голем број училишта во земјата се затворени, а одредени јавни собири се откажани, голем број работници работат од дома, рестораните и јавните објекти се отворени, јавниот транспорт уште е во употреба, а родителите и децата се надвор и без маски на лицата. Премиерот како причина го наведува малиот број заразени, само 873 случаи, во споредба со другите земји како Италија со 31.506 случаи, 16.169 случаи во Иран и 8,614 случаи во Јужна Кореа. Мал е и бројот на тестирани лица во Јапонија, само 14,525, додека Јужна Кореа тестира 15.000 лица дневно.
Јапонските власти соопштија дека ќе го зголеми капацитетот на тестирање до крајот на месец март. За земја со голем процент на постари лица, ширењето на коронавирусот би имало големо разорно дејство. Секојдневното тестирање е единствен начин да се дознае дали спокојството во Токио е слика за состојбата на коронавирусот низ цела Јапонија.
Останува да се види како ќе се развива ситуацијата и какви ќе бидат ефекстите од преземените мерки во Хонгконг и во Јапонија.