Премиерот Оливер Спасовски изјави дека ќе има казни за оние граѓани кои ќе допатуваат од странство, а нема да се самоизолираат.
– Ги повикувам граѓаните сериозно да ги следат упатствата и препораките на надлежните, да бидат на висината на својата лична одговорност и да ни помогнат и нам, и на самите себе. Ние сме постојано активни со цел да помогнеме. На пример, денеска преку МНР сме во контакт да овозможиме непречен транспорт на конвој од Словенија да пристигне во Северна Македонија, наши граѓани се заглавени помеѓу хрватско- српската граница и очекуваат да им помогнеме да се вратат дома.
Но, апелирам до таквите граѓани, кога ќе пристигнат на граница да кажат точно од каде патуваат и потоа да одат во самоизолација 14 дена. На петте гранични премини кои останаа отворени се потпишуваат изјави од страна на граѓаните дека ќе останат во самоизолација. Затоа апелирам до нив и до нивните семејства да го почитуваат ова. Секој што мора да биде во самоизолација мора тоа да го направи.
Имаме полициски службеници кои ги следат постапките на таквите граѓани и предвидени се најстроги санкции за сите кои не се ставаат во самоизолација откако ќе допатуваат во државата. Уште еднаш ќе искажам огромна благодарност до полицијата, армијата, лекарите, медицинскиот персонал- тие деноноќно посветуваат време и знаење да ни помогнат – рече Спасовски.