Ќе видиме што ќе се случи е сосема извесна неизвесност поставена како на глобален, така и на локален план, и со тоа повеќе од добра тема за сериозна јавна дебата, ослободена од дневнополитички, идеолошки и секакви други заблуди. Но и имајќи го постојано на ум фактот дека повеќеслојниот проблем, составен од редица меѓусебно поврзани спорови и судири, не може да се уништи со еден договор. Не во овој регион, не на овој континент и не во овој свет, па дури и кога претставувајќи се како фактори на мирот и на стабилноста и како клучни актери во случувањата со потенцијал да станат историски, амбициозните политички елити сакаат само да ја стабилизираат сопствената позиција
Насловот всушност е модификација на карикираната содржина на „историскиот договор“ со кој „Њујорк тајмс“ го претстави исходот од средбата на американскиот претседател Доналд Трамп со севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун што пред некој ден се случи во Сингапур по долготрајната високотензична вербална пресметка на релацијата Вашингтон – Пјонгјанг. Со карикатурата на Трамп и Ким како го покажуваат договорот чија содржина се сведува на реченицата: „Ќе видиме што ќе се случи“, весникот, кој сведочеше за голем број историски подеми, падови и дебакли на светската дипломатија, ги потопи глобалните надежи за „целосна денуклеаризација и мир“ на Корејскиот Полуостров. Колку тоа е оправдано – ќе видиме. Но, дали треба да оставиме само времето да покаже што ќе се случува со (паралелно) постигнатиот договор помеѓу премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, кој речиси со еднакво големо внимание беше проследен во светските медиуми? Се разбира дека не! Иако очигледно оваа „наша средба“ помина без заеднички фотосесии и, барем засега, без карикатури. Но со многу интерпретации.
Како уште еден заеднички именител на получасовната тет-а-тет средба во Сингапур и на неколкудневната жешка телефонска врска помеѓу Скопје и Атина, постигнатите договори, на светската јавност ѝ беа претставени како големи пресврти во решавањето „прастари навидум нерешливи конфликти“. Очекувано, не изостанаа забелешките дека при вакви договори – ѓаволот секогаш останува во деталите. И тоа доволно ја оправдува споменатата карикатура – во двата случаи.
Ќе видиме што ќе се случи е сосема извесна неизвесност поставена како на глобален, така и на локален план, и со тоа повеќе од добра тема за сериозна јавна дебата, ослободена од дневнополитички, идеолошки и секакви други заблуди. Но и имајќи го постојано на ум фактот дека повеќеслојниот проблем, составен од редица меѓусебно поврзани спорови и судири, не може да се уништи со еден договор. Не во овој регион, не на овој континент и не во овој свет, па дури и кога претставувајќи се како фактори на мирот и на стабилноста и како клучни актери во случувањата со потенцијал да станат историски, амбициозните политички елити сакаат само да ја стабилизираат сопствената позиција. А меѓународното право и правдината воопшто – ги игнорираат.
Добар пример за тоа е токму Европа, чија историја е обременета со мноштво судири и која, како целина, сѐ уште не може да се ослободи од историски, идеолошки и секакви други заблуди и грешки, во чие набројување нема сега да навлегуваме, но се навистина многубројни. Иако таквите опсесии не се само ексклузивна европска особина, што јасно може да се види од константното подгревање на реториката од времето на Студената војна, на пример, сепак, пред сѐ историските дебати, имаат посебна тежина во Европа, бидејќи целиот европски проект се темели токму на надминување на историската омраза и на градење заемна доверба. Но во заднината на декларативното, на секој чекор можат да се сретнат целосно различни интерпретации на историјата, па и на сегашноста, како искри на нови судири за кои потоа секој потенцијален актер во него ќе сака да пишува своја историја.
До најавената средба во Мала Преспа остануваат уште малку денови, но сосема доволно тој да биде обелоденет доколку навистина е поволен за Македонија?! Впрочем, и во Грција, чии апетити со договорот се во целост задоволени (читајќи го нивниот нон пејпер), веќе е поставено сосема оправдано барање договорот да биде претставен барем во парламентот, пред да биде потпишан и пред да стане
„историски“
А токму од тоа што досега го пишуваа историчарите произлегоа голем број судири. Некои од нив дури и признаа дека многу материјали почнувале да се создаваат како историски, а завршувале како фикција, со вметнување на „најверојатните сценарија“ за да се пополнат дупките настанати поради недостиг од факти или поради потребата неугодните нешта да се покријат со поблагопријатните слоеви, па макар тие биле и од сосема друго време или место. Како и да е, историчарите нема лесно да се откажат од прекопувањето на минатото и веројатно некогаш како материјал ќе ги користат и споменатите „историски договори“. Дали и како тие потоа ќе бидат реализирани и вреднувани – ќе се види. Токму поради ваквата историска, идеолошка и друга какофонија изникнаа принципите на меѓународното право каде што се фиксирани принципите на правдата, еднаквиот третман на народите и државите и правата и обврските на истите. И тоа важи за сите во светот, без разлика колку се големи или мали, моќни или немоќни…
Во тој контекст, засега добро би било час поскоро да се види што точно договориле Заев и Ципрас, пред сѐ за да се спречи каква било можност „за предавство на националните и на државните интереси“, но и да се запре со понатамошно подгревање на тензиите со секакви интерпретации на договореното од втора или од трета рака, а и со калкулациите со сите можни и невозможни краткорочни и долгорочни последици од него.
Без намера ова да биде протолкувано како навреда за премиерот, но неговите скромни говорнички вештини, што ги манифестираше и при првичната интерпретација на договорот, создаваат простор за сомневања во однос на конечната содржина. Салвата од интерпретации и реакции што следуваше потоа само ги засили сомневањата. Сето тоа беше придружено и од паушалното претставување на процедурата што ќе следува потоа сѐ до конечното стапување на договорот во сила и неговата реализација. Не е прецизирано ниту кој ќе биде гарант и ќе одговара за (не)реализирање на евентуално договореното, се разбира за да повлече тоа и одговорност за стореното. А непрецизно е претставено и како сето тоа ќе се одрази на долго време неоправдано пролонгираната евроатлантска интеграција на Македонија.
Она што го најави Заев, дека договорот денеска би требало да биде разгледан на владина седница и презентиран пред сите релевантни политички субјекти, а по потпишувањето од страна на двајцата премиери, и ратификуван во парламентите на двете држави, едноставно, не е доволно. Поточно, тоа е далеку од доволно. Исто како што се покажа оти не било доволно она што пред речиси две децении беше потпишано во Охрид и што потоа од договор се претвори во рамка што секојдневно се растегнуваше попримајќи секакви димензии и форми.
Договорот со Грција, за кој премиерот тврди дека веќе е целосно усогласен, мора да ѝ биде претставен на најшироката јавност, вклучително и натамошната процедура, како и со точните називи на потписниците и на тие што ќе се стават како гаранти за неговото спроведување и, се разбира, ќе одговараат за неговото неспроведување. До најавената средба во Мала Преспа остануваат уште малку денови, но сосема доволно тој да биде обелоденет доколку навистина е поволен за Македонија?! Впрочем, и во Грција, чии апетити со договорот се во целост задоволени (читајќи го нивниот нон пејпер), веќе е поставено сосема оправдано барање договорот да биде претставен барем во парламентот, пред да биде потпишан и пред да стане „историски“.