Двојно предавство во најава

Евентуалното стационирање мигранти кај нас, за што Европа веќе отворено крои планови, а нашите сервилни политичари немаат срце да одбијат, не само што длабоко ќе ги промени конфигурацијата и карактерот на населението по различни основи туку ќе ја поткопа целокупната безбедносна стабилност и ќе ги закопа политичката и економската стабилност на државата. На еден таков предизвик и многу поголема и поразвиена држава од Македонија тешко би можела да одговори, а камоли ние

Македонија влегува во доста динамичен и потенцијално турбулентен период, и тоа од повеќе аспекти – политички, дипломатски, меѓународен, хуманитарно-безбедносен, па дури и епидемиолошки. Каков било погрешен потег или грешка во чекори во следниот период во некоја од посочените области може скапо да ја чини државата. Во таа насока ова тримесечје (март, април, мај) ќе ја исправи државата пред тешки искушенија и предизвици за кои се потребни мудри, прагматични и брзи одлуки. Секој што мисли поинаку се лаже и себеси и другите. Иако, за жал, кај нас оние што спијат на погрешно уво не се за потценување или занемарување. Во земјава секогаш има неверни томовци, кои ќе ве уверуваат дека мечката нема да заигра во нашиот двор, иако пред порта ни се опасниот коронавирус и уште поопасниот бегалски бран, и сето тоа во една зовриена предизборна политичка атмосфера.

Но ајде да тргнеме по ред. Што нѐ очекува во следните три месеци. На почеток кратко таксативно набројување, а потоа и малку подетално. Значи нѐ очекува заокружување на полноправното членство во НАТО, претпоставен датум за преговори со ЕУ, справување со опасноста од коронавирусот, жешка изборна кампања и гласање на 12 април, тензични политички случувања во соседството поврзани со Косово и Србија, опасен бегалски бран што надоаѓа како цунами итн. Сега малку подетално за некои од покрупните предизвици.
На домашен план најексплоатирана тема, кон која е насочено целокупното внимание, се изборите.

Веќе на средината на идната недела, на 12 март, истекува законскиот рок за доставување на кандидатските листи за пратеници во идниот собраниски состав, што е важен момент бидејќи од кадровскиот потенцијал во многу нешта зависи и квалитетот на работата и на одлуките што ќе ги носи Собранието. И тука се чини дека фокусот е некако изместен и полемиките како да добиваат погрешна насока.
Па, така, повеќе енергија се троши на тоа колку процентуално жени ќе има на избирачките листи отколку на интегритетот и квалитетот на понудените кандидати. Уште веднаш за некој да не разбере погрешно. Воопшто не се проблем заложбите за минимум 40 проценти застапеност на припадничките на понежниот пол на кандидатските листи, како што е предвидено во изборниот законик. Воопшто нема никакви сомнежи и дека жените еднакво, па дури и подобро од мажите умеат да менаџираат и да раководат со ресурси, институции, или партии. Станува збор за нешто сосема друго.

Врамувањето на жените во квоти е во најмала рака потценувачки. Тоа само по себе е дискриминација. Жените не заслужуваат да се рангираат и да се класифицираат во квоти до 40-процентна застапеност. Зошто само 40 проценти, зошто да не бидат 70, 80 па дури и 100 проценти жени во македонското собрание.

Впрочем, ние имавме 100-процентна застапеност на жени во раководството, односно во ударното трио на една наша институција, која заврши неславно, да не речам срамно. Погодувате, зборот ми е за Чарлиевите ангели, предводени од Катица Јанева. Што ако имавме жена на чело на специјалното јавно обвинителство? Или јавни обвинителки, кои наместо да гонат и разоткриваат криминал, себеси си делеле астрономски парични бонуси, пари од џебот на граѓаните.

Поентата ми е дека не е пресудно дали некој носи сукња или панталони, туку со колкав интелектуален, морален, вредносен и човечки капацитет располага. Македонија со години им робува на некакви наметнати квоти, проценти, било да станува збор за рамковни вработувања, малцинска застапеност, Бадентерово мнозинство или за родова застапеност итн. Сѐ се тоа измислени и наметнати политички инструменти, кои во принцип се косат со уставното начело на еднаквост на сите граѓани и со начелото на недискриминација по која било основа. А квотите и процентите се дискриминација. Можеби некогаш позитивна, но сепак дискриминација. Уште еднаш – не е пресудно колку мажи или жени има на кандидатските листи и во собраниските клупи, колку што е важно колку понудените кандидати се квалитетни, профилирани личности со интегритет, достоинство, знаење, патриотизам. Имајте го ова предвид пред да ги доставите листите.

Сега неколку реченици и за најгорливиот проблем со кој може да се соочи државата, кој беше начнат и на почетокот од текстот. На Македонија ѝ се заканува бегалско цунами од невидени размери. Оваа тема нашиот весник веќе подолго време ја третира и анализира со особена внимателност, консултирајќи се со експерти од различни области и од целиот свет. Констатацијата на повеќето од нив е дека сегашната бегалска криза ќе биде со поголеми размери отколку онаа во 2015 година, кога низ Македонија поминаа повеќе од милион бегалци. Тогаш функционираше балканската маршрута и нашата држава се користеше само за транзит, без подолготрајно задржување во земјава. Но сега состојбите се сменети и се сосема поразлични. Прво, политиката и односот на повеќето европски држави вклучувајќи ги и најмоќните, Германија и Франција, се многу рестриктивни и поригидни кон мигрантите. Бегалците веќе не се добредојдени во европските држави и вратите за нив се затвораат. Понатаму. Нашите соседните држави, но и другите земји во регионот херметички ги затвораат своите гранични линии оневозможувајќи премин на бегалци во нивните држави.

Во вакви околности кога Европа и соседите се мобилизираат и херметички се затвораат, нашите најголеми очекувања се дека европските лидери ќе најдат решение. Пак спиеме на погрешно уво дека некој друг ќе ни го реши проблемот. Па сигурно ќе најдат решение, но што ако тоа решение биде на наша штета. Како и многупати претходно во минатото.

Европа по секоја цена ќе настојува да го спречи бегалскиот бран и да ги држи мигрантите што подалеку од своите порти. За тоа е подготвена и дебело да плати, како што сега ѝ плаќа на Грција или претходно на Турција. Но прашање на време е колку Грција и Бугарија, до каде што напливот е најголем, ќе одолеваат на притисокот од мигрантите, пред да ги пуштат кај нас. Е дури тогаш ѓаволот ќе ја однесе шегата.
Што мислите како ќе реагира Македонија при една ваква претпоставена ситуација, но и како тазе членка на НАТО и уште потазе земја со датум за преговори со ЕУ? Ќе има ли некој храброст и одважност од нашите политички лидери да им се спротивстави, противречи или барем пожали на европските моќници. И уште да го направи тоа во период на избори.

Ма дајте ви се молам. Таков јунак кај нас сѐ уште се нема родено. Има да молчиме и да прашаме има ли уште. Ние секогаш можеме и повеќе и на полошо.
Дајте уште бегалци, само пофалете нѐ дека сме проевропски ориентирани и искритикувајте ги оние другите ако нешто зуцнат. Е тоа е она хипотетичко, но истовремено и многу реално сценарио од кое стравува секој граѓанин на оваа држава. Зашто во случајот воопшто не станува збор за хуманитарна криза, како што некои се обидуваат да ја претстават, туку за класична безбедносна криза. И самата помисла дека Македонија може да се претвори во паркиралиште за стотици илјади бегалци и мигранти од Азија и од Африка, меѓу кои има и такви со радикална идеологија, како и припадници на разни екстремистички и џихадистички организации е сериозна безбедносна закана за државата. Од најмрачното сценарио засега заштитнички пориви покажа само Турција, која им дели мапи на бегалците во кои им препорачува да ја избегнуваат Македонија. Но дали за нас ќе биде доволно само тоа?

Имаме ли план нешто и самите да сториме, некаков план Б за бегалците. Или ќе седиме и понатаму со скрстени раце и ќе чекаме што ќе одлучат другите. Токму ваквите наши ставови и чекањето пак друг да ни ја одреди судбината личат на уште едно двојно предавство во најава. И од страна на домашните политичари кон македонските граѓани, но и од страна на Европа и меѓународната заедница кон Македонија. Евентуалното стационирање мигранти кај нас, за што Европа веќе отворено крои планови, а нашите сервилни политичари немаат срце да одбијат, не само што длабоко ќе ги промени конфигурацијата и карактерот на населението по различни основи туку ќе ја поткопа целокупната безбедносна стабилност и ќе ги закопа политичката и економската стабилност на државата. На еден таков предизвик и многу поголема и поразвиена држава од Македонија тешко би можела да одговори, а камоли ние.

а[email protected],mk

П.С.
Ја користам можноста на сите припаднички на понежниот, јас би рекол поубавиот пол, да им го честитам Денот на жените, 8 Март. И не само тој ден, ќе може да кажеме дека сме успеале ако секој ден им го претвориме во празник.