Народот има право да знае дека на политичко ниво управувањето со мултиетничноста во една држава се движи помеѓу системите на федерација и конфедерација, бара нови уставни гаранции и институции за управување со изборите и застапеноста на етничките заедници. На културно ниво ќе се отвори прашањето за формата во која соодветно ќе бидат споделени идеалите и симболите за мултикултурна држава…
Македонија одамна е држава на јалови и бескрајни дискусии за сѐ и сешто, а најмалку за правците на демократијата што треба да ја гради и реформите што треба да ги направи во таа насока. Држава на семинари и тркалезни маси на кои со години се расправаат исти теми и се изведуваат исти заклучоци, држава на едукатори и десеминатори, држава на експерти и квазиинтелектуална армија на аминџии и државни чувари на партиските вистини. Држава во која реалноста не е моделирана врз знаење и научни вистини, туку врз желби и потреби на политичката елита.
Веќе одамна никој не зборува за Македонија како граѓанска држава. Заев зборува за „Северна Македонија“ како мултиетничка држава и особено е горд на тоа. За него денес е ново време, кога повеќе не е важно дали сме Срби, Македонци, Бошњаци и друго, важен е концептот што го поставил, а тоа е „едно општество за сите граѓани“. Просто ве фаќа паника со каква леснотија, сега бившиот премиер, Заев дава изјави со кои ја погребува националната држава.
Или не знае, или не му кажале дека на Балканот политичката реалност е за жал многу далеку од „вибрантен и органски мултикултурализам“. Дека проектот за мултиетнички држави доживува вистинско фијаско. Освен кај нас, според зборовите на Заев. А всушност кога можеше да го продаде името, зашто не и државата. Онаа на македонскиот народ од 1991-та. Затоа Заев ќе премолчи дека етничките групи во мултиетничка држава немаат историја на самоопределување. А кога немате историја на самоопределување, немате национална држава.
Исто така, не ѝ појасни на јавноста кога тоа се напушти доктрината на индивидуализмот, поточно либералниот концепт на правата, наспроти правата на групата (етничката заедница). Можеби затоа веќе никој не зборува за права во Македонија. Замре дијалогот за правата на поединецот. Сега зборуваме за правата на етничките заедници.
Факт е дека Македонија на површината изгледа како држава нација. Арно ама, како замислена граѓанска држава не беше способна да генерира институционална рамка што требаше да обезбеди оптимален еквилибриум помеѓу постигнување повисок степен општествена соработка меѓу мнозинскиот народ и малцинствата. Потребна да обезбеди соодветно функционирање на општеството и заштитата на секоја индивидуа, што ја следи сопствената концепција за тоа што е добро во неговиот живот.
Веќе е излишно прашањето за концептот на еднаквост во национална држава. Сега зборуваме за мултиетничка држава што не може да ги третира граѓаните како еднакви, без притоа да го еродира нејзиниот национален карактер.
Заев со изјавата за Македонија како мултиетничка држава ја проблематизира институционалната државна рамка, која треба да го акомодира мултикултурниот плурализам и еднаквоста.
Затоа со нетрпение очекував дека по неговата изјава ќе се поттикне дебата за широк спектар институционални опции за управување со мултиетничноста во оваа држава, како на политичко, така и на културно ниво. Верувам дека тоа Заев ќе го стори по изборите. Нормално ако победи. Повторно ќе ни понуди готови решенија. Како со Законот за јазиците, Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија. И повторно тоа ќе бидат историски одлуки.
Народот има право да знае дека на политичко ниво управувањето со мултиетничност во една држава се движи помеѓу системите на федерација и конфедерација, бара нови уставни гаранции и институции за управување со изборите и застапеноста на етничките заедници. На културно ниво ќе се отвори прашањето за формата во која соодветно ќе бидат споделени идеалите и симболите за мултикултурна држава. Затоа Заев и неговите следбеници глувеат на химната и се свири само музичкиот дел.
Ако се знае дека Бадентеровото мнозинство е антипод на принципот на владеење на мнозинството, а Законот за јазици ја навестува новата институционална рамка што треба да го менаџира мултикултурниот карактер на новата држава, македонскиот народ треба да знае и да му биде објаснето за процесите што ќе ја следат трансформацијата на македонската држава. Во блиска иднина.
Која во најава низ изјавите на Заев за Македонија е мултиетничка држава, а партијата што ја раководи мултиетничка. Што би забележал професорот Донев, дека низ ваквите изјави Заев покажува тенденција за целосно негирање на македонската нација.
Можеби во моментов Заев нема храброст да оди докрај. Ќе молчи и ќе лаже пред изборите. Ќе го прави она што го знае најдобро. Зашто сега не е моментот. И неговите ментори го знаат тоа. Сепак ќе почека да ги види резултатите од изборите. А потоа. Со него повторно, Господ да ни е на помош.
Македонската агонија на политичките заблуди на еден октроиран лидер продолжува. Да се надеваме не за долго.