Секои четири години гласаме за кандидати за кои многу малку знаеме, во процес посредуван од политичките партии, кои се уште помалку демократски. Затоа не е ни чудо што над половина од испитаниците од 27 земји велат дека се незадоволни од демократијата
Андрес Веласко
Демократијата можеби е најлош облик на владеење, освен можеби сите други, како што своевремено изјавил Винстон Черчил. Сепак, тоа не значи дека демократијата е доволно добра. Гласачите го знаат тоа и затоа се гневни.
Според најновата анкета на институтот „Пју“, во просек 51 отсто од граѓаните што биле анкетирани во 27 земји изјавиле дека се незадоволни од демократијата, а 45 отсто рекле оти се задоволни. Ако процентот од 51 отсто не ви изгледа голем, тогаш ако се истакнат резултатите од испитаните земји посебно ќе може да се забележи дека овој процент во Велика Британија е 55 отсто, во Јапонија – 56 отсто, во САД – 58 отсто, во Италија – 70 отсто, во Шпанија – 83 отсто итн. Овој став не е единствен само за една социјална група. Имено, мажите и жените, младите и старите, богатите и сиромашните, високообразованите и необразованите, се изјасниле дека се разочарани од демократските резултати.Тоа не треба да изненадува. Во изминатите 250 години, историјата забележала голем број промени на човечкото однесување, освен во однос на демократијата. Гласаме секои четири години за кандидати за кои малку знаеме. Овој процес е посредуван од политичките партии што се уште помалку демократски. Избираме големи групи луѓе познати како пратеници, кои за време на својот мандат долго расправаат за работи што ги разбираат само површно. Во такви ситуации летаат искри, а истовремено многу социјални и економски проблеми остануваат нерешени. Четири или пет години подоцна, циклусот почнува одново.
Откако демократијата се вкорени во западните држави по американската и француската револуција, иновациите беа минимални. Нема директни граѓански консултации или учества. Нема систематски експертски анализи и сложени и технички дискусии. Нема интензивна употреба на технологија за забрзување на процесот. Токму затоа не е ни чудо што денешните млади луѓе се скептични кон претставничката демократија.
Списокот на можни реформи во демократската практика е долг. Некои од неопходните промени, како намалување на улогата на парите во кампањите, се очигледни. Други реформи, пак, се авантуристички. Референдумите се непогодни за решавање сложени прашања, бидејќи се сведуваат само на одговори „да“ или „не“, но можеби можеме да преминеме кон практикување директна демократија на локално ниво, каде што гласачите се добро информирани за проблемите.
Можеби треба да користиме технологија и, наместо да гласаме секои четири години со малку информации, да гласаме почесто со повеќе информации. Можеби би можело да се тргува со гласовите, но не за пари туку за други гласови, на пример на гласање за некое прашање што повеќе ве погодува. Алтернативно, гласовите би можеле да се чуваат, дозволувајќи им на гласачите да гласаат повеќе од еднаш на избори што многу повеќе ги интересираат.
Правилата на демократијата се важни, но важни се и правилата за избраните политичари. Во истиот извештај на „Пју“, во просек 54 отсто од испитаниците рекле дека политичарите во нивната земја се корумпирани, а само 35 отсто рекле дека тие се грижат за она што навистина мислат обичните луѓе.
Социологот Макс Вебер предупреди дека клучен ризик за модерната демократија е да се појави политичка класа што ќе биде исклучена од гласачите. Таквата политичка класа навистина се појави, а сега гласачите во светот се бунтуваат и против овие состојби. Политичките партии се конкретен пример. Некогаш тие имаа корени во општеството. Конзервативните партии на пример беа поврзани со разни цркви, соседски клубови и деловни здруженија. Социјалистичките партии, пак, ја имаа својата база во синдикатите и она што некогаш се нарекуваше индустриски пролетаријат. Денес тие институции се помалку и послаби, а исто така оваа состојба се преслика и кај политичките партии. Еден политички научник ги нарече денешните партии „хидрофонични“, што значи дека висат над општеството, ама немаат никакви корени во него.
Гласањето против естаблишментот е главна појава денес во многу општества. Токму гневот против традиционалните политичари предизвика и нивен неуспех на разни избори. Тие имаат поддршка од локалните бизнисмени и од традиционалните медиуми, но доживуваат изборни порази. На пример, гневот на гласачите против естаблишментот своевремено предизвика пораз на Хилари Клинтон на претседателските избори во САД, а тоа денес е и главната причина за актуелната популистичка влада во Италија.
Социјалните медиуми уште повеќе им ја олеснуваат работата на популистите што се борат против естаблишментот.
Сакате да го дискредитирате кандидатот за функција за пет минути? Објавете фотографија од него како се вози во прва класа во авион или во скап автомобил. Сликата ќе биде објавена и реобјавена десетици илјади пати, поттикнувајќи многу коментари, а ниту еден од нив нема да биде позитивен.
Пораката е јасна. Незадоволството од демократијата е совршена можност за јакнење на авторитарните популисти. Авторитарните лидери немаат никаков интерес за демократска реформа. Либералните демократи од тоа имаат интерес и затоа треба да бидат токму оние што ќе ги предводат демократските реформи.
Авторот е декан на Лондонската економска школа