Како што беше револуционерна новината тандем наставници на часовите по физичко образование во одделенска настава, која ќе создава поздрави генерации, така треба да се размислува и за револуција во однос на исхраната, која е клучна за правилниот развој на децата. Свесноста и зрелоста на едно општество се гледаат токму по третманот на овие прашања, бидејќи сепак се работи за иднината на младите генерации и овозможување нивен правилен раст и развој. Во таа насока, кога се работи за здравјето на децата нема компромиси, тоа треба да биде приоритет.
И во домот и на училиште
Последниот случај со исхраната на учениците во основните училишта во општината Аеродром само уште еднаш потврди колку проблемот со „храната во училиштата“, генерално, не се третира како приоритет на кој надлежните ќе му се посветуваат темелно и професионално од секој аспект. Недозволиво беше на почетокот на новото полугодие децата да останат без топол оброк, особено и поради фактот што надлежните навреме знаеле дека договорот со претходната фирма истекува. Понатаму се покажа несериозност и кога се одлучи во меѓувреме, додека да се избере фирма што ќе ги снабдува училиштата со храна, родителите да платат безмалку по 2.000 денари во следниве два месеци, што, како што тврдат некои од родителите, е двојно покачување на цената, во споредба од лани. Но цената, сепак, е најмалиот проблем. Суштината, генерално, е во политиките и односот кон исхраната на учениците и, секако, во квалитетот и нутритивната вредност на понудениот оброк.
Случајот во Аеродром е само уште еден повод да се види третманот на државата кон овој проблем. Се чини дека надлежните не ги сменија правилата за избор на оператори со храна, откако имаше реакции во јавноста дека на децата им се даваат недопечени кифли, јадења со помала грамажа и слично, како и тоа дека не е задоволително нивото на квалитетот на храната што им се дава на децата. Јасно е дека не може на тендер да се избира најевтиниот понудувач, бидејќи најевтината варијанта секако дека не подразбира и најдобар квалитет. Најевтината храна не е најквалитетна, односно критериумот најниска цена не е критериум кога се работи за храната. Ако се сака да се покаже сериозност во однос на ова прашање, како и во однос на здравјето на учениците, веројатно треба да се сменат овие правила, односно да се зајакнат критериумите за избор и да се гарантира квалитетот пред сѐ.
Исто така, нема промени ниту во начинот на избор на фирма што ќе обезбедува храна за учениците, во случај да има незадоволство од исхраната што ја нуди конкретниот оператор, иако тоа беше важно прашање што требаше да се реши за да се олесни постапката.
Во минатото имаше план проблемите со квалитетот на храната во училиштата да се решаваат интерресорски, бидејќи Министерството за образование и наука има ограничени ингеренции. Иако планот беше законски да се регулира тоа, сепак, она што е ново во Законот за основно образование е тоа што директорот на училиштето има обврска да го следи обезбедувањето на стандардите за исхраната и за оброците во основните училишта и за забележаните неправилности веднаш, а најдоцна во рок од три дена од денот на утврдувањето на неправилностите, да ги извести Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат или Државниот пазарен инспекторат, во зависност од утврдената неправилност. Освен директорот, и советот на родители може да побара вонреден инспекциски надзор дали во основното училиште оброците се во согласност со стандардите за исхраната.
Од друга страна, дека квалитетот на храната во училиштата не е на задоволително ниво имаа констатирано и надлежните во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Иако во еден од нивните извештаи стои дека исхраната е на незадоволително ниво, односно дека е многу мал внесот на нутритивно богата храна како овошје, зеленчук и млечни производи, сепак во практика не гледаме дека властите прават нешто за да се промени тоа. Надлежните во ИЈЗ препорачале дека е неопходен засилен мониторинг на исхраната кај децата со целодневен престој, но прашање е колку ваквите препораки ги почитуваат училиштата.
Дури ни фактот дека секое трето дете во Македонија има телесна тежина поголема од предвидената за негова возраст не беше доволна причина да се воведат повеќе здрави ужинки во училиштата или да се преземат други мерки. Прашање е и колку во практика се применува и акцискиот план на Владата за храна и исхрана во Македонија (2016 – 2025), кој треба не само да ја подобри исхраната на децата во училиштата и градинките туку, генерално, да ја подобри исхраната на населението во државата.
Децата во одделенска настава се на возраст кога се случуваат значајни промени во нивниот психофизички развој. Затоа, како што беше револуционерна новината тандем наставници на часовите по физичко образование во одделенска настава, така треба да се размислува и за револуција во однос на исхраната, која е клучна за правилниот развој на децата. Свесноста и зрелоста на едно општество се гледаат токму по третманот на овие прашања, бидејќи сепак се работи за иднината на младите генерации и овозможување нивен правилен раст и развој. Во таа насока, кога се работи за здравјето на децата нема компромиси, тоа треба да биде приоритет. И во домот и на училиште.