Живееме во општество што во самата своја структура и во сите свои сегменти не го препознава значењето, а со тоа не ги познава ни основните цивилизациски вредности што ги носат културата и уметноста. Поради тоа главно сме затворени во својата локалност, не успеваме да ги преминеме географските граници, а комуникацијата се развива стихијно, зависно од интересот на поединецот да го лоцира својот свет
Кога неколкумина млади филмски творци ќе создадат дело за кое зборува цел свет и кога тоа дело ќе направи цел свет за зборува за земјата од каде што тоа потекнува, па и кога таа земја ќе го добие најубавиот епитет, медена земја, потиснувајќи ги во заден план сите нејзини наставки и додавки што со години се влечат зад нејзиното име, повеќе од јасно е дека уметноста и културата се нашите најголеми амбасадори. Македонија беше најпребаруваниот збор на Гугл за време на „оскарите“. Успехот на „Медена земја“ потврди дека не е само фраза дека уметноста може да направи и направила многу повеќе за државата од севкупната македонска внатрешна и надворешна политика. Во моментов овој филм е можеби најсилниот наш адут, но и во минатото во повеќе наврати се потврдило дека онаму каде што политиката ги затвора вратите, културата ги отвора.
Ако останеме во доменот на филмот, пред повеќе од 25 години, нашиот најуспешен македонски уметник, филмскиот режисер Милчо Манчевски, во 1994 со својот прв филм „Пред дождот“ го освои „златниот лав“ на фестивалот во Венеција. Филмот од Македонија, која во тоа време беше млада, непозната држава, потоа играше во над 50 земји и го популаризира нејзиното име во светот.
„Кога го примија филмот во Венеција, од фестивалот ми пишаа и бараа опис на тоа како изгледа македонското знаме, оти фестивалот немаше никакви информации. Кога го кренаа нашето знаме на Лидо, видов дека е за три четвртини помало од другите“, се сеќава Манчевски.
Името на новата држава Македонија тогаш со „Пред дождот“ првпат се слушна во многу земји во светот. Во 1995 година, филмот беше номиниран за „оскар“… Во Јапонија, кога „Пред дождот“ играше во кино, во весниците беа објавени мапи за да покажат каде е Македонија.
И во другите области на културата сме нижеле успеси што ги надминувале границите, што нѐ прикажувале како земја на умни и талентирани луѓе. Пред неколку години низ магичниот Истанбул на повеќе локации осамнаа билборди за седмото издание на романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“, од еден од нашите најпреведувани писатели Гоце Смилевски. Турскиот превод го објави реномираниот издавач „Немезис“ од Истанбул, а нашиот млад писател почна да ја освојува и турската читателска публика, откако претходно неговите романи беа приопштени на повеќе од 30 јазици, а „Сестрата…“ стана интернационална сензација.
Во исто време и македонскиот режисер Александар Поповски се прослави во културните, поточно во светските театарски кругови. Доби дури четири театарски „оскари“ во Истанбул за две негови претстави – за најдобра режија за претставата „Создавачите на империјата“ и за најдобра претстава, најдобра сценографија и најдобра машка споредна улога за претставата „Сон на летната ноќ“. На другиот крај од светот, пак, поезијата на Никола Маџиров прозвучи во преполната хала со повеќе од 300 луѓе во Конгресниот центар во Минеаполис во САД заедно со онаа на Ричард Бланко, поетот што Обама го избра да чита на неговата втора инаугурација за претседател на САД. Неколку дена подоцна неговите стихови беа објавени, заедно со прозните текстови на нобеловците Орхан Памук и Жозе Сарамаго, во најновата Антологија на современата европска книжевност.
За тоа време македонскиот тенор Благој Нацоски првпат настапи на најпрестижната оперска сцена – миланска „Скала“. Со улогата на Понг, една од трите улоги во операта „Турандот“, ја одушеви италијанската публика на премиерата со која се отвори реномираниот „Експо Милано 2015“. Нацоски пееше и во седумте репризи на операта што се изведуваа на сцената на „Скала“. Со овој настап „тенорот со Моцартов глас“, како што го нарекува критиката, си го оствари животниот сон. Не толку одамна, македонската уметница Елпида Хаџи Василева беше избрана за претставничка на Ватикан на престижното Венециско биенале, што е вонреден успех на наш уметник. Признанието „Фауст“, кое во уметничките кругови се смета за пандан на филмскиот „оскар“, пак, нашата оперска певица Ана Дурловски го доби за својата извонредна креација на Амина во операта „Месечарка“ во продукција на Операта во Штутгарт.
Нашите филмови не стануваат блокбастери што патем ќе заработат и понекој „оскар“ или „златен глобус“, македонските книги со бедните тиражи речиси и не ги поминуваат границите на своето јазично подрачје, а самото споменување на „нобелот“ како награда ја надминува и најлудата фантазија. Оттука и возбудата околу „Медена земја“ е сосема разбирлива, затоа што творците на филмот покажаа дека ништо не е недостижно, дури и за автори што доаѓаат од мала земја (со променливо име), со нестабилна политика, многу корупција, со мизерна финансиска моќ и речиси никаков пазар
Оваа врвна музичко-театарска награда беше само уште една валоризација на сета досегашна извонредна кариера на Дурловски, која беше прогласена и за најдобар млад оперски пејач во сезоната 2011/2012 од реномираниот германски оперски магазин „Опернвелт“, списанието каде што остануваат забележани најзначајните оперски остварувања на уметниците од целиот свет. Да не зборавиме и на некои одамна минати успеси, како кога нашиот Кирил Ценевски, автор на еден од најдобрите македонски филмови „Црно семе“, своевремено ги освои „златната арена“ во Пула и престижната руска награда „жар птица“ на Московскиот фестивал (кога во жирито бил и големиот Федерико Фелини)…
Навистина немаме многу творци, кои вистински ја задолжиле оваа земја, но тие достигнувања, ако сме објективни, не се ни незначителни. Низ годиниве тие биле нашите културни амбасадори, а благодарение на нив светот слушна за македонскиот филм, театар, книга, музика, за современата ликовна уметност…
Факт е дека живееме во општество што во самата своја структура и во сите свои сегменти не го препознава значењето, а со тоа не ги познава ни основните цивилизациски вредности што ги носат културата и уметноста. Поради тоа главно сме затворени во својата локалност, не успеваме да ги преминеме географските граници, а комуникацијата се развива стихијно, зависно од интересот на поединецот да го лоцира својот свет. И затоа нашите филмови не стануваат блокбастери што патем ќе заработат и понекој „оскар“ или „златен глобус“, македонските книги со бедните тиражи речиси и не ги поминуваат границите на своето јазично подрачје, а самото споменување на „нобелот“ или „букер“ како награда ја надминува и најлудата фантазија.
Оттука и возбудата околу „Медена земја“ и „оскарите“ е сосема разбирлива, затоа што творците на филмот покажаа дека ништо не е недостижно, дури и за автори што доаѓаат од мала земја (со променливо име), со нестабилна политика, многу корупција, со мизерна финансиска моќ и речиси никаков пазар. Лимитот е само во нашите умови, а всушност „само небото е лимит“!