Во првите години од последната декада на минатиот век, со осамостојувањето на Република Македонија од некогашната Југословенска Федерација, тогашните македонски власти прогласија независност и следствено на тоа ги удрија темелите на македонската државност. Самиот почеток беше многу тежок од економски и од политичко-безбедносен аспект. Имено, од економски аспект јужниот сосед поради проблеми со името ни наметна економско ембарго. Македонските власти дадоа меѓународна поддршка за санкциите кон тогашна СРЈ, а следствено на тоа цутеше шверцот со нафта и цигари.
Од политичко-безбедносен аспект, особено на северната граница се чувствуваше ѕвечкањето на оружјето и експлозија на бурето барут. Па, така, во 2001 година македонските власти се соочија со еден вид воен конфликт со албанските сепаратисти. Во тие воени денови загинаа недолжни војници од редовниот и од резервниот состав и од составот на полициските сили.
Па, така, под меѓународен притисок во Охрид (13.8.2001 година) се потпиша рамковниот договор. По неполни 30 години по потпишувањето на т.н. Охридски рамковен договор, се заклучи дека во него има правен вакуум во поглед на користењето на правата на етничките заедници во нашата земја, особено на локално и на централно ниво.
Пред одржувањето на парламентарните избори во 2016 година, пак со посредство на меѓународниот фактор во Пржино, се постигна т.н. Пржински договор. Со овој договор се нагласи дека во иднина 100 дена пред терминот за одржување на парламентарните избори актуелната влада треба да поднесе оставка и да предложи лице што ќе биде технички премиер, до одржувањето на изборното соочување, а опозицијата да назначи министри во МВР и во труд и социјала и заменик-министри со врзан потпис во министерствата за финансии, земјоделство и за информатичко општество и администрација.
Но со последното поставување на техничкиот премиер Оливер Спасовски, се гледа дека и овој договор има правен вакуум за правата и надлежностите на техничкиот премиер во неговите 100 дена пред изборите. Техничкиот премиер не треба да врши посети како во конкретниот случај кога актуелниот премиер пред неколку дена од неговото назначување оствари средба со вселенскиот патријарх Вартоломеј во Цариградската патријаршија. Иронијата да биде уште поголема, во делегацијата беше и довчерашниот премиер Зоран Заев.
Претходно, доскорешниот премиер Зоран Заев во Преспа го потпиша и Преспанскиот договор со тогашниот свој грчки колега Алексис Ципрас. Епилогот е јасен, промена на името на нашата држава во Република Северна Македонија.
На тој чин присуствуваа тогашниот грчки министер за надворешни работи Никос Коѕијас и неговиот македонски колега Никола Димитров.
Потоа, Зоран Заев и актуелниот премиер на Бугарија Бојко Борисов потпишаа спогодба за добрососедство и пријателство. Но комисиите формирани од двете страни, не можат да се усогласат за името и делото на револуционерот Гоце Делчев, поточно околу тоа дали тој бил Македонец или Бугарин.
И последното раздвижување околу воспоставувањето мини-шенген зона со Албанија и со Србија на последниот самит во Драч, би можело да води кон некаков договор.
По логиката на нештата останува уште постигнување договор со Косово. Но таму ќе оди, иронично кажано, „многу лесно“ оти за министер за надворешни работи на Косово се предлага лицето Блерим Река, кој беше еден од претседателските кандидати на последните претседателски избори во нашата држава. Иронијата да биде уште поголема, соодветното лице било и македонски амбасадор во Европската Унија.
Со горенаведените потпишани договори, нашата земја е лидер во потпишувањето на истите тие не само на Балканот туку и во светски рамки.
Рубинчо В. Јованоски,
новинар и поранешен одбојкарски судија од Прилеп