Зошто предлогот „илинденска Македонија“ е за нас чиста бесмислица и зошто ја девалвира нашата позиција во спорот и државата ја прави за потсмев? Што е всушност Илинден?
Неоспорно е дека овој верски празник е значаен симбол на македонизмот, всушност наш современ мит, бидејќи се поврзува со два важни историски настана за нашиот народ и држава, кои се одржале, не случајно, токму на истиот датум – 2 август, Илинден или Свети Илија. Тоа е верски празник, а нашата држава е секуларна. Затоа, секое поврзување на името на државата со верски празник е неприфатливо. А што ако, по некој случај, тие настани се одржале на пример – на 1 мај? Ќе се прогласевме ли за „мајска Македонија“? И ова ја покажува неприфатливоста на предлогот „илинденска“. Ако во тоа имаше логика, сигурно ќе имавме – „светосавска Србија“.
Првиот Илинден бил во 1903 година и ако се поврземе како држава со него, тоа ќе значи дека Македонци немало пред тоа и нашите корени можат да се протегнат само дотогаш, а никако и пред тоа. Некој ќе рече дека тоа и не е толку лошо бидејќи други ни „признаваат“ стаж како народ само од 1944/45 година, ама тоа е глупост, која мора да се игнорира. Илинденското востание е секако важен историски настан за македонскиот народ ама да не забораваме дека Крушевската Република траела 10 дена, а востанието доживеало тотален неуспех, координацијата била нагласено слаба, имало несогласности околу организирањето на истото тоа, паднале многу жртви бидејќи следувало палење на голем број села… Може ли и, особено, треба ли сета оваа симболика и последици да се вметнат во името на државата?
Дополнителен проблем е што Бугарија востанието го смета за свое. Свесни или не, со предлогот „илинденска“ ние всушност им седнуваме во скутот на нивните историски синдроми. Во Софија завладеа делириум околу нашата идеја бидејќи за нив е тоа наше, нека биде и само имплицитно, декларирање за Бугари, а државата за бугарска. Со Договорот… ние веќе прифативме дека историјата ни е заедничка, што може да значи само бугарска бидејќи македонска држава немало, а со новото име работите би станале уште поедноставни и појасни.
Помислил ли некој како ќе се преведува „илинденска Македонија“ на странски јазици? Се разбира, ако не сме се согласиле името да не ни се преведува и на сите јазици да си остане на македонски? Поточно – на јазикот што ќе ни го одредат како наш. Ич да не се надеваме дека тој ќе остане – македонски. Таква шанса – нема, какво и да е името што ќе ни го наметнат. На самитот во Софија веќе го прогласија за безимен. Го нарекоа – „јазикот на пор. југ. Република Македонија“. Тоа покажува колку е пријателството на Борисов со Заев искрено. Нашол човекот аџамија и прави што сака. Изгледа дека нашето МНР протестирало во Брисел поради горната манипулација, а организатор на самитот беше Софија и игнорирањето на македонскиот јазик може да биде само нејзино дело, а не на Брисел. Се правиме недоветни, де. Кој смее да каже нешто против нашите бугарски „пријатели“? Чудно е што овој важен факт не беше спомнат во ТВ-дуелот како значајно „достигнување“ на понижувачкиот договор со Бугарија. Преговарачот Ангел Димитров и неговите бисери за нашето непостоење, да не ги спомнуваме во оваа околност.
Ако се прифати дека нашето име, кое и да е тоа, не смее да се преведува, тоа е такво понижување какво што немало во светската историја. Срамно е и што разговараме за такво нешто. Слично нешто не им било наметнато ни на најзлосторничките држави – агресори во светот. Да бевме фашисти и терористи, подобро ќе нѐ третираа. Меѓутоа, ако сепак се одоброволат и ни дозволат превод на името на државата, што за нас би бил фантастичен и незамислив успех, „илинденска Македонија“ ќе беше бесмислено и за потсмев и на англиски, и на француски… Нели има Велигденски Острови, Санта Лучија… Ќе имаше и „Македонија на свети Илија“.
Не ќе беше ли подобро да предложат – „ѓурѓовденска Македонија“? Името е поачик, поживописно и попопуларно, а Заев би се потврдил како голем – глобалист. Уништувајќи го македонизмот, барем „гордо“ да одиме докрај. Поелегантно виткање на ’рбетот, здравје. Празникот го слават Ромите, а нив ги има од Индија и Русија сѐ до Бугарија и Шпанија, вклучувајќи ја и Македонија. Не може да се замисли подобар гол со петица за Амди Бајрам од ова име или од „илинденска“, при прекрстување на државата. Така, циркусот со нашето име би бил целосен, а ние, практично, би биле – никој од никаде.
Околу „илинденска“ има уште една интересна пикантерија, која не е баш забележана. Тоа е согласноста од страна на ДУИ, иако ова име за нив е крајно неприфатливо. Ако не повеќе отколку за Грците, рамно на нив. Така, впрочем, реагираа и другите албански партии. Неоспорно е дека ДУИ го стори тоа на привремена основа, додека не се формализира федеративниот карактер на државата, кон што тие нѐ движат со голема брзина. Тогаш, впрочем, неизбежно ќе следува ново прекрстување на државата. Таа ќе има нова содржина. Мнозина веројатно и не забележаа дека во „генијалниот“ предлог „илинденска“ на Грците им кажавме дека оваа држава ќе добие и албанско официјално име. Тоа не е само флагрантно кршење на словото на Уставот и на неговата суштина, туку огромен исчекор кон федерализација. Такво нешто било незамисливо дури и за писарите на „тиранската платформа“, чија основна цел беше уништување на македонскиот карактер на државава. Еди Рама, и другите докажани и потврдени носители на големоалбанскиот проект, барем досега, не се осмелуваа да бараат албанско име за државава. Арно ама, тие не треба да се грижат – тука е Заев. Тој е докажан „космополит“, подготвен да се откаже од сѐ што не е на неговиот клан, за сопствена краткорочна и неупотреблива корист ама сѐ според нарачките на менторите.
Жалосно е што сето ова се случува во период кога Коѕијас отворено ни кажа дека во прашање се идентитетот и јазикот, а не само името. Арно ама, кој да слуша. Деновиве, пак, Ципрас вели дека тие нема ништо да ни дадат туку само ќе ни го зеле тоа што сме го злоупотребувале 70 години. А што е тоа ако не е македонизмот? Тој извира од името на државата, која го добила од народот, а не од регионот.
Додека Заев цело време зборува за некакво ново и големо пријателство меѓу двете земји и народи, ние сме во жестока војна со нив и се обидуваме да преживееме. Да се спасиме од урнисување како народ додека тој има само симпатии за џелатот. Неговите небулози, меѓутоа, мора да се признае – се потврдуваат: овие сигнали и пораки од Атина се навистина незамисливи манифестации и потврди на нагласено пријателство меѓу двата народа и земји, какво што досега немало. Просто неверојатно и за неверување: те прават магаре, а ти им викаш браво.
Бидејќи пратениците на СДСМ се подготвени на сѐ, би било добро, при промената на Уставот заради нашето ерга омнес прекрстување, Собранието да донесе декларација за вечно и вселенско пријателство со Грција. Бришењето на Македонците како посебен народ треба, сепак, некако да се одбележи.
(Крај)
(Ристо Никовски, поранешен амбасадор)