ЕУ, а особено Германија, допрва треба да одговори на предизвикот што го постави повлекувањето на САД од глобалното лидерство. Но со оглед на новиот натпревар од Кина, заедно со обновените аспирации на Русија како светска сила, западните земји мора да најдат начин за поголема соработка.
За таа цел, пет теми се од суштинско значење. Првиот е односот на Германија со САД, кој сега е под голем стрес. Спорното прашање е неуспехот на Германија да ги зголеми своите годишни трошоци за одбрана на два отсто од БДП, како што беше договорено на самитот на НАТО во 2014 година во Велс. Од очигледни историски причини, Германија се двоуми да стане де факто воена моќ на Европа. За да ја исполни обврската за трошење, Германија треба да издвојува годишно по 80 милијарди евра за армијата, што е 46 милијарди евра повеќе од сумата што ја троши Франција.
Сепак, за да го заврши својот дел во сојузот, а да не го зголеми стравот во Источна Европа, Германија би можела да потроши 1,5 отсто од својот БДП на опрема и персонал, а дополнителни 0,5 отсто да троши за финансирање на операциите на НАТО на Балтикот и во Полска. Тоа ќе ја зајакне можноста на источните земји-членки да се бранат од руската агресија и ќе ја покаже подготвеноста на Германија да преземе поголема одговорност.
Второто големо прашање се односите меѓу САД и ЕУ. Непосредните предизвици со кои се соочуваат Америка и Европа се променија во изминатите седум децении. Неодамна, Русија ја прошири својата сфера на влијание во Крим, источна Украина и Азовско Море, а Кина почна да бара економска и технолошка доминација во Евроазија.
Во исто време, западните демократии се борат да се справат со нарушувањата предизвикани од глобализацијата, миграцијата, технологијата и климатските промени. Во услови на влошување на економската безбедност и социјална кохезија, популистичките и националистичките движења го искористија незадоволството на гласачите, ветувајќи дека ќе ја бранат татковината од космополитските елити и мултилатералните институции, што ги поддржуваат политиката и економијата уште од Втората светска војна.
Наспроти популистичката реторика, економската глобализација всушност создаде просперитет и ја намали сиромаштијата и отвори нови можности за развој во светот. Но без поддршка од Западот, овој систем не може да се одржи. Она што сега ни треба за да отвориме нови можности за светскиот поредок е глобализација на граѓанското општество и да ги потсетиме луѓето и заедниците дека државата сè уште е способна да дејствува ефикасно. Ова почнува со поголеми инвестиции во образованието, истражувањето и во инфраструктурата, додека се постигнува рамнотежа помеѓу прекуграничната соработка и почитувањето на културните посебности.
Ова нè води до третиот предизвик, Русија. Тука, спроведувањето урамнотежена политика на ЕУ создаде спор во трансатлантската алијанса, како на пример тензиите околу „Северен тек 2“, заедничкиот руско-германски гасоводен проект. Според германската влада, „Северен тек 2“ е фундаментално економско прашање. Конечно, германски, француски и други европски компании инвестирале многу во проектот. Во секој случај, би било сериозна политичка грешка да се интервенира во приватниот европски пазар на гас.
Либерализацијата на пазарот на гас навистина овозможи огромно проширување на снабдувањето со енергија на Европа. Компаниите, следејќи ги пазарните сигнали, треба да одлучат од кого ќе купуваат гас. Но ниту Европејците не можат да ги игнорираат заканите за политичката независност на соседните земји како што е Украина, која „Северен тек 2“ ја заобиколува. Заради рамнотежа, подобар начин за обезбедување снабдување со енергија на Европа би бил да се прошири и уште повеќе да се интегрира инфраструктурата на природен гас во Европа, со изградба на повеќе терминали за течен природен гас. На тој начин, ниту една земја – било да е земја-членка или близок партнер – не би можела да биде заложник поради нејзината зависност од руската енергија.
Четвртиот проблем е Кина, која јасно стави до знаење дека бара ревизија на меѓународната рамнотежа на моќ. Од своја страна, администрацијата на Доналд Трамп со право ја нападна Кина за трговијата. Не може да има „фер-трговија“ кога земја што не игра според истите правила како и сите други организира две петтини од глобалната економија. Кина им дели субвенции на своите индустрии, го ограничува пристапот до нејзините пазари и постојано ги крши правата за интелектуална сопственост. Покрај тоа, кинескиот модел на авторитарен државен капитализам претставува двоен предизвик, затоа што претставува и економска конкуренција и алтернативен политички модел. ЕУ и Америка итно треба да изготват јасни, меѓусебно договорени правила за справување со Кина.
Петтото големо прашање е улогата на Европа во светот. Ако Европа не се разбуди од реалноста на новото кинеско-американско ривалство, може да се најде во позиција на геополитичка нерелевантност. Всушност, веќе има знаци на светско намалување на глобалното значење. Војните и конфликтите на европската периферија сè повеќе ги одлучуваат другите сили, при што Европа нема видлива улога во решавањето.
Неподготвеноста на Европа да се позиционира има историска димензија. Од добри причини, ЕУ долго време престојуваше под американскиот безбедносен чадор, при што Унијата ефикасно остана на маргините. Но таа геополитичка концепција за Европа е американски артефакт, заснован на Маршаловиот план. Како што изјави првиот шеф на НАТО Хестингс Исмај, целта на Алијансата беше „да ги задржи Русите надвор, Американците горе и Германците долу“.
Многу работи се сменија од 1950-тите. Денес, ние, Европејците, само постепено почнуваме да разбираме дека мора да се приспособиме на геополитичката реалност од 21 век. Атлантската ера ѝ го отстапува времето на пацифичката ера. Европејците не смеат да имаат илузии дека сѐ ќе биде во ред ако работат самостојно. Но сега е време да се собере храброст, да се покаже волја и да се преземе одговорност за европските стратегиски интереси.
Авторот е бивш вицеканцелар и министер за надворешни работи на Германија