Деновиве на дневен ред на 130-та седница на Собранието во скратена постапка се измени на Законот за управување отпад, со кој се забранува увоз на отпад за согорување, по предлог на пратеничките Маја Морачанин и Лилјана Поповска од ДОМ
Скандалот со увоз на отпад за согорување во Бугарија повторно го донесе во врвот на јавниот интерес прашањето на согорувањето отпад во земјава. Иако, според вестите од Бугарија, во отпадот наменет за согорување во тамошна термоцентрала нема радиоактивен и токсичен отпад, се разбранува јавноста не само во Бугарија туку и во Македонија. Кај нас поради раширеното верување дека согорувањето отпад е клучната причина за аерозагадувањето и, секако, поради поврзаноста на лица од „Дрисла“ со скандалот во Бугарија. Во медиумите повеќе внимание привлекоа кликбејт-поствистина написи, отколку тие засновани на факти.
„Македонија увезла над седум милиони тони отпад од Бугарија“ е еден пример за хипотезата погоре. Изворот не е фејкњуз-сајт, туку Радио Слободна Европа. Но насловот е кликбејт или мамка за кликови и, иако е точен, врамувањето е дезинформирачко. Во контекст на расправата за загадувањето во земјата, насловот сугерира дека седумте милиони тони отпад увезени од Бугарија се причината за загадувањето, особено во контекст на скандалот со опасен отпад во Бугарија. Но овие седум милиони тони не можат да бидат причина за сегашното загадување, бидејќи се во периодот 2012 – 2014 година, освен ако не е целта суптилно да се порача дека за загадувањето е виновно ВМРО-ДПМНЕ. Во истата вест е содржана информацијата дека во 2019 година се увезени два милиони тони, од кои 75 проценти или еден и пол милион тони се секундарни суровини – старо железо. Фактите во написот се дека се увезени два милиони тони, најмногу секундарни суровини, и затоа насловот е дезинформирачки. И доколку кликбејт-насловот водеше кон читање на написот, ќе беше добро. Се чини дека многумина, вклучувајќи член на МАНУ, завршија само со читање на насловот, кој го потврдува широкораспространетото верување дека изворот на аерозагадувањето е согорување отпад. Самиот напис преку вклучување на 2012-2014 година, период на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, како и со вклучувањето на „Дрисла“ како конструкција исто така на ВМРО-ДПМНЕ, се обидува да ја префрли топката во дворот на опозицијата и да ја исчисти власта на СДСМ од одговорност. Како споредна жртва на написот е рециклирањето или многу фабрики што употребуваат секундарни суровини, поради тоа што не се прави разлика меѓу секундарните суровини и отпад наменет за согорување (алтернативни горива).
Деновиве на дневен ред на 130-та седница на Собранието во скратена постапка се измени на Законот за управување отпад, со кој се забранува увоз на отпад за согорување, по предлог на пратеничките Маја Морочанин и Лилјана Поповска од ДОМ. Во поддршка на законските измени, „О2 иницијативата“ сподели информации што нудат поглед заснован на факти. Најголем корисник на отпад за согорување е цементарницата „Усје“. Како што пишував во „ДУП-овите ќе ги одлучуваат изборите во Скопје“, не е јасно зашто на „Усје“ (и на „Фени“) му е дозволена употреба на алтернативни горива, а не е насочен на употреба на гас. „Усје“ има дозвола за употреба на 35 проценти алтернативни горива – отпад, што на годишно ниво претставува 35.000 тони. Ова бројка е далеку од седумте милиони тони од претходниот напис, но проблемот не е во бројките, суштината е недоверба во институциите.
„О2 иницијативата“ наведува дека во Италија помеѓу јануари 2017 и мај 2018 се извршени 54 истраги за организирана илегална трговија со отпад, каде што нашле дека повеќе од 4,5 милиони тони токсични супстанции не биле соодветно декларирани како опасен отпад, односно наместо скапо легално одлагање, нелегално се одлага во Источна Европа и Азија, често и низ форма на отпад за согорување, особено во фабриките за цемент.
Ранливоста на Македонија е во немање соодветна контрола на царина, соодветни инспекциски служби, лаборатории, судски постапки со кои би се заштитила. Мониторинг-системот на „Усје“ објавува делумни податоци. О2 смета дека не може да им се верува на индустриите што презентираат нивни мерења на емисии на загадувачки супстанции и за тоа го дава примерот со случајот на цементарницата „Требовље“ во Словенија. Таму, како и во „Усје“, се користел отпад, а ги штелувале вредностите на емисиите, кога биле повисоки од дозволеното. Регионот Засавје во Словенија, каде што е цементарницата, има највисока стапка на заболени од канцер. По десетгодишна борба, цементарницата е затворена.
Добра аргументација што ќе ја стави политиката пред голем предизвик да одлучат меѓу јавниот интерес и специјалниот интерес на „Усје“ и други. Дали политиката, како во случајот на Топилницата за олово во Велес, ќе се стави на страната на јавниот интерес и здравјето на граѓаните, ќе видиме наскоро.
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк
@sklek #Аерозагадување #МојВоздух