Во денешнава колумна драг читателу, ќе стане збор за познатиот хрватски македонист Горан Калоѓера, кој добар дел од својот живот со голема научна страст и љубов ѝ го посвети на македонската литература и култура. И сè уште со несмален жар го прави тоа за радост на сите нас што не сме одродени и откорнати од праизворот на ликвидираниот македонскиот идентитет што се случи со насилничкото менување на Името од страна на западните моќници. Тие што некогашната цивилизација на просветителството, науката и културата сега ја претвораат во отворено варварство.
Калоѓера е една од важните алки или столбови од мостовите што ги поврзуваат Хрватска и Македонија со длабоки пријателски и културолошки врски. Меѓу нив две се особено крупни и значајни, особено и од аспект на денешната болна македонска историска ситуација во која Македонците се турнати на колена и идентитетски обезглавени со варварското преименување. Обезглавени на најперфиден начин, на начинот на кој Западот се служи искривено и варварски со поимите како што се „демократија“ и „човекови права“. Цивилизацијата, која кога ќе го изговори зборот „демократија“ веднаш ги активира своите бомбардери полни со смрт и лета со нив кон земјите богати со нафта и други материјални ресурси. И тука за нив не е важно колку цивилни жртви ќе паднат: со десетици и стотици илјади. Неколку земји на Блискиот Исток добро го почувствуваа тој смртоносен западен „демократизам“, кој најмногу го туркаат Американците, но тука се и неколкуте моќни европски нации. Тој и таквиот, пак, западен цивилизациски „демократизам“ сега со идентитетскиот геноцид над нив го почувствуваа и Македонците. Нивната колективна глава Името со преименувањето за свои геостратегиски и други цели беше пресечена, како некогаш во Ерусалим од Ирод главата на Јован Крстител за крвавиот танц на перверзната Саломе. Таа што сега во македонскиот случај е отелотворена во Европа. Или, поисправно, Евроамерика. И што им остана на Македонците по овој валкан цивилизациски чин врз нив. Им остана, освестените и посветените да не го напуштаат праизворот и да ја чуваат и најаве и насоне својата историска и богата културолошка меморија, своите песни и ора со оној екстатичен македонски ороводен ведар извик: „И-и-и-их!“
Е, сега таа меморија, тој културолошки македонски имот што им се поклонува со идентитетската ликвидација на околните балкански хиени ја чува и над неа бдее со голема љубов и Горан Калоѓера. Ја чува и бдее во и од Хрватска. Малку долга дигресија, но беше потребна, драг читателу, за во овие мачни македонски премрежиња пак да се потсетиме на хрватско-македонските пријателски и културолошки врски на кои сега толку многу емотивно и моќно нè потсетува и Калоѓера. Конкретно во неговата татковина се имаат случено два крупни, извонредно значајни настани по однос на македонскиот идентитет и историска опстојба. И двата се врзани за две екстра крупни личности, преродбенски според својот духовен капацитет и судбински и културолошки подвиг. Станува збор за Константин Миладинов и за Кочо Рацин. Особено е трогателна хрватската приказна со Константин и неговиот, и на брата му Димитрија, Зборник на македонски народни песни со кој тој отпатувал првин во Москва, во словенофилска Русија, сметајќи дека таму лесно ќе ја објави златната книга на македонската преродба чие духовно злато никогаш нема да потемни. Но таму тој е студено примен, и неговите илузии широкоградоста на руското словенофилство се рушат. Таму како рефлексија на своето разочарување тој и ја пишува антологиската песна „Т’га за југ“, која започнува со мракот, студот и виулиците на рускиот север, за на крајот да финишира со топлиот и осветлен пејзаж на македонскиот југ. Обично многумина интерпретатори на таа сјајна романтичарска песна студената атмосфера за која пее поетот ја толкуваат како физички факт. А всушност станува збор не за физички, туку за ментален, душевен студ што го има доживеано како јанѕа Константин во Русија. И тој по неколкумесечен разочарувачки престој во неа тргнува со неотпечатениот Зборник подмишка кон родната земја. Да. Но чудни се божјите патишта, драг читателу, и Господ сака тој во Виена сосема случајно да се сретне со Јосип Јурај Штросмаер, Хрват, католички бискуп, сјаен интелект и космополит, идеолог и архитект и на идејата за збратимување во една заедница на јужнословенските народи. Широк и просветлен ум. Да. Имено, сега кога ги пишувам овие редови, драг читателу, не случајно, по аналогија, средбата меѓу Штросмаер и Константин ми ја довикува во свеста сликата на апостол Павле со Македонецот во Троада. И двете овие далечни средби на свој начин, не е претерано, се судбински по однос на Македонија и Македонците. Средбата на Штросмаер со струшкиот поет е микрослика во однос на онаа од Библијата меѓу Павле и Македонецот, па сепак е толку многу значајна и судбинска, во убавата смисла на тој поим, за Македонците.
Особено сега кога сме идентитетски ликвидирани, таа средба свети посилно и уште помоќно го шири својот културолошки круг. Но за нас таа има, ако може така да се каже, и онтолошко значење како колектив, или простонародски речено, мелем на рана. Како онаа во Библијата, и оваа средба меѓу Штросмаер и Константин Миладинов како да е осветлена и договорена под покровителство на самиот Господ. А тоа, драг читателу, јас го читам и како знак во далечна перспектива дека Создателот, чија наука на љубовта на Синот најревносно ја проповедаа и раширија имено Македонците, нема да ги остави нив да исчезнат во идентитетска смрт. Ќе им подаде рака и ќе ги извлече како дијамант од калта на оваа цивилизација што ја обновува сликата, па дури и ја надминува во перверзија, на развратните старозаветни дувла Содом и Гомор.
Всушност, за случката во Виена. Сѐ си мислам дека ако таа не се случила не се знае дали воопшто ќе се зацврстело и по кој пат ќе тргнело македонското идентитетско битие. Важна е, извонредно е важна во тој културолошки и онтолошки контекст таа. Од тука до небото македонска благодарност на католичкиот хрватски бискуп, кој ја разбрал драматичната песна и душа на струшкиот поет и како песна и душа на еден колектив, на едно, како што би рекол Блаже Конески, столчено племе. И тој му подава рака на душевно смрзнатиот од пречекот во словенофилска Русија поет, расен собирач на народни умотворби, му ја отстапува својата вила во Ѓаково да доработи некои варијанти на Зборникот, а потоа и го печати него во 1861 г. Така и излегува на виделина раскошниот македонски творечки гениј, способен како школката бисер да создава убавина од болката оти и тој како Достоевски отсекогаш мислел дека само Убавината е способна да го спаси светот. Ама не испадна така. Во Преспа тој беше идентитетски заклан заради неа. Како што им го стори тоа Европа и на Богомилите, кои тргнаа од Македонија кон неа за етички и морално да ја превоспитаат во изворниот дух на христијанството.
Тоа и така. Вториот голем културолошки чин, пак, судбински по однос на македонската колективна опстојба, е излегувањето во Самобор – Хрватска во 1939 година на Рациновата поетска книга „Бели мугри“, култна во македонската ризница на духот и меморијата. Таа, природно, е дел на еден и ист културолошки и онтолошки организам, и амалгамски се врзува за духовниот идентитетски флуид на Зборникот на Браќата Миладиновци, на кој му претходи брилијантната кај нас, за жал, подзаборавена „Славјаномакедонска историја“ на Ѓорѓија Пулевски, а по Зборникот капиталното дело на Крсте Петков Мисирков „За македонцките работи“. А потоа на тие знаменити преродбенци-мартири во таа плејада на нив се надоврзува со своето непроценливо дело по однос на македонскиот идентитет и Блаже Конески. Всушност Мисирков, Рацин и Конески, а тука е и Димитрија Чуповски, го составуваат ’рбетот на македонската национална мисла на минатото ХХ столетие. И тие, сега кога нè преименуваа и идентитетски обезличуваа требаше да ни бидат инспирација за одбрана, и да го потсилат моќно нашиот нагон за постоење и опстојба на праизворот, на генезата. Инспирација пред сè на академиците во МАНУ, универзитетските интелектуалци и преостанатата интелигенција. Ама сите тие очајно, кукавички потфрлија во тоа и видовме што ни се случи, со каква перверзна леснотија се изведе идентитетскиот геноцид над Македонците. Страшно и тажно!
Токму така. Ете затоа, драг читателу, толку многу ме трогна во таквата македонска драматична историска ситуација, која ние ја отспавме, загриженоста за неа на еден условно речено „странец“, „туѓоземјанин“, а кој всушност се покажа поискрен и поголем борец за македонизмот од нас. А веќе кажавме кој е тој: македонскиот проверен пријател од Хрватска, професорот Горан Калоѓера (Дубровник 1951). Тој, во функција и на македонски конзул во Риека, енергично го одби срамниот предлог на нашата/ненаша квислиншка влада да го промовира, како актуелен конзул и истакнат македонист, новиот, геноциден со фашистички мирис бренд Северна Македонија. Македонија, значи со смртоносната за македонскиот идентитет придавка северна.
Во неколку црти, колку за твоја информација, драг читателу, универзитетскиот професор Горан Калоѓера (патем кај нас и надворешен член на идентитетски до бескрај анемичната предавничка МАНУ и почесен доктор на универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје) во 1985 година докторирал на темата „Македонско-хрватските и хрватско-македонски книжевни врски од нивните почетоци до 80-тите години на ХХ век“. Пред тоа тој во 1981 г. веќе бил вработен како асистент на Катедрата за македонски јазик и книжевност при Педагошкиот факултет во Риека. Страсен македонист, тој е автор на повеќе книги од областа на македонистиката во кои се разгледуваат со една акрибична научна анализа македонско-хрватските книжевни врски и во еден поширок културолошки контекст. Во неговото видно поле е посебно нагласено творештвото на македонските културни дејци од ХIХ и ХХ век: Браќата Миладиновци, Жинзифов, Шапкарев, Прличев, Мисирков, Рацин и други. Тоа се сè духовни личности-визионери со чие дело и подвиг се гради на цврста основа идентитетската и културолошка слика на македонското колективно битие. Но народот што на светот што сега идентитетски го ликвидира него, во согласност со визијата на Гоце Делчев гледаше како на „поле за културен натпревар на народите“. Арно ама наместо тоа, тој стана повеќе поле за варварство отколку за култура, и тоа, парадоксално, благодарение на западната варваризирана сега евроамериканска цивилизација. Двете светски војни во минатото столетие што самата таа си ги подготви и реализира се најдобар пример за тоа. Но и по нив фашизмот на Западот не згасна. И големиот германски писател и хуманист Томас Ман го констатира тоа по завршувањето на Втората светска војна со пророчката изјава дека Хитлер е победен, но не и фашизмот, што сега како илустрација се покажа и примерот на идентитетската ликвидација на Македонците.
(продолжува)